Во Карпош почна изградбата на првата фитнес зона
ВЕТУВАЊЕ: Фитнес зони во повеќе населби во Карпош. Се грижиме за развој на спортот во општината. На повеќе локации низ општина Карпош (Влае 1, Влае 2, Козле, Кеј на Вардар, Владо Тасевски) ќе изградиме отворени фитнес-зони, од екоматеријали, безбедни за користење за сите граѓани во општина Карпош.
Овие фитнес-зони ќе овозможат подобра физичка и здравствена подготвеност на граѓаните. Дел од фитнес-зоните ќе бидат изработени во соработка со Агенцијата за млади и спорт. Последните испитувања на јавното мислење покажуваат дека граѓаните сакаат да бидат поактивни – со овој проект нудиме директна можност за зголемена физичка активност. Целна група: Млади, сите граѓани на Карпош; Рок: 2018 година
[ИЗВОР: Изборна програма за локалните избори 2017-2020 година – „Живот во Карпош! За сите“ (стр.25), датум: октомври 2017 ]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето за изградба на фитнес зони во повеќе населби во Карпош, е ветување на градоначалникот на Карпош Стефан Богоев, кое е во тек на реализација. Проектот е дел од неговата предизборна програма за локалните избори 2017-2020 година, насловена како „Живот во Карпош! За сите“ (стр.25).
На 15.03.2018 година, порталот Макфакс, јави дека во Карпош 4 почнале активностите за изградба на првата современа фитнес-зона на отворено во Општината.
Во соработка со Агенцијата за млади и спорт, ќе се добие фитнес-зона опремена со 8 справи за вежбање, од кои една справа за лицата со посебни потреби. Во оваа пригода градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, посочи дека фитнес-зоната е на локација што е лесно достапна за граѓаните и истата ќе може да се користи од граѓани на различна старосна возраст.
Информацијата беше пренесена и на официјалната веб – страница на Општина Карпош, како и на официјалниот Фејсбук профил на градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев.
Станува збор за инвестиција на Агенцијата за млади и спорт (АМС), при што фитнес зоната ќе чини 1.999.994,00 денари (со вклучено ДДВ), а рокот за изведба е три месеци.
Веста дека ќе се изгради нова фитнес зона во Карпош, беше пренесена и на официјалната веб- страница на Агенцијата за млади и спорт, на 16.03.2018.
Денес во Карпош 4, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски заедно со градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев го означија почетокот за изградба на првата современа фитнес зона во Општината. Каевски, посочи дека Агенцијата работи на приближување на спортот и спортските активности до сите граѓани, и дека овој проект ќе продолжи и во претстојниот период.
Имајќи предвид дека веќе е започната изградба на една фитнес зона во Карпош и дека градоначалникот Богоев во својата програма ветува изградба на повеќе вакви зони во Општината, неговото ветување во мометнтот (20.03.2018) добива оценка е во тек.
ИЗВОРИ:
- Предизборна програма за локалните избори 2017-2020 година – „Живот во Карпош! За сите“ (стр.25) [Пристапено на 20.03.2018]
- Макфакс (15.03.2018) – Прва отворена фитнес-зона во Карпош [Пристапено на 20.03.2018]
- Официјална веб – страница на Општина Карпош – КАРПОШ ДОБИВА СОВРЕМЕНА ФИТНЕС ЗОНА [Пристапено на 20.03.2018]
- Официјален фејсбук профил на градоначалникот на Карпош Стефан Богоев (15.03.2018) – Карпош 4 ќе добие современа фитнес зона [Пристапено на 20.03.2018]
- Официјална веб – страница на Агенцијата за млади и спорт (16.03.2018) – Инвестиција во Карпош: Нова фитнес зона за младите [Пристапено на 20.03.2018]
Оцени: Ана Анастасовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар