ВМРО-ДПМНЕ сè уште делува според стариот статут

Фото: Принтскрин

 

По лидерската промена во ВМРО-ДПМНЕ, партијата отпочна постапка за изработка на нов партиски статут, за којшто лидерот Христијан Мицкоски најавуваше дека ќе биде усвоен најдоцна до февруари минатата година (2018), но тоа досега (17.06.2019) не се случи.

Процесот трае, не е завршен, очекувам да заврши крајот на овој месец, евентуално средината на февруари (2018). Јавноста ќе биде запознаена со сите статутарни измени, во кој дел е интервенирано. ВМРО-ДПМНЕ во минатото беше пионер на сите иновации што се однесуваат на политичката сцена, еве прва партија којашто целосно влегува во едно зголемување на демократскиот капацитет на тој документ, изјави Мицкоски во емисијата „Топ Тема“, емитувана на телевизијата „Телма“ на почетокот на минатата година.

[Извор: Телма ТВ / Топ Тема: „Интервју со Христијан Мицкоски“, датум 12.01.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Набрзо по внатрепартиските промени во ВМРО-ДПМНЕ после поразот на локалните избори, новото партиско раководство на чело со Христијан Мицкоски започна процес за измена на партискиот статут со цел, како што соопштија на крајот на 2017 година, зацврстување на партиските органи, нивната независност и дополнителна демократизација на партијата.

Притоа, опозициската партија ги повика сите свои членови да учествуваат во процесот на демократизација на статутот и во таа насока да достават предлози до Статутарната комисија.

Па, така, на самиот почеток на 2018 година, Мицкоски изјави дека процесот за усвојување на новиот партиски статут треба да заврши во јануари или најдоцна до средината на февруари истата година, но оваа негова изјава се покажа невистинита. Инаку, како што тогаш објасни Мицкоски, суштината на овој процес е структурите во пониските партиски нивоа, како општинските комитети, да бидат избрани на директни непосредни избори од страна на членовите на партијата.

Меѓутоа, наместо како што беше ветено, новиот статут на ВМРО-ДПМНЕ да биде готов до крајот на февруари (2018), до август (2018) беше изготвенa само нацрт-верзија на статутот, во однос на која некои општински комитети имаа низа забелешки. Имено, тие главно се однесуваат кон одредбите кои забрануваат фракционерско делување, па дури и јавно искажување на различни ставови од декларираната партиска политика, додека кандидатите за јавни функции мораат да потпишат и изјава за безусловна оставка во случај на независно делување.

Досега (17.06.2019), сè уште не е готов новиот статут на опозициската партија, според кој ќе треба да се формираат и две нови партиски тела – совет на претседателот и совет на Извршниот комитет.

Во меѓувреме, партијата функционира според стариот статут сè додека, како што велат оттаму, не добијат позитивно мислење за предлогот од сестринските народни партии од Европа.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Влатко Стојановски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните,

Оставете реакција