Во нацистичките логори не биле погубени „само“ 200 илјади Евреи
Негирањето на холокаустот, познато и како ревизионизам на холокаустот, е обид да се негираат или тривијализираат злосторствата извршени од нацистите во Германија врз Евреите и припадници на други народи за време на Втората светска војна.
Негирањето на холокаустот, познато и како ревизионизам на холокаустот, е обид да се негираат или тривијализираат злосторствата извршени од нацистите во Германија врз Евреите и припадници на други народи за време на Втората светска војна
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишувa:
Напумпани броеви. Во логорите од Германците биле погубени само 200 илјади Евреи, а не 5 милиони.
Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, околу 6 милиони Евреи биле убиени од нацистите во Германија и нивните соработници за време на Холокаустот. Многу од овие убиства се случиле во концентрациони и истребувачки логори како Аушвиц-Биркенау, Треблинка и Собибор, како и преку масовни стрелања, глад и присилна работа.
Според американскиот меморијален Музеј на холокаустот, најголемиот дел од Евреите убиени од страна на нацистите не живееле во Германија туку во држави коишто Германија ги окупирала во текот на војната, особено Полска и делови од поранешниот Советски Сојуз.
Вкупно шест милиони Евреи загинале во Холокаустот. Овој број е пресметан врз основа на документи од нацистичка Германија и предвоени и повоени демографски податоци, пишува на сајтот на меморијалниот Музеј на холокаустот во САД во делот каде се дебанкираат дезинформациите околу холокаустот.
Автентични германски документи го потврдуваат убиството на милиони Евреи. Познатиот „Извештај на Корхер“ именуван според Ричард Корхер, главен инспектор за статистика, сугерира дека само до крајот на 1942 година, загубите на еврејската популација биле повеќе од 2 милиони и 454 илјади луѓе. Војната во Европа не заврши до мај 1945 година. Извештајот е за бројната состојба на европските Евреи.
Антисемитизмот беше основата за холокаустот. Антисемитизмот, омразата или предрасудата кон Евреите, е основна карактеристика на нацистичката идеологија.
За време на холокаустот, нацистите и нивните сојузници и соработници убивале Евреи на многу места, користејќи неколку методи. Двата главни методи за убиство биле отровен гас и масовни стрелања. Тие, исто така, убивале Евреи во други акти на насилство, како и со тоа што намерно им го одземале пристапот до соодветна храна, засолниште, медицинска нега и други неопходни потреби, пишува на сајтот на енциклопедијата за холокаустот.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар