Во екот на епидемијата со коронавирус „процветаа“ и лажните мејлови

Фото: Принтскрин колаж- pikist.com

 

Во екот на пандемијата со коронавирусот,,процвета” праксата да се злоупотребуваат меморандуми, жигови и симболи на државни институции и да се фалсификуваат соопштенија, наводно, официјално испратени од здравствените власти. Максимално се искористуваат техничките компјутерски можности за фалсификат и измама во оваа смисла,  а секогаш резултатот е обид за дезинформирање по принципот ,,кој наседне, наседне”.

 

Пишува: Мирослава Бурнс

 

Последниот обид за ширење на невистини во екот на пандемијата е мејлот, наводно, испратен од адреса и со потпис на Министерството за здравство.

Мејл – адресата многу наликува на онаа на официјалната државна институција, а во содржината непознатиот испраќач им се заканува на примателите на електронската пошта со нивно апсење и гонење. Освен тоа, во насловот на мејлот, лажно му се соопштува на примачот дека:

Еден од неговите контакти е заразен со Ковид 19 и затоа е потребна дополнителна акција.

Сето ова е несмасна лага за која веќе постапува и одделението за компјутерски криминал  и дигитална форензика при МВР.

На едно место во мејлот, кој граѓаните го добивале на лични и службени адреси ширум земјата, вирусот се нарекува „ Ховид 19“ !

Почитуван примател, мојот колега ве контактираше порано, но немаше одговор од вас. Претходно минатата недела имаше три потврдени случаи на Ховид 19 во вашата област и еден од пациентите Ве наведе како еден од нејзините физички контакти во последните 14 дена. Во согласност со модалитетите на контактните траги и законите на кои работиме во Министерството за здравство на Македонија, препорачуваме да поднесете тест за Ковид 19. Потребните детали за вашето назначување во Министерството за здравство на Македонија се содржани во приложената форма. Прочитајте ги упатствата правилно и проверете дали сте тестирани, бидејќи неуспехот на тоа ќе резултира во апсење и гонење. Ако имате какви било прашања во врска со оваа е пошта, слободно контактирајте ме во секое време. Со почит, Др. Адметос Јовановска.

 

 

За да се добие впечаток на поголема веродостојност, на крајот од електронската пошта има и потпис на наводниот доктор, но со обично разгледување се гледа дека потписот е на латиница и е од „С. Карлтон“ а не од ,,Јовановска”.

 

 

 

Меѓутоа, деталите на крајот од мејлот, адресата: contacts@zdravstvo.gov.mk , која само во една буква се разликува од онаа официјалната на Министерството за здравство:contact@zdravstvo.gov.mk , а која медиумите ја користат за да ги поставуваат своите прашања, откриваат дека станува збор за лажен мејл и дезинформација која ги заплашува граѓаните и можеби цели да извлече и некои дополнителни информации од нив. Но, прашање е колку лица успешно ќе забележат дека има само една буква разлика меѓу официјалната и лажната адреса од Министерството за здравство.

Министерството за здравство упати апел до граѓаните да не наседнуваат на оваа лажна електронска комуникација.

Ширењето на лажни информации, особено во овие кризни времиња, е опасно за здравјето и безбедноста на граѓаните и штетно за целото општество

Во комуникацијата го има и жигот на Министерството за здравство, името, точниот телефонски број и адреса на институцијата.

Затоа, граѓаните мора да отвораат „четири очи“ кога примаат медиумски производи, но и кога добиваат пораки во своите мејлови и приватни пораки на различните социјални мрежи. По примерите со лажната уредба што ги отвори училиштата на 18 мај и несмасното известување фалсификувано како да е испратено од Град Скопје дека коронавирусот се лекува со ракија, овој мејл е само ,,надградување и проширување” на една веќе воспоставена лоша пракса.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.