Во Бразил не се родило бебе на чии дланки пишувало „Исус се враќа“

Фото: hessam nabavi on Unsplash

Во Бразил, проверувачите на факти на „Е фарсас“ уште во 2011 година имаат констатирано дека оваа приказна со „бебето родено со залепени дланки на кои по операција пишувало Исус се враќа“ – е измислица која во тоа време се ширела преку синџир на пораки на мејл

Во Бразил, проверувачите на факти на „Е фарсас“ уште во 2011 година имаат констатирано дека оваа приказна со „бебето родено со залепени дланки на кои по операција пишувало Исус се враќа“ – е измислица која во тоа време се ширела преку синџир на пораки на мејл

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Се роди бебенце на чии раце пишува „Исус се враќа“.

Во склоп на објавата се споделува текст со наслов „Бог испрати знак! Се роди бебенце на чии раце пишува „Исус се враќа“.

Текстот споделува наводен настан за кој се тврди дека се случил во Рио де Жанеиро, каде „се родило девојченце со споени дланки како да моли“.

Притоа лекарите им соопштиле на родителите дека ќе го оперираат девојчето под наркоза. Операцијата била многу едноставна, затоа што дланките ѝ биле поврзани само со тенок слој кожа. Но, кога ги отвориле дланките на детенцето се изненадиле. На нив виделе дека е испишано „Исус се враќа“. Лекарите почнале да плачат како и сите останати во болницата. Луѓето од предградието Итагуа како да се препородиле. Тие кои се оддалечиле од црквата почнале да се враќаат, а други го прифатиле Исус како свој единствен спасител. Господ преку ова дете ни прати порака – Исус се враќа! За жал само неколку часа по операцијата бебенцето заминало од овој свет. Ја примивме пораката: Господарот на господарите се враќа. Тој сигурно доаѓа“, велат лекарите и локалните жители, пишува во текстот на линкот кој се споделува во објавата. 

„Вистиномер“ со проверка на фактите открива дека оваа приказна се споделува на интернет со години наназад и во смисла на некаков новитет во неа, нејзиното споделување нема ништо ново. Но, не е ни веродостојна!

Во Бразил, проверувачите на факти на „Е фарсас“ уште во 2011 година имаат констатирано дека оваа приказна со „бебето родено со залепени дланки на кои по операција пишувало Исус се враќа“ – е измислица која во тоа време се ширела преку ланец на пораки на мејл.

Трагичната приказна е лажна. Нема никакви податоци во официјалните медиуми за ваков настан. Кога ќе се изанализираат некои поенти од текстот, евидентно е дека оваа невистинита приказна се појавува постојано, секоја година, без да се наведе времето на наводното раѓање на бебето. Секоја година ја добиваме оваа приказна, текстот никогаш нема точен датум, а не е наведена ни болницата во Итагуа, пишува „Е-фарсас“. 

Итагуа е град лоциран во Рио де Жанеиро, оддалечен 73 километри од главниот град.

Никој не ги има интервјуирано родителите на наводното бебе, а ваква вест би била објавена (доколку е вистинита) во бројни медиуми! Кога ја пребаруваме, ја наоѓаме само на блогови, пишува „Е-фарсас“.

На сајтот на порталот „Итагуаи“, постои архивиран запис од 2007 година во кој се зборува дека оваа гласина од објавата што ја рецензираме во 2007 година била толку многу силна и раширена, што предизвикала огромна загриженост кај населението: не поради тоа што настанот се случил, туку поради тоа што е непостоечки.

Фактот што директорот на општинската болница „Сао Франциско Хавиер“, Ана Марија Фонсека ги отфрли тврдењата дека се родило бебе со аномалија во последните месеци во Итагуаи, не ја намали фамата околу гласината што доби интернационални размери, откако необична приказна почна да циркулира низ градот, дека бебето на рацете после операција имало знак „Исус Христос ќе се врати“. Според гласината, бебето за неколку часа починало. Наводниот феномен беше причина новинарите да прашуваат дали е вистинит, и почна да се дискутира прекугранично, ширум светот, пишува во текстот.

Некои верзии на измислената приказна исто така содржат фотографии од бебето, дигитално изменети или пак, во кои се употребуваат фотографии од други бебиња објавувани во различни контексти. Во дел од нив на рака на фотографија од бебе, било компјутерски испишано „Исус се враќа“ за „сторијата“ да изгледа поверодостојно.

Од 2007 до денес, оваа неверодостојна „приказна“ е демантирана од страна на бразилските сајтови кои наведуваат дека таа и покрај новинарските обиди не била никогаш потврдена, туку, напротив,од страна на директорка на болница – била демантирана.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција