Во Крива Паланка се гради нов градски плоштад и парк

Фото: krivapalanka.gov.mk

Ветувањето за изградба на нов градски плоштад на градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, дадено во неговата програма за локалните избори „Живот во Крива Паланка! За сите!“ (стр.19), е во тек на реализација. Според најавите на локалната власт, изградбата на плоштадот треба да заврши до јули

ВЕТУВАЊЕ: Изградба на нов градски плоштад и парк  (Рок: 2018 – 2022)

[Извор: Изборна програма на Борјанчо Мицевски, градоначалник на Крива Паланка;  датум, октомври 2017 г. ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за изградба на нов градски плоштад на градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, е во тек на реализација. Ветувањето е дел од неговата програма за локалните избори (октомври 2017г.) „Живот во Крива Паланка! За сите!“ (стр.19).

Изгрaдбата на нов градски плоштад и парк, всушност, е дел од поголем проект кој вклучува и изградба на подземна сообраќајница, и претставува едно од клучните ветувања на Мицевски наведени во неговата изборна програма.

Постојниот градски плоштад има отворено сообраќајно прашање кое го отежнува слободниот проток на минувачите и возачите и ја загрозува безбедноста на учесниците во сообраќајот. Проектното решение се состои во изградба на подземна сообраќајница, лоцирана под плоштадот, која ќе ја поврзува главната улица Св. Јоаким Осоговски и ќе овозможи непречен тек на сообраќајот во двата правци од главната улица. Покрај сообраќајницата, ќе се обезбеди и подземен паркинг за возилата кои имаат потреба од слободно паркинг место и гравитираат во централното градско подрачје. Подземната сообраќајница ќе овозможи растеретување на градскиот плоштад од возилата, решавање на проблемот со паркирање низ главната улица и ќе отвори површина поголема од 1 км2 уредена како пешачка зона. Во делот на пешачката зона ќе се направи реконструкција на градскиот парк во модерен стил, со најдобри хортикултурни решенија, места за релаксација и поминување на слободните часови на граѓаните на Крива Паланка“, се вели во изборната програма.

Овој проект, Мицевски го најави и за време на предизборната кампања за локалните избори, на 01.10.2017 година, нагласувајќи дека „Крива Паланка заслужува нов и модерен Градски плоштад според европски стандарди, плоштад којшто ќе им служи на граѓаните за разни културни и општествени настани“.

Стартот на проектот за изградба на нов парк и плоштад во центарот на Крива Паланка, градоначалникот Мицевски го означи на 22.06.2020 година.

Проектот е во висина од околу 41 милиони денари, средства обезбедени од ЕУ, администрирани од Светска Банка, преку проектот за локална и регионална конкурентност, а рокот на изградба е 5 месеци, информираше тогаш Мицевски.

Увид во отпочнувањето на реконструкцијата на градскиот плоштад и парк изврши и владина делегација предводена од тогашниот претседател на Владата Оливер Спасовски.

Подвлекувајќи дека денеска се означува почетокот на капиталниот проект „Реконструкција на Градскиот Плоштад и Градскиот Парк“, како дел од поголемиот проект „Крива Паланка – Источна порта на Европа (Фестивалска туристичка атракција)“, Спасовски нагласи дека се работи за грант од Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија ИПА 2 и кофинансирање од страна на Владата на Република Северна Македонија, администриран од страна на Светската Банка преку доверителски фонд, и со учество на Општината. Премиерот подвлече дека вкупната вредност на проектот изнесува 662.000 евра, а крајниот рок за реализација на проектот е 20ти ноември оваа година, кога граѓаните на Крива Паланка ќе добијат градски плоштад и градски парк каков што му доликува на еден европски град кој го носи атрибутот „Источна порта на Европа“, објави Владата на својата официјална веб- страница.

Почетокот на реконструкцијата на Градскиот плоштад во Крива Паланка, тогаш на Фејсбук го најави и генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски. Тој објави и видео од проектот за изгледот на плоштадот.

Нема веќе привилегирани региони во државата, нема веќе привилегирани градови. Сите сме еднакви. Сите ќе се развиваме подеднакво и заедно. Денеска споделувам уште една добра вест. Почетокот на реконструкцијата на Градскиот плоштад во нашата Крива Паланка. Со реализацијата на овој проект ќе добиеме нов и модерен плоштад, кој ќе биде наша гордост. Ќе биде симбол на нашиот град, напиша Николовски на Фејсбук.

 На 27.10.2020 година, порталот Опсервер објави дека во Крива Паланка во тек се интензивни градежни активности, реализација на проектот за реконструкција на градскиот плоштад и градскиот парк во централното градско подрачје.

На 16.03.2021 година, градоначалникот Мицевски информира дека по краткиот застој, заради неповолните временски прилики, градежните работи за изградба на плоштадот и паркот се одвиваат според планираната динамика.

Подземната фекална и атмосферска мрежа е комплетно санирана и заменета, со изработка на дополнителни сливници и шахти и поставување на цевки со поголем пресек, со цел да се задоволи новата состојба и зголемениот број на корисници во овој дел на градот. Токму лошата состојба на подземната инсталација и непостоење на подземен катастар, со оглед дека плоштадот бил изграден пред 50-60 години, беа и причина за краткиот застој во градежните работи. Извршено е комплетно геодетско снимање на новоизградената состојба и на сите подземни комунални инсталации, што ќе биде внесено во постоечкиот ГИС систем на општината“, велат од локалната самоуправа, пренесе Кумановоњуз.

Во наредниот период, се очекува изградба на проектираните амфитеатри, новопроектираната фонтана и партерно уредување на плоштадската површина.

Според информацијата објавена на веб-страницата на Општина Крива Паланка:

Динамиката на изведба на градежни работи е во согласност со одобрениот динамички план и се очекува целиот проект да се заврши до месец јули.

Имајќи дека градскиот плоштад е во фаза на изградба и се најавува негово целосно завршување за два месеца, но и тоа дека сè уште не е поминат рокот за реализација на проектот наведен во изборната програма на Мицевски (крај на мандатот), според методологијата на „Вистиномер“, ова ветување во моментот добива оценка „во тек“.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција