Во предлог-законот на Луизијана ниту еднаш не се споменуваат „кемтрејлс“
Предлог-законот кој се споменува за Луизијана не докажува дека „кемтрејлс“ се вистинска појава. „Кемтрејлс“ не кореспондира со текстот од предлог-законот и терминот ниту еднаш не се споменува во него. Овој предлог закон се однесува на забрана за влијае врз температурата, временските услови, климата или интензитетот на сончевата светлина, а не на трагите кои авионите ги оставаат позади себе како последица на кондензација, кои се нарекуваат контрејлс и не се штетни
Предлог-законот кој се споменува за Луизијана не докажува дека „кемтрејлс“ се вистинска појава. „Кемтрејлс“ не кореспондира со текстот од предлог-законот и терминот ниту еднаш не се споменува во него. Овој предлог закон се однесува на забрана за влијае врз температурата, временските услови, климата или интензитетот на сончевата светлина, а не на трагите кои авионите ги оставаат позади себе како последица на кондензација, кои се нарекуваат контрејлс и не се штетни
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
После Флорида и Тенеси, и Луизијана гласаше за предлог-закон кој ќе ги забрани т.н. кемтрејлси. Се чека потврда од Сенатот.
Да, оние линии на небото за кој НИКОЈ официјално не зборува и не’ убедуваат дека се лини од горивото, а кои знаеме дека исчезнуваат многу побргу од овие другиве.
Што ли се’ содржат овие хемикалии освен сребро јодид?
Ќе се најде ли јунак од “официјалните” кој ќе ја покрене оваа тема? А? Или вашите деца не живеат под исто небо?
Во објавата се пропушта контекстот, бидејќи кога ќе се погледне текстот од предлог законот, се гледа дека неговата цел е да се спречи „намерно инјектирање, ослободување, апликација или дисперзирање на кој било начин на хемикалии, хемиски соединенија или супстанции во атмосферата на територијата на Луизијана со цел да се влијае врз температурата, временските услови, климата или интензитетот на сончевата светлина“. Во предлог законот се наведува дека и понатаму во Луизијана се дозволува испуштање на супстанции за гаснење пожари од висина под илјада стапки, како и дека се дозволува воздушна апликација на пестициди и фертилизатори за земјоделска намена од висина под илјада стапки. Ова е наведено во членот 3 од предлог-законот.
Кемтрејлс (термин што ниту еднаш не се споменува во предлог-законот што помина во Луизијана) е термин поврзан со побиената теорија на заговор дека „владини агенции или други организации намерно користат авиони на големи надморски височини за прскање на јавноста и/или атмосферата со хемикалии или други агенси“, наведува Одделот за еколошки услуги на Њу Хемпшир.
Заговорниците на оваа теорија тврдат дека белите линии на небото што ги оставаат авионите се всушност хемикалии што ги испушта владата или тајните организации и дека хемикалиите се користат за менување на времето или за контрола на умовите. Но, белите линии што остануваат зад авионите што летаат, се всушност кондензациски траги според Агенцијата за заштита на животната средина на САД (EPA). Тие се викаат „контрејлс“ и се поврзани со летот на млазните авиони на големи надморски височини.
За да се формираат контрејлс, потребни се три работи – водена пареа, ладен воздух и ситни честички врз кои може да се кондензира водената пареа. Млазните мотори произведуваат водена пареа како нуспроизвод од согорувањето на горивото, бидејќи водородот во горивото реагира со кислородот во воздухот. Кога температурите на воздухот се под -40 степени Целзиусови, водената пареа кондензира, обично на честички од саѓи што се испуштаат и од моторите. Оваа магла од капки вода брзо замрзнува и формира честички мраз, создавајќи трага наречена „контрејл“.
Овој предлог закон не докажува дека „кемтрејлс“ се вистинска појава, предлог-законот кој се споменува за Луизијана примарно се однесува на контрола на активностите за геоинженеринг и се работи за превентивно, а не за реактивно делување. Во предлог законот ниту еднаш не се споменува терминот „кемтрејлс“.
Геоинженеринг е технологија која може да се користи за манипулација и контрола на временските прилики со цел ублажување на ефектите на климатските промени. Одредени методи на геоинженеринг подразбираат употреба на аеросоли.
Поради неговата корисност во праксата, како и можноста за несакани исходи, геоинженерингот е прилично контроверзен меѓу научниците што се занимаваат со климата. Климатскиот инженеринг на планетата не претставува исто што и рутинска модификација на временските услови како ,,сеење облаци”(cloud seeding), техники за зголемување на дождовите која се користи во одредени држави, пишува Би Би Си.
Сеењето облаци е внесување на реагенси во облак, а меѓу тие реагенси е сребро-јодидот – кој се споменува во објавата што ја рецензираме, за да се предизвика дожд.
Експериментите со сеење облаци се исклучително ретки по должината на брегот на Мексиканскиот Залив, а модификацијата на сончевото зрачење постои само како теоретски концепт. Роберт Раубер, атмосферски научник и професор-емеритус на Универзитетот во Илиноис, вели дека сеењето облаци едноставно нема широка употреба во Луизијана, каде што дождот е релативно обилен.
На брегот на Мексиканскиот Залив не му е потребен дожд, вели Раубер, за разлика од планинските или пустинските држави каде што сеењето облаци е попривлечна опција со цел да се зголемат резервите на вода.
Сеењето облаци со сребрен јодид се практикува повеќе од 70 години, а научниот консензус е дека употребената количина е релативно ефикасна, и обезбедува безбедна животната средина. Испрскан во облаците како аеросол, сребрениот јодид замрзнува и им дава на облаците богати со влага нешто за кое можат да се фатат, намамувајќи ги неговите молекули на вода да кондензираат и да паѓаат од небото како дожд.
Џејмс Дијаз, медицински токсиколог и професор-емеритус на Факултетот за јавно здравје при Центарот за здравствени науки на Државниот универзитет во Њу Орлеанс, објаснува дека количините на сребро и јодид при сеење облаци не се во такви концентрации што предизвикуваат токсичност или загриженост.
Дури и самата предлагачка на законот запрашана за недостигот на експерименти за модификација на времето во Луизијана, рекла дека нејзиниот предлог закон е повеќе од претпазливост и превентива.
Неосновани се теориите дека со предлог законот во Луизијана се забранувале кемтрејлс, или пак, дека „модификацијата на времето е поврзана со трагите зад авионите“
Вистиномер претходно пишуваше и за пропуштањето на контекстот за ист ваков закон во Тенеси.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот. „Кемтрејлс“ не кореспондира со текстот од предлог-законот и терминот ниту еднаш не се споменува во него. Овој предлог закон се однесува на забрана за влијае врз температурата, временските услови, климата или интензитетот на сончевата светлина, а не на трагите кои авионите ги оставаат позади себе како последица на кондензација, кои се нарекуваат контрејлс и не се штетни.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар