ВМРО-ДПМНЕ: Топлификација на градот Битола
Владата на ВМРО-ДПМНЕ во следниот четиригодишен период ќе го реализира долгоочекуваниот проект за изградба на топлификациски систем за централно греење во градот Битола и во соседните општини Новаци и Могила. Преку користење на отпадната неискористена топлинска енергија од РЕК Битола, со реконструкција на топлинските системи, изградба на магистрален топлински вод во должина од околу 12.5 км од РЕК Битола до градот Битола, како и модернизирање на постојната примарна и секундарна топлинска мрежа, ќе се овозможи дел од енергијата која се произведува во РЕК Битола да се користи за греење на домаќинствата и индустриските капацитети. Инвестицијата би била во висина од 35-40 милиони евра, со рок на изградба од 24 месеци. Средствата ќе се обезбедат од ЕЛЕМ и од учеството на општините Битола, Новаци и Могила, а доколку има можност ќе се користат и европски фондови наменети за зголемување на енергетската ефикасност. За определени сегменти од проектот ќе се разгледа и моделот на јавно-приватно партнерство. [Рок: почеток на изградба во јуни 2012]
Образложение:
И покрај најавите од јануари 2012 година за почеток на изградба на топлификацискиот систем, заклучно со 30 јуни 2012 година, не постојат јавно достапни информации дека на терен е започнато со градежните работи. [Ажурирано на: 11.06.2012]
Според официјалниот документ на Владата на РМ, Речено – Сторено: Отчет за работењето на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициони партнери 2011-2012, во тек е изработка на студија за потенцијалниот инсталиран топлински конзум. Според ова, може да се заклучи дека се уште не е отпочната изградбата, иако рокот за почеток беше јуни 2012 година. Ова ветување се оценува како неисполнето. [Ажурирано на: 15.09.2012]
Линкови:
- Радио Слободна Европа (18.01.2012): Битолчани ќе чекаат топловод уште 2 години. [Пристапено на: 03.07.2012]
- Влада на РМ: Речено – Сторено: Отчет за работењето на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициони партнери 2011-2012. [Пристапено на: 15.09.2012]
Оценето од: Дејан Димитриевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар
Исходот од ова истражување не е целосно точен бидејќи сеуште се во тек активностите.
Имено овој проект е иницијално финансиран од ИПА средствата за меѓугранична соработка и веќе е изработена студијата за оправданост за приклучување на општините Битола, Могила и Новаци на централен систем на греење од РЕК Битола. Студијата покажа дека во моментов е оправдано само приклучувањето на општина Битола.
Во тек е процедурата на избор на консултант кој ќе ги изработи проектите за приклучување на потрошувачите на топлификационата мрежа, по што ќе следува проектирање на самата топлификациона мрежа и нејзина изградба.
Работата е во тек, а одолговлекувањето е заради процедурите на ЕУ (бидејќи како што кажав средствата се од ИПА фондовите).
а зошто ветувате “[Рок: почеток на изградба во јуни 2012]” кога незнаете да процените кога точно ќе бидат преговорите, кога ќе се избира консултант, се Вие нешто не сте криви … ЕУ се чека, овај се чека, онај се чека … а Вие кривица никако ??? значи дефинитивно: ветеното за ова не е исполнето ! (БЕЗ РАЗЛИКА КОЈ Е КРИВ) … ако речевте “[Рок: почеток на изградба во јуни 2013]” никој збор немаше да ви речи, ама Вие од кабадајлук си го мавате чеканот по глава.