Во наслов не смее да се коментира и навива

 

 

Пишува: Соња Рилковска

Рецензираме вест објавена на порталот „Инфомакс“ на 24 јуни со наслов „(Видео) Типично: Лаги, пелтечење и страв, Лукаревска без одговори за проектите на СДСМ“.
Во самиот наслов има вредносни судови кои содржат навивачки тонови кон опозицијата, со тенденциозни коментари. Прашањето кое  е упатено кон Сања Лукаревска, се однесува на патната инфраструктура, а Лукаревска е директорка на Управата за јавни приходи, позиција која е надвор од ресорот за кој што се однесува прашањето.

Освен тоа, не е избалансирано известено за настапите на другите двајца соговорници, туку само се одбрал еден краток сегмент од видеото. Со зборот „типично“ се сугерира дека Лукаревска и нејзините сопартијци редовно изнесуваат лаги и невистини.

Во самата вест нема ниту една реченица, доказ, факти или појаснување за обвинувањата и навредите изнесени во насловот. Веста не ги содржи стандардните елементи за една новинарска вест. Нема текст, неме воведен пасус, единствено над сегментот од емисијата пишува: „Што сработиле СДСМ во инфраструктура? Одговорот е во видеото.“

Не е појаснето ниту во која емисија, ниту на која телевизија, ниту кога Лукаревска учествувала во дебата со Владимир Мисајловски. Постираното видео е од дебатната емисија „Отворено студио“ на ТВ 24, во која гостуваа Сања Лукаревска, Владо Мисајловски и Арбр Адеми, како кандидати за пратеници во втората Изборна единица.

Во видеото поставено на порталот јасно се гледа дека нема пелтечење, ниту страв во текот на политичката дебата. Јавноста е таа што треба да суди кој политичар како се претставил во одредена дебата и тоа не врз основа на краток исечок, туку врз основа на целата дебата.

Согласно Кодексот на новинарите известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција