ВМРО-ДПМНЕ сепак понуди решенија за надминување на кризата

СДСМ, седиште. Фото: META

 

СДСМ издаде соопштение за јавноста во кое се оценува дејствувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, при што тврдењето може да се оцени како полувистина:

Во период кога државата, но и целиот свет се справуваат со големата здравствена криза предизвикана од корона вирусот, ВМРО ДПМНЕ не понуди ниту едно решение за полесно надминување на предизвиците, туку остана доследна на ширењето лажни вести со кои го поткопува здравствениот систем и создава паника и страв кај граѓаните.

[Извор: СДСМ/веб – Соопштение – датум: 21.04.2020]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Владејачката партија СДСМ излезе во јавноста со оценка за опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, при што во главниот став/изјава на партијата се наведува дека опозициската партија „не понудила ниту едно решение за кризата, туку останала доследна на ширење лажни вести“, што е полувистина.

Неспорен факт е дека ВМРО-ДПМНЕ од почетокот на корона кризата повеќе пати комуницираше со јавноста со невистинити информации, кои навистина можат да имаат негативни последици врз повеќе сегменти и во здравстевниот систем и кај граѓaните. Впрочем, СДСМ во соопштението точно ги лоцира поголемите невистини што беа соопштувани од ВМРО-ДПМНЕ како партија или дел од нејзините функционери – „над 140 илјади луѓе веќе останале без работа“, дека во даден ден „останале само уште 100-тина тестови за корона вирусот“, потоа повеќе варијации на тема дека „системот крахира“, дека епидемијата „коси во земјата поради неспособноста на власта“ или од типот „вонредната состојба е воведена поради злоупотреби“. Голем дел од овие невистини или спинови биле анализирани од „Вистиномер“.

Сепак, тврдењето на СДСМ дека ВМРО-ДПМНЕ не понудила ниту едно решение за кризата е невистинито. По првичните несусогласени реакции од опозициската партија, тие уште на 13.03. 2020 излегоа со сет консолидирани мерки од кои дел се однесуваа на справување на кризата од аспект на здравствените власти, а дел беа економски мерки што ги предлагаше партијата. Тоа на тој датум го соопшти претседателот на опозициската партија Христијан Мицкоски. Оттогаш па до денес повремено се навраќаат на тие мерки или соопштуваат нови предлози, каков што беше предлогот за обезбедување пари во буџетот преку зафаќње на средствата што се влеваат во Вториот пензиски столб и нивно трансферирање кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Сосема е друго прашањето на квалитетот и спроведливоста на мерките што ги предлага ВМРО-ДПМНЕ. Од масовното тестирање со т.н. брзи тестови, до целосното покривање на голем дел од вработените погодени со кризата со целосен износ на платата, до интеревенцијата во пензискиот систем. И овие предлози на ВМРО-ДПМНЕ, исто така, биле предмет на анализа во „Вистиномер“. Но, дека предлагале мерки, предлагале.

Оттука, соопштението/изјава на СДСМ дека само продуцирале лажни вести, а не предложиле ниту една мерка, го оценуваме како полувистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Teo Блажевски

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција