ВМРО-ДПМНЕ: Изградба на автопат од Скопје до Штип
„Проектот за изградба на автопат од Скопје до Штип по траса на потег од Миладиновце преку Св. Николе до Штип претставува целосно ново решение за поврзување на источниот дел од државата со главниот град, преку автопат во должина од 49 км. За новиот автопат во завршна фаза е изработката на главен проект со ширина од 28,4 м и тоа две коловозни ленти со по две сообраќајни ленти во еден правец со ширина од 3,75 м и по една застанувачка лента со ширина од 2,5 м, како и една разделна лента помеѓу двата коловоза. Трасата започнува од клучка кај Миладиновце, потоа продолжува помеѓу населените места Сушица и Дивје, до најниска точка на превојот Дервен. Трасата минува и меѓу Малино, Крушица и Преод. Трасата продолжува со следење на веќе изградениот пат Св. Николе–Кадрифаково, минува јужно од населените места Ерџелија, Мустафино, и северно од Пеширово и Амзабегово. Понатаму, помеѓу населените места Вршаково и Криви Дол, следејќи го постојниот пат продолжува кон Штип. Крајот на трасата на автопатот завршува на новата локација на клучката Три Чешми, преку кој сеобезбедува врска со патните правци кон Кочани и Струмица. На овој автопат предвидени се седум клучки и тоа кај: Миладиновце, Средно Коњаре, Преод, Св. Николе север, Св. Николе југоисток, Кадрифаково и Три Чешми. Вкупната вредност на проектот се проценува на околу 250 милиони евра. Доколку постапката за концесија на на-ведените делници не биде успешна т.е. не се добијат добри финансиски понуди, за изградба на делниците ќе се бараат други алтернативни начини на финансирање.“ [Рок: 2012 – 2018 година]
Образложение:
Во ноември 2011 година се одржале јавни настани на кои е разгледувана студија за оцена на влијанието врз животната средина за изградбата на автопатот Миладиновце-Свети Николе-Штип, кој треба да биде во должина од околу 53 километри.
Во текот на месец февруари 2014 година, беше асфалтиран еден километар како дел од изградбата на автопатот Скопје-Штип. Со ова се означи почетокот на изградбата која се очекува да се заврши за 4 години.
Линкови:
- Почнува изградбата на автопатот Скопје – Штип [Пристапено на: 11.04.2014]
Оценето од: Марија Теговска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар