Нема абер од спортската сала што ја вети Стевчо Јакимовски
Во 2014 година ќе започнеме со изградба на спортска сала за ракомет, кошарка и одбојка со 1.000 седишта.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Во изборната програма на градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, „Визија за Карпош“ (стр.13), едно од ветувањата е изградба на спортска сала за ракомет, кошарка и одбојка со 1.000 седишта. Според програмата, овој проект требаше да почне да се гради во 2014 година, но тоа досега (04.05.2016) не се случи, така што, ова изборно ветување го оценуваме како неисполнето.
Кандидатот за градоначалник Стевчо Јакимовски пред изборите во 2013 година во интервју за „Мое бебе“ (не е наведен точниот датум кога е објавен разговорот) ветува:
Спортувањето на младите и развивањето на спортскиот дух ни се меѓу приоритетите. За таа цел Во 2014 година ќе отпочнеме со изградба на спорстка сала за ракомет, кошарка и одбојка со 1.000 седишта.
На 11 јули 2014 година порталот „Нетпрес“ под наслов „Ни трага ни глас од базените во Карпош“ пишува дека во јавноста сè посилни се гласините дека Општина Карпош е пред финансиски колапс и дека ништо од ветеното нема да биде исполнето, туку само ќе остане како предизборна промоција ставена на парче хартија.
За ветените спортски објекти во текстот се вели:
Инаку програмата, на хартија, е одлична. Според неа, за правилен развој на децата, како и полесно пронаѓање на спортски таленти меѓу младите предвидена е и изградба на неколку спортски центри во Карпош 3 и 4 и во Влае 2.
При пребарувањето на интернет не може да се најде ниту еден податок за најава за изградба на ваков објект. Истото не можеа да ни го потврдат ниту жителите од Општина Карпош со кои разговаравме. Тие велат дека се градат некои сали во училиштата, но досега не чуле дека е планирана изградба на спортска сала со капацитет од 1.000 седишта.
Од ова може да се заклучи дека ветувањето на Стевчо Јакимовски, за изградба на спортска сала за ракомет, кошарка и одбојка со 1.000 седишта е неисполнето.
*Забелешка
Со оглед дека споменатото ветување на градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски е дадено без конкретен рок за реализација (посочено е само кога треба да стартува изградбата – 2014), Вистиномер повторно ќе ја провери неговата реализација до крајот на мандатот на Јакимовски – април 2017 година .
ЛИНКОВИ:
- Визија за Карпош (изборна програма на Стевчо Јакимовски)
- Нетпрес (11.07.2014, 10:33) Ни трага ни глас од базените во Карпош [Пристапено на 04.05.2016]
- Мое бебе ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ: Општина Карпош вложува во својата младина – Тоа е нашата иднина [Пристапено на 04.05.2016]
Оценето од: Владе Ѓорчев
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар