Во Пинтија се гради ветениот деловно-трговски центар
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во кампањата за локалните избори во 2021 година, меѓу другото најави и изградба на деловно-трговски центар во Пинтија како дел од ветувањата за ревитализација на оваа населба. Во тек е изградбата на Home Retail Park, најголем трговски парк од ваков вид во Македонија.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во кампањата за локалните избори во 2021 година, меѓу другото најави и изградба на деловно-трговски центар во Пинтија како дел од ветувањата за ревитализација на оваа населба. Во тек е изградбата на Home Retail Park, најголем трговски парк од ваков вид во Македонија
Во предизборната програма за локалните избори за градоначалници на општини што се одржаа на 17 октомври 2021 година, градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски меѓу другите ветувања од програмската платформа „Гарантираме – Создади нова иднина“, во делот „Проекти по урбани и мес ни заедници“, вети проекти за обнова на Пинтија, меѓу кои и изградба на деловно-трговски центар со јавно приватно партнерство, а во кој ќе има маркети, банкомати и сл .
Ветување: Јавно приватно партнерство за местото на постојната Месна заедница да се изгради деловно-трговски центар во кој ќе има маркети, банкомати, како и нови простории за Месната заедница.
[Извор: Платформа „Гарантираме за Кисела Вода – Создади нова иднина“; датум: 17.10.2021]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Орце Ѓорѓиевски како кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ во предизборната програма најави „визија за Кисела Вода од XXI век кон која се стремиме и која ќе ја оствариме преку предложените проекти во оваа програма доколку ја добиеме вашата доверба!“. Ѓорѓиевски во предизборната кампања вети деловно-трговски центар во населбата Пинтија како еден од проектите за ревитализација на урбаните содржини на оваа населба.
На 03.02.2025 градоначалникот Ѓорѓиевски и бројни медиуми објавија дека во тек е изградбата на најголемиот ритејл парк, односно трговски комплекс за малопродажба, во Македонија, како јавно-приватно партнерство со градежната компанија „Голден Арт“.
Ѓорѓиевски на неговата официјална страница на Фејсбук ги објави економските параметри, деталите, динамиката, вредноста на проектот и рокот на негово завршување:
Изградбата на Home Retail Park, најголем и прв трговски парк од ваков вид во Македонија, претставува значаен економски импулс за нашата општина. Оваа капитална инвестиција во индустриската зона Пинтија, во близина на Стаклара, ќе биде на површина од 35.000 м². Изградбата на Home Retail Park – првиот ваков трговски парк во Македонија, е проект вреден 15 милиони евра. Ќе обезбеди 20.000 м² модерен комерцијален простор, создавајќи можности за вработување на околу 300 лица и значајно заживување на локалната економија. Вложувањата од ваков обем го потврдуваат фактот дека Кисела Вода станува сè попосакувана дестинација за бизнисите. Овој проект не само што ќе создаде 300 нови работни места, туку и ќе придонесе кон развојот на оваа индустриска зона, подобрувајќи ги условите за живот и работа во нашиот град. Home Retail Park ќе биде единствена локација каде што граѓаните ќе можат да најдат сè што им е потребно за својот дом – од мебел, домашни апарати и декорации, до градинарска и бањска опрема. Покрај тоа, ќе располага со модерни кафетерии и ресторани, како и 600 паркинг места за посетителите, создавајќи комплетно шопинг искуство. Ова место ќе стане новиот центар за паметно купување, место каде семејствата ќе можат да го уредат својот дом на наједноставен и најудобен начин. Ова е инвестиција во иднината, во подобар начин на живеење и во развојот на локалната економија, каде Кисела Вода добива уште една значајна стопанска и урбана придобивка, а отворањето на Home Retail Park е предвидено до крајот на 2025 година, соопшти Ѓорѓиевски на неговиот профил на Фејсбук.
Според најавите, Home Retail Park во Пинтија треба да ги отвори вратите за посетителите до крајот на годинава, односно до периодот за наредните локални избори за градоначалници кои според изборниот календар се предвидени во октомври.
Оценката за ветувањето на изградба на деловно-трговски центар во Пинтија е – во тек.
Вистиномер во повеќе наврати ги анализираше предизборните ветувања на градоначалникот Ѓорѓиевски и нашата проверка покажа дека дел се остварени (види овде и овде), а дел не (овде и овде).
Извори:
- (17.10.2021) Платформа „Гарантираме за Кисела Вода – Создади нова иднина“ – [проверено на 05.02.2025]
- (04.02.2025) ФБ профил на градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски – [проверено на 05.02.2025]
- (03.02.2025) Time.mk – [проверено на 05.02.2025]
Оцени: Стојан Синадинов
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар