Во Канада не се вадат органи од живи луѓе
Не е точно дека во Канада се вадат органи од живи луѓе. Не постои закон што дозволува „вадење органи на живо“. Органите може да се земат само по законски потврдена смрт и со претходна согласност на пациентот.
Не е точно дека во Канада се вадат органи од живи луѓе. Не постои закон што дозволува „вадење органи на живо“. Органите може да се земат само по законски потврдена смрт и со претходна согласност на пациентот
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
… Станува збор за една новина во Канадскиот закон за евтаназија. Правниот и медицински термин за еутаназија во Канада е Медицинска помош при умирање (MAID – Medical Assistance in Dying). Еутаназијата, која под овој термин почна да се применува од 2016 година, опфаќа смртоносни лекови, кои може да бидат дадени од овластено медицинско лице за спроведување евтаназија, како и препишување лекови за самоадминистрирање („асистирано самоубиство“) за пациенти кои се сметаат за подобни, а тоа се оние, кои имаат тешки, неизлечиви медицински состојби.
Сепак, овој „хорор закон“, кој е донесен пред 3 години во Канадската провинција Њу Бранзвик (New Brunswick), а кој е малку познат и меѓу самите Канаѓани, дозволува да се земат органите од пациентот, замислете, уште пред настапување на смртта! Со други зборови, не треба да си мртов за да ти ги отстранат органите. (Кој би можел да биде „донатор“ од овој тип? Се разбира, најранливите во општеството, бездомниците, бедните и сиромашните… оние, кои се слаби, немоќни и „невидливи“).
Не е точно дека во Канада со законот за асистирано самоубиство (евтаназија) се дозволува да се земат органи од пациентот пред настапување на смртта, односно да му се земат органите уште додека е жив.
Тврдењето дека „органите се земаат пред смртта“ е погрешна интерпретација на законски текст.
Што навистина дозволува законот во Њу Бранзвик
Во Законот за донација на органи (Bill 52 / Avery’s Law) во член 17 се зборува за „предвремено одобрување“ од главниот судски вештак, но, како што се наведува, oдобрувањето може да се даде пред смртта, a отстранувањето на органите СМЕЕ да се случи само ПО ОФИЦИЈАЛНО ПРОГЛАСЕНА СМРТ.
Со други зборови: се подготвува логистиката однапред, но самото земање органи не смее да почне додека лицето не биде законски мртво.
Канада го применува т.н. „Dead Donor Rule“. Витални органи може да се земат само од лице кое веќе е мртво. Смртта мора да ја потврдат најмалку двајца независни лекари. Лекарите кои ја утврдуваат смртта не смеат да учествуваат во трансплантацијата. Тимот за Медицинска помош при умирање (MAID – Medical Assistance in Dying) и тимот за трансплантација мора да бидат одделени. Ова е официјална национална медицинска политика.
Пациент може доброволно да побара MAID. Доколку сака и ако е медицински соодветен, може да донира органи по смртта — никогаш пред неа.
Забуни во интерпретација на законот
Членот 17 во Законот зборува за „одобрување пред смртта“, а не за „вадење органи пред смртта“. Оттука доаѓа забуната и погрешната интерпретација на овој закон.
Значи, не е точно дека во Канада се вадат органи од живи луѓе. Не постои закон што дозволува „вадење органи на живо“. Органите може да се земат само по законски потврдена смрт и со претходна согласност на пациентот и тоа е посочено во членот 7 од Законот.
Лице кое наполнило 19 години може да даде согласност или да одбие донација по смртта за трансплантација со тоа што ќе достави информации до Регистарот во врска со согласноста или одбивањето на начин утврден од министерот.
Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека објавата која ја анализираме е неточна.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар