Во 1918 година воопшто немало вакцина против грип

Фото: (Image: courtesy of the National Museum of Health and Medicine, Armed Forces Institute of Pathology, Washington, D.C., United States.), CC BY 2.5 , via Wikimedia Commons

Од исечоците на весниците од 1918 година кои се претставени во објавата, се забележува дека вакцините воопшто не се споменуваат, а предложените и користени мерки во тоа време, кореспондирале со сегашните – изолација, носење маски, одржување растојание… Пандемијата со шпански грип од 1918 година, е најсмртоносната во историјата, заболеле 500 милиони луѓе ширум светот, починале 20 до 50 милиони лица, а според некои проценки и 100 милиони. Самите бројки на починати се доказ дека вирусот не бил лажен. Не е вистина ни изнесеното во постот, дека вакцините биле отровни и луѓето умирале од нив откако биле излажани да ги примат. Напротив, вакцини немало и затоа ширум светот луѓето умирале во толку голем број. Вакцина против грип се појавила во четириесеттите години од минатиот век и први ја добиле војницитеф

Од исечоците на весниците од 1918 година, кои се претставени во објавата, се забележува дека вакцините не се споменуваат, а предложените и користени мерки во тоа време, кореспондирале со сегашните – изолација, носење маски, одржување растојание… Пандемијата со шпански грип од 1918 година, е најсмртоносната во историјата, заболеле 500 милиони луѓе ширум светот, починале 20 до 50 милиони лица, а според некои проценки и 100 милиони. Самите бројки на починати се доказ дека вирусот не бил лажен. Не е вистина ни изнесеното во постот, дека вакцините биле отровни и луѓето умирале од нив откако биле излажани да ги примат. Напротив, вакцини против грип немало и затоа ширум светот луѓето умирале во толку голем број. Вакцина против грип се појавила во четириесеттите години од минатиот век и први ја добиле војниците

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се споделени исечоци од весници кои датираат од 1918 година, од времето на Шпанскиот грип, а за кои авторот на постот тврди дека претставуваат „доказ“ дека луѓето биле лажени со вируси низ историјата. Во постот се вели:

Еве докази за нивното лажење со вируси низ историјата. 
Вакцините беа отровни.
 Умираа од нив. 
Излажана беше масата за да примат вакцини кои убиваат. 
Тоа е сатанска димензија… Смрт, смрт, се вели во постот што е предмет на на нашата рецензија.

Од исечоците на весниците кои се претставени во објавата, се забележува дека вакцините воопшто не се споменуваат, а дека епидемиолошки, со оглед на тоа што грипот претставува респираторно заболување, предложените и користени мерки во тоа време, кореспондирале со сегашните – изолација, носење маски, одржување растојание од другите луѓе, препорака да се избегнуваат места со слаба вентилација, препорака за избегнување на заеднички прибор за јадење и пиење, препорака при кашлање и кивање да се прекрие устата и носот. Од медиумските написи се гледа дека биле затворени и местата каде што се собираат многу луѓе, како на пример црквите, училиштата и театрите.

 

Грипот во 1918 година не е лажен вирус

Пандемијата со шпански грип од 1918 година е најсмртоносната во историјата. Заболеле 500 милиони луѓе ширум светот, починале 20 до 50 милиони лица,а според некои проценки и 100 милиони. Најнапред оваа пандемија се појавува во Европа, САД и делови од Азија пред да се прошири во целиот свет. Во тоа време немало ниту ефективни лекови, ниту вакцини за да се третира овој вид на вирус. На граѓаните им се наложувале заштитни мерки како носење маски. Училиштата, театрите и бизнисите се затворале, а пред вирусот да го заврши својот „глобален марш“ многу тела биле натрупувани пред мртовечниците.

Инфлуенцата или грипот е вирус кој го напаѓа респираторниот систем. Станува збор за многу заразен вирус. Кога инфицираното лице кашла, кива или зборува, респираторните капки се пренесуваат во воздухот и може да се вдишат од некој во близина. Дополнително, доколку некој допре предмет на кој го има вирусот и потоа ја допре устата, очите или носот, може да се зарази.

Пандемија со грип како онаа во 1918 година, се случува кога особено вирулентен нов сој на инфлуенца за кој има малку или воопшто нема имунитет, ќе се појави и ќе се прошири брзо од човек на човек.

Првиот бран на пандемијата од 1918 година се случил во пролетта и генерално бил благ. Болните кои имале типични симптоми на грип како треска, температура и замор, вообичаено закрепнувале за неколку дена и бројот на пријавени починати во почетокот бил низок.

Меѓутоа, вториот, многу заразен бран на инфлуенца се појавил есента истата година кога жртвите умирале за неколку часови или денови по појавата на симптомите. Кожата им посинувала, нивните бели дробови се полнеле со течност која предизвикувала да се задушат. Не е докрај јасно која варијанта на инфлуенца ја предизвикала пандемијата од 1918 година, но оваа варијанта првпат била забележана во Европа, Америка и делови од Азија пред да се прошири насекаде во светот за неколку месеци. Болеста станала познат како шпански грип, бидејќи Шпанија многу силно била погодена од вирусот. Шпанскиот грип напаѓал здрави млади луѓе, група која вообичаено е отпорна на вакви инфекции, како и војници.

Според Хистори (history.com), повеќе американски војници починале од грипот во 1918 отколку што биле убиени во Првата светска војна. Четириесет проценти од американската морнарица била заразена, а 36 проценти од американската армија била болна. Иако смртноста од овој грип се проценува на 20 до 50 милиони жртви ширум светот, други проценки се дека има 100 милиони жртви, што претставува три проценти од светската популација. Сепак точните бројки е неможно да се знаат.

 

Како лекарите се справувале со шпанскиот грип?

Кога се појавил Шпанскиот грип, докторите и научниците не биле сигурни што го предизвикува и како да го третираат. За разлика од денеска, немало ефективни лекови или антивирални лекови, или вакицни против грип. Првата одобрена вакцина против грип се појавува во Америка во 1940-тите години и таа исклучително помага да се контролира и превенира идна пандемија.

Спротивно на изнесеното во постот што го рецензираме, за време на шпанскиот грип од 1918 година, во светот немало ниту вакцини ниту моќни антивирални лекови, како што има денеска и кои значително помогнаа грипот да стане сезоснка инфекција којашто не носи смртност ни одблиску како онаа во 1918 година, кога ги немало овие моќни алатки за справување со болеста. Историските записи говорат дека во 1918 година имало толку многу голем број на пациенти заразени, што морале да се затворат училиштата, домовите и други јавни институции и да се пренаменат во болници, во кои некогаш лекувале и студенти по медицина. Како што тоа го покажуваат и фотографиите од исечоците од весниците кои се претставени во постот, во некои градови имало карантини, на граѓаните им се наложувало да носат маски и се затворале јавни објекти како училишта, театри и цркви. Луѓето биле советувани да не се ракуваат, да останат дома, библиотеките престанале да изнајмуваат книги. Без лекарства против грипот, многу лекари препишувале 30 грама аспирин на ден, доза која денеска се знае дека е токсична. Денеска, кога медицината е напредна, се знае дека доза повисока од 4 грама дневно е небезбедна. Симптомите на труење од аспирин се пулмонарна едема или собирање на течност во белите дробови и се верува дека дел од смртните случаи во 1918 се должат и на ова, на труење предизвикано од аспирин.

До 1919 година, оваа пандемија завршила, а тие што биле инфицирани или починале или стекнале имунитет. Во 2008 година, научниците објавија дека откриле зошто оваа пандемија била толку смртоносна. Група на три гени му овозможиле на вирусот да ги ослабне бронхиите и белите дробови и да го отворат патот за бактериска пневмонија. Од 1918 наваму, иако има пандемии со инфлуенца, ниедна не е толку смртоносна.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција