Во Расадник не е изградена ветената поликлиника

Локалитетот Расадник во Кисела Вода (Фото: Мета.мк)

Ѓорѓиевски во кампањата за локалните избори во 2021 година, меѓу другото најави и изградба на поликлиника во Кисела Вода, поточно во Расадник. Тогаш тој уверуваше дека дури и централната власт да ја одбие оваа идеја, поликлиниката ќе биде изградена со средства од Општината, донации и фондови. Сепак, ветената поликлиника за жителите на Општина Кисела Вода, по три години од неговиот мандат не е изградена

Ѓорѓиевски во кампањата за локалните избори во 2021 година, меѓу другото најави и изградба на поликлиника во Кисела Вода, поточно во Расадник. Тогаш тој уверуваше дека дури и централната власт да ја одбие оваа идеја, поликлиниката ќе биде изградена со средства од Општината, донации и фондови. Сепак, ветената поликлиника за жителите на Општина Кисела Вода, по три години од неговиот мандат не е изградена

 

 

Во предизборната програма за локалните избори за градоначалници на општини што се одржаа на 17 октомври 2021 година, градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски меѓу другите ветувања од програмската платформа „Гарантираме – Создади нова иднина“, во делот „Приоритетни проекти на Општина Кисела Вода за сите луѓе“, на жителите им вети и поликлиника:

Ветување: Здравствената заштита во Кисела Вода мора да ја подигнеме на повисоко ниво. Недозволиво е во XXI век Општина Кисела Вода да нема поликлиника. За решавање на овој проблем Општина. Кисела Вода ќе ја подготви целокупната урбанистичко-планска и градежна документација и ќе ѝ понуди на централната власт да ја изгради. Доколку централната власт одбие, Општина Кисела Вода со сопствени средства, средства од донации и фондови ќе ја изгради и ќе ја предаде на користење на централната власт за управување.

[Извор: Платформа „Гарантираме за Кисела Вода – Создади нова иднина“; датум: 17.10.2021]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Орце Ѓорѓиевски како кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ во предизборната програма најави „визија за Кисела Вода од XXI век кон која се стремиме и која ќе ја оствариме преку предложените проекти во оваа програма доколку ја добиеме вашата доверба!“. Ѓорѓиевски во предизборната кампања тврдеше дека промените им се потребни на сите општини, а посебно на Кисела Вода:

Потребни се промени во секоја една општина низ Македонија, но да бидеме реални и да си признаеме, на Кисела Вода и требаат најмногу промени. Имаме нефункционална општина, имаме нечисти населби, имаме неасфалтирани и улици со кал во 21 век, имаме бетонизација на секое парче зеленило, имаме еден куп проблеми… Се обврзувам дека во Кисела Вода, поточно во Расадник, ќе има поликлиника на крајот од мандатот, рече Орце Ѓеорѓиевски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Кисела Вода. (31.10.2021)

„Бидејќи немаат поликлиника, жителите на општината мораат да бараат здравствени услуги во Државната болница или поликлиниката „Јане Сандански“ во Општина Аеродром, кои во сегашната ситуација им се најдостапни“. Ѓорѓиевски го истакнува ова во предизборието, во интервју за порталот „Република“ , велејќи дека и тој и неговото семејство мораат да ги бараат здравствените услуги подалеку од општината во која живеат, па затоа се обврзува дека во текот на неговиот четиригодишен мандат ќе биде изградена поликлиника во населбата Расадник.

[Предизборното ветување за поликлиниката е од 3.40 мин.]

Ѓорѓиевски ја најави изградбата на поликлиниката во Кисела Вода – дури и централната власт да ја одбие оваа идеја – со средства од Општината, средства од донации и фондови. Тогаш тој ветуваше дека за таа цел ќе ја подготви целокупната урбанистичко-планска и градежна документација, и откако ќе ја изгради поликлиниката, ќе ѝ ја предаде на управување на централната власт. Но, такво нешто досега (12.11.2024) не се случи – во Расадник не е изградена ветената поликлиника.

Најави за изградба на поликлиника во Општина Кисела Вода имало и пред ветувањето на нејзиниот актуелен градоначалник. Пребарувањето по интернет резултира со ветувања за изградба на поликлиника и за време на локалните избори во 2013 година.

Интересно е што и некогашниот министер за здравство Венко Филипче, актуелен претседател на опозициската СДСМ, шест месеци пред локалните избори во 2021 година ветуваше изградба на поликлиника во Кисела Вода

Иако дел од предизборните ветувања на градоначалникот Ѓорѓиевски беа остварени (види овде и овде) или се во тек, сепак изградбата на поликлиника за жителите на Општина Кисела Вода, една од најбројните во земјава, по три години од неговиот мандат останува неостварена.

 

Извори:

 

Оцени: Стојан Синадинов

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција