Во Грција објавено две години старо видео од Бразил со кое се дезинформира јавноста за Ковид-19

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Грчкиот сервис за борба против дезинформациите ellinikahoaxes.gr анализирал видео објавено од неколку грчки сајтови, кое е масовно споделувано на социјалните мрежи, а на кое се гледа ексхумација и отворање на мртовечки ковчег во кој наместо човечки останки има камења и песок. За видеото се тврдело дека е направено неодамна во Португалија и оти докажува дека таму се лаже за смртноста од Ковид-19 и наместо пациенти умрени од оваа болест, се закопуваат празни ковчези.

Но, проверката од ellinikahoaxes.gr утврдила дека станува збор за видео направено во мај 2017 година во Бразил, а е снимено во рамки на полициска истрага за измами со осигурувањето во бразилската општина Сао Карлос. Всушност, осомничените за измама, склучиле договори за животно осигурување на име на една жена, а потоа лажно пријавиле нејзина смрт за да ги земат парите од животните осигурувања.

Бидејќи ваква дезинформација се ширела претходно и во други земји, АФП истражувала и го идентификувала новинарот Фабио Родригез, кој кажал дека тој го направил видеото, а дополнително контактирале и со властите во Бразил, коишто потврдиле дека станува збор за полициска истрага во Сао Карлос.

Според утврденото, апсолутно е дезинформација дека видеото е направено во Португалија во скоро време за лажно да се зголемува бројката на починати од Ковид-19.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција