Во правна држава нема „тресење од ракав“ дали е некој шпион

За Шехтански сите невладини организации се шпиони Фото: Скриншот

Ванчо Шехтански, претседател на вонпарламентарна партија ТМРО изјави:

Синоќешните насилни протести во Скопје, се последна опомена дека толеранција за таканаречените невладини организации Македонската држава не смее да има, смета претседателот на ТМРО – Ванчо Шехтански.

Овие странски разузнавачки испостави се со една цел, а таа е против суверенитетот на оваа држава. ТМРО го повикува државниот врв ИТНО да донесе мерки за времена забрана на дејствување на сите невладини организации на територијата на Македонија, со оглед да истите не се бават со својата регистрирана дејност, туку директно се впуштаат во политичко дејствување наменето против уставното уредување на Македонската држава, истакна Шехтански.

[Извор: Нетпрес Датум: 14.04.2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Лидерот на вонпарламентарната партија Трајно македонско радикално обединување, Ванчо Шехтански во непоткрепена изјава бара забрана за невладините организации, бидејќи биле „странски разузнавачки испостави“, со специфична цел – дејствување против уставното уредување на државата.

Изјавата на Шехтански е поврзана со насилствата при актуелните демонстрации во Скопје и тоа конкретно, за вториот ден од претестите, бидејќи е објавена на 14.04.2016 година.

Уставот на Република Македонија го регулира прашањето на слободата на граѓаните за здружување, без оглед дали станува збор за граѓански организации или политики партии. Во член 20 од Уставот се вели:

На граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.

Забранети се воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија.

Следниот член од Уставот, 21, го регулира и прашањето на собирање на граѓаните поради изразување протест:

Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба

Во правниот поредок на РМ постои и Закон за здруженија на граѓани и фондации. Објавен е во Службен весник во 2012 година. Во тој акт детално се уредуваат сите прашања поврзани со граѓанските организации, меѓу другото и основањето, но и престанокот или забраната на истите.

Тоа го регулира член 65 од споменатиот закон:

Се забранува работата на организацијата ако:

  • нејзиното делување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија,

  • поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска нетрпеливост или омраза,

  • активности поврзани со тероризам,

  •  презема активности кои се спротивни на Устав или закон,

  •  се повредуваат слободите или правата на други лица

Членот 66 од Законот,  пак, ја регулира постапката за забрана:

  • Секој може да поднесе иницијатива за забрана на работата на организациите пред надлежниот јавен обвинител.

  • Ако надлежниот јавен обвинител….по службена должност или по поднесена иницијатива оцени дека постојат причини за забрана на работата на организацијата во согласност со овој закон, ќе поднесе предлог до надлежниот суд.

  • Постапката за забрана е итна.

Потоа законски се регулира и  дека против одлуката на основниот суд странките имаат право на брза постапка и пред Апелација ако не се задоволни…

За да се исполнат законски и уставни услови за забрана, макар и времена, Шехтански или некој друг треба да поднесе иницијатива до обвинителство, па потоа да докаже дека, генерално, целиот протест бил насилен, па потоа дека насилството го поттикнала граѓанската организација или организации што го организирале и тоа со конкретна цел, рушење на уставниот поредок или другите услови пропишани со устав или закон.

Според сите медиумски извештаи и според официјалните полициски билтени, само еден дел од протестите беше насилен, а по интервенцијата на полицијата беа приведени 13 лица, од кои најголемиот дел излегоа од задржување во полициска станица со прекршочни пријави. Исто така, многу јасни и гласни беа повиците на граѓанските организации кои се декларираа за организатори на протестот, за мирно и ненасилно протестирање, а потоа и осудата и неодобрувањето на насилството.

Конечно, за да се прогласат „топтан“, сите здруженија на граѓани за странски платеници, а станува збор за неколку илјади, од кои стотици се активни во својата работа во разни области, треба да се има извонредно чувство на фантазија или пак, детални разузнавачки податоци од кои би се видело дека барем десетина покрупни се во служба на странски разузнавачки структури, односно испостави, како што вели Шехтански, од каде потоа тој би ја црпел легитимноста на својата изјава за генерална оценка, односно дека сите граѓански здруженија се тоа за што ги обвинува.

САМО ВО ВОНРЕДНА ИЛИ ВОЕНА СОСТОЈБА Е МОЖНА КОЛЕКТИВНА ЗАБРАНА

Се разбира дека Шехтански како и секој друг граѓанин на РМ има право и по Устав и по закони да изразува свое мислење во јавноста за било што и тоа право не смее никој да му го ускрати. Но, како јавна личност и лидер на партија, неговите изјави подлежат на критичка опсервација на јавноста и на медиумите.

Она за што се залага Шехтански, легалистички би можело да се случи само во услови на вонредна или воена состојба, кога некои од основните права на граѓаните гарантирани со Уставот се суспендираат додека трае таквата состојба.

Во нормална состојба, државниот врв не може и да сака да донесе еден акт кој би важел за сите, бидејќи како што се гледа од аргументите, постои јасна законска процедура дека за секоја евентуална забрана на конкретна граѓанска организација потребни се исполнување на законските услови и следење на правните лекови потоа.

Оттука, изјавата на Шехтански е непоткрепена и како таква ја оценуваме за невистинита, бидејќи ниту преку  неговата изјава, ниту преку други јавни извори може да се дојде до потврда на искажаното обвинување. Правната држава не познава вакви паушални и непоткрепени обвинувања за голема категорија граѓани или правни лица,  туку тоа се нарекува жаргонски кажано „тресење од ракав“.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар