ВМРО-ДПМНЕ: Скијачки центар Попова Шапка

Фото: Скриншот Порталб

Ќе изградиме модерен високо квалитетен скијачки центар во Република Македонија, кој ќе обезбеди квалитетно рекреативно искуство за локалните и регионалните скијачи и сноубордери. Ќе изградиме нови ски патеки за сите нивоа на скијачки вештини кои во третата фаза ќе зафаќаат 270ха (76 км) совршено балансирани скијачки патеки. Исто така, предвидено е модернизирање на постоечките и изградба на нови сместувачки капацитети и услужни објекти, зголемување на бројот на паркинг-места, изградба на систем за производство на технички снег и изградба на нови жичари и ски лифтови, со што капацитетот на превоз на скијачи од сегашните 1.750 ќе се зголеми на 12.450 превезени скијачи на час во третата фаза. Проектот се одвива етапно во три фази: Во тек е реализација на првата фаза која предвидува изградба на шестоседна жичарница со должина на трасата 1.420 м, со што уште во првата фаза ќе се зголеми бројот на капацитетот на превезени скијачи на 3150 лица, а должината на скијачките патеки на 18км (80ха). Во рамки на оваа фаза предвидена е изградба на паркинг за јавна намена со капацитет од 350 возила, осветлување и пристапен пат и изградба на систем за вештачки снег. За подобрување на квалитетот на сместување, предвидена е изградба на нов спа хотел на местото на хотел „Славија“ на Попова Шапка, со категоризација од четири ѕвезди. Понатаму, во оваа фаза е предвидена и изградбата на „Сноуборд парк” и инсталирање на електронски систем за печатење и евиденција на ски билети. Со изградба на втората фаза, капацитетот на жичарниците ќе се зголеми на 6600 превезени скијачи на час, а површината на скијачките патеки ќе достигне 128ха (37 км). За изградба на втората фаза од Мастер планот, АД ЕЛЕМ ќе објави јавен повик за избор на партнер за заедничко вложување. Буџет: за прва фаза 30.000.000 евра, а за втора фаза 50.000.000 евра  (Рок: За ПРВАТА фаза 2014-2017 година, а за ВТОРАТА фаза 2016-2021)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изградба на „мега атрактивен скијачки центар Попова Шапка“, ВМРО-ДПМНЕ вети и во предизбориeто за предвремените парламентрани избори во јуни 2011 година. Во Манифестот за реформи и развој – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2011 – 2015) (Туризам  , стр. 136),  за овој  проект пишува:

Во насока на искористување на максималниот потенцијал што го нуди „Попова Шапка“, во 2010 година изработивме мастер-план за развој на овој скијачки центар. Веќе од 2011 година ќе започне модернизацијата на постојните и изградба на нови скијачки капацитети. Проектот вклучува унапредување на скијачката инфраструктура, патеки и ски-лифтови. Планирана е изградба на инсталација за вештачки снег, со што ќе се обезбеди поквалитетна и подолга скијачка сезона, како и изградба на нови, современи жичари и ски-лифтови кои ќе бидат со голем капацитет и поголема брзина и ќе ги задоволат потребите на скијачите. Сиве овие активности повлекуваат и изградба на нов хотел со четири или пет ѕвезди, поголем паркинг-простор и реконструкција на постојните и изградба на нови сместувачки капацитети. Покрај тоа, се предвидува изградба на ресторани од типот на т.н. „бачила“ блиску до скијачките патеки. Се планираат и активности за продолжување на туристичката сезона во текот на целата година преку организирање на трки со БМХ мотори и алпинистички велосипеди, параглајдерство, планинарство, алпинизам, спорт и рекреација. Со реализацијата на овој значаен проект, Попова Шапка ќе прерасне во атрактивен планински ресорт и мега популарен спортско-рекреативен центар кој ќе им биде конкурентен на познатите европски скијачки центри. Средствата за реализација на овој проект ќе бидат обезбедени од АД ЕЛЕМ како сопственик на дел од објектите, приватни домашни и странски инвеститори, а ќе се разгледа и можноста за користење на европски фондови за прекугранична соработка. [Рок: 2011 – 2015*]

Во ноември 2012 година, Владата на РМ усвои мастер-план за инвестирање во туристичкиот центар Попова Шапка. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ (во тоа време и премиер), Никола Груевски,  тогаш соопшти дека планот ќе се спроведе  во три фази. Во првата  фаза „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) ќе инвестира 30 милиони евра во нова шестоседна жичарница, во нови патеки и проширување на постојните,  во поголеми паркиралишта и реконструкција  на главниот пат. Во втората и третата фаза ќе има големи инвестиции за изградба на хотели и ресторани и за нив Владата на меѓународен оглас ќе побара концесионер.

Ова е сериозна инвестиција во Попова Шапка. Целта е таа да стане еден голем европски центар за привлекување туристи и скијачи. Се внимава и на тоа  и во лето, кога нема снег, да има интересни содржини на Шапка. Мастер-планот дава сеопфатна содржина на активностите кои Владата заедно со потенцијални приватни партнери треба во иднина да ги прави, за Попова Шапка да прерасне во еден од најдобрите европски центри за скијање. (Груевски)

Во август 2013 година ЕЛЕМ објави оглас за избор на најповолен понудувач што ќе проектира и ќе изгради жичара – шестосед во скијачкиот центар Попова Шапка. Тогаш беше соопштено дека најповолниот понудувач на тендерот ќе добие рок од 12 месеци за целосна реализација на проектот. А заинтересираните компании треба да ги достават своите понуди до дирекцијата на ЕЛЕМ најдоцна до 23 септември (2013 година).

Во декември 2013 година  Петре Димитриевски, менаџер на скијачкиот центар Попова Шапка, во изјава за медиумите  изрази надеж дека

наредна година (2014) скијачкиот центар Попова Шапка ќе има вештачки снег, езерото некаде 50 потсто е направено, мрежа треба да се пушти наредна година. Без вештачки снег скијачкиот центар Попова Шапка не може да функционира.

Во февруари 2014 година беше соопштено дека Електрани на Македонија ги привршува подготовките за изградба на ветената жичара – шестосед во рамките на скијачкиот центар Попова Шапка. Проектната документација веќе е изработена, а во претстојниот период ќе се бара изведувач. Монтирањето на новата жичара се најавува дека ќе почне во текот на оваа година. (2014) ).

Во Отчетот за сработеното на Владата на Република Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, 2011-2014, даден во пред вонрдените паралемарни избори во април 2014 година,  во делот „ Туризам “,  за проектот „Скијачки центар Попова Шапка“, е наведено:

Започна со реализација првата фаза од вкупно предвидените три фази за изградба и модернизација на скијачкиот центар Попова Шапка согласно Мастер план студијата за развој. АД ЕЛЕМ започна со инвестиции за изградба на нова шестоседна жичарница со должина на трасата 1.420 м и иницијален капацитет за транспорт на скијачи до 2.400 скијачи на час, со што ќе се зголеми капацитетот на превезени скијачи на час, од сегашните 1750 на 3150 лица, а должината на скијачките патеки на 18 км (80 ха). Новата жичарница, ќе се пушти во употреба во зимската сезона 2014/2015 година. Во рамките на оваа фаза е и проектот за изградба на паркинг со капацитет од 350 возила, осветлување и пристапен пат, со што ќе се надминат досегашните проблеми со кои се соочуваа туристите на Попова Шапка. За обезбедување услови за подолга скијачка сезона, како дел од оваа фаза е и изградбата на системот за заснежување. Во 2013 година започната е изградбата на Отворениот резервоар за вода, која треба да заврши до крајот на оваа година. Со цел да се подобри квалитетот на сместување во овој центар, АД ЕЛЕМ изработува проект за изградба на нов спа-хотел на местото на хотелот „Славија“ на Попова Шапка, со категоризација од четири ѕвезди. Во текот на 2014 година ќе започне и изградбата на Сноуборд-паркот на Попова Шапка.

Во мај 2014 година беше соопштено дека  Попова Шапка ќе добие  нова жичара за идната зимска сезона (2015).

Италијанската компанија „Леитнер“ (Leitner AG/Spa) ќе ја проектира и ќе ја гради шестоседата жичара во рамките на скијачкиот центар Попова Шапка. Нарачателот ЕЛЕМ (Електрани на Македонија) потпиша договор во вредност од 581.002.500 денари или околу 9,4 милиони евра, со кој ќе се реализира долгонајавуваниот проект најдоцна до првото тримесечје на 2015 година 

Оттогаш наваму во медиумите не може да се најдат податоци  околу реализацијата на овој проект. Во јануари 2016 година во некои медиуми имаше  информација дека иако, Владата веќе неколку години најавува дека Попова Шапка ќе прерасен во модерен скијачки центар, сепак досега на терен  ништо конкретно не е реализирано.

На 24 јануари 2016  од редакцијата Порталб биле на Попова Шапка и не забележале никакви градежни активности на терен. Претставници од компанијата ЕЛЕМ, за Порталб изјавиле дека  сѐ уште се во првата фаза на проектот (?!).

Оваа фаза ќе трае до 2017 година и во неа ќе се предвидат поголемиот број на инвестиции за кои се зборуваше во изминатите години. Токму во овој период ќе се изгради жичарата со кабини за 6 лица, со што ќе се подобри инфраструктурата на овој скијачки центар. За оваа намена избрана е компанијата што ќе ги изведува работите. Таа се очекува да започне со работа по оваа скијачка сезона. Во текот на првата фаза е предвидена изградба на системот за производство на вештачки снег. За ова се започнати првите активности, како и проширување на местото за паркинг, воведување на електронскиот систем за карти и неколку други работи” ( Јованка Стојанова – раководител на Друштвото за туризам, хотелиерство, рекреација и спорт „Елем Турс”)

Од сето ова јасно се гледа дека во изминатите пет години ( од 2011 година досега)  од Владата и од ЕЛЕМ главно имало најави и технички активности (оглас, проектна документација), но не и конкретни градежни зафати за реализација на проектот „изградба на модерен високо квалитетен скијачки центар на Попова Шапка“, така што, ова изборно ветување  е неисполнето.

ЛИНКОВИ:

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција