Внимавајте, лажен лек кој наводно го враќа видот се продава на Фејсбук
Приказната за македонски студент кој наводно измислил лек кој го враќа оштетениот очен вид е измислена. Станува збор за лажна реклама која има за цел да ги измами граѓаните и да собере пари од нив.
Приказната за македонски студент кој наводно измислил лек кој го враќа оштетениот очен вид е измислена. Станува збор за лажна реклама која има за цел да ги измами граѓаните и да собере пари од нив. Нашата проверка покажа дека станува збор за уште една во низата лажни реклами на социјалните мрежи кои имаат за цел да ги мамат граѓаните наведувајќи да купуваат лажен производ
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која рекламира сомнителен производ за очи и вели:
Го враќа видот 100% за само 7 дена и трајно ги отстранува сите проблеми со очите – загарантиран резултат за сите!
Постот нуди линк на кој можете да најдете интервју со македонски студент кој наводно ја добил највисоката медицинска диплома – награда во земјава за откривање „магична“ формула за враќање на видот на која било возраст.
20-годишен студент од Македонија доби награда во областа на медицината за откривање на уникатен метод за ЦЕЛОСНО враќање на видот без хируршка интервенција. Невообичаеното откритие на Мартин Трајковски ја воодушеви публиката на Меѓународната офталмолошка конференција, меѓу која беа и водечки медицински експерти – реномирани офталмолози, професори и доктори на науки. Мартин Трајковски создаде единствена формула за враќање на видот, а во нејзиното производство беа вклучени водечките научни институции во Македонија. Експертите од Институтот за офталмологија и микрохирургија на очите директно учествуваа во создавањето на револуционерен нов производ за вид и го нарекоа овој метод сензација во офталмологијата. Моментално, сите клинички тестови се успешно завршени и производот базиран на формулата Мартин сега е достапен за пошироката јавност!, стои во написот.

Производот кој се рекламира и кој наводно го враќа видот се капки за очи се вика „ју-си“ (uSee).
Нашата проверка покажа дека ништо од ова не е вистина и дека станува збор за уште една во низата лажни реклами на социјалните мрежи кои имаат за цел да ги мамат граѓаните наведувајќи да купуваат лажен производ.
Прво, капките за очи кои се рекламираат „ју-си“ и кои според тврдењето во рекламата, го враќаат видот на која било возраст, не постојат во македонскиот регистар на лекови.

Доколку капките ги побарате на Гугл, ќе видите дека тие не можат да се најдат во ниту една аптека.
Иако лекот не постои односно го нема во ниту една аптека, ниту е регистриран во Македонија, тој им се нуди на следбениците на социјалните мрежи со наводен попуст од 50 отсто за 1.200 денари.

Приказната за некаков иноватор на овој лек, македонски студент, е измислена. Станува збор за лажна реклама која има за цел да ги измами граѓаните и да собере пари од нив.
Според тоа, објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар