Вистина е дека во Македонија нема лек против маларија
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, на 06.11.2017 година испрати соопштение во кое обвини дека во Македонија неколку месеци не се набавуваат таблети и лекови против маларија.
Владата на СДСМ си поигрува со здравјето на граѓаните. Неколку месеци не се набавуваат таблети и лекови за опасната болест маларија. Никакви оправдувања нема да ја амнестира од одговорност владата за недостапноста на лекот против маларија во државата.
[Извор: А1он, датум: 06.11.2017]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека во државава неколку месеци нема лек против маларија, го оценуваме како вистинито.
Со цел да го провериме тврдењето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, „Вистиномер“ се обрати до релевантните здравствени институции во земјава. Д-р Сања Маринковиќ од Инфективната клиника во Скопје, ни посочи дека лековите не ги набавуваат они и не упати да се обратиме до Министерството за здравство.
Ние не набавуваме лекови. Ако имаме пациент кој е заболен од маларија, само ги повлекуваме потребните лекови – изјави Маринковиќ која не сакаше да ни одговори дали лекот го има во државава или не.
За ова „Вистиномер“ побара одговор и од Министерството за здравство, од каде, пак, не упатија во Центарот за јавно здравје. Директорот на Центарот за јавно здравје, д-р Шемси Муса ни потврди дека во Македонија нема лек против маларија и тоа повеќе месеци.
Сите лекови кои се набавуваат во државата се набавуваат преку тендери. Ако нема понуди на тендерот за некој лек, тогаш ние не можеме да го набавиме истиот. Досега, на тендерите кои ги објавивме за лекот за маларија, не добивме ниту една понуда. Дали веледрогериите не го увезуваат, зошто ниту една од фирмите не се јавува на тендерот, не знам. Ние распишуваме тендер до 500 евра, иако ни треба многу повеќе од 500 евра за да набавиме лек за сите пациенти кои планираат да патуваат во земјите каде постои ризик да заболат од маларија – изјави д-р Шемси Муса од Центарот за јавно здравје.
„Вистиномер“, од свои извори во Центарот за јавно здравје, дознава дека повеќе од две години се распишува тендер за набавка на лек против маларија, но безуспешно.
Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ, дека во државава неколку месеци нема лек против маларија, го оценуваме како вистинито.
Маларијата е паразитска болест. Некои од симптомите на оваа болест се температура, треска, потење, главоболка, болки во мускулите, мачнина и повраќање. Паразитите што ја предизвикуваат маларијата — протозоите наречени плазмодиум — навлегуваат во крвотокот на човекот преку каснување од женката на комарецот Anopheles. Паразитите навлегуваат во клетките на црниот дроб, каде што брзо се размножуваат. Клетките на црниот дроб пукаат, при што ги испуштаат паразитите кои ги напаѓаат црвените крвни зрнца.
Според д-р Жарко Караџоски, во Македонија нема маларија, туку сите случаи се увозни, што значи заболените биле во земји каде ја има маларијата. Најчесто работат на нафтени платформи или прашуми. Кај нас болниот се хоспитализира, така што не може да се пренесе каснување од комарец од заболен.
Докторите препорачуваат, сите оние кои одат во земји каде има вакви заболувања, задолжително да се информираат во центрите за јавно здравје за потребни вакцини, бидејќи некои болести завршуваат со смрт.
ИЗВОРИ:
- А10н (06.11.2017) – ВМРО-ДПМНЕ: Неколку месеци не се набавуваат таблети и лекови против маларија [Пристапено на 07.11.2017]
- Википедија – Маларија [Пристапено на 07.11.2017]
- Курир (01.07.2016) – Трагедија: Македонец починал од маларија од Африка [Пристапено на 07.11.2017]
Оцени: Ана Анастасовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар