Во руските школи не се предава дека Русите потекнуваат од Македонија

Москва, Кремљ Фото: Oleg Yu.Novikov, CC BY 3.0, via Wikimedia Commons

Според оваа Фејсбук објава, во руските школи се предава дека Русите потекнуваат од Македонија, но ние најдовме руски учебници, а во нив, се разбира, тоа го нема. Како извор за тоа, објавата нуди псевдонаучна книга на Петар Поповски, според кого Русите потекнуваат од античките Македонци, па објавата е инспирирана од тоа „научно откритие“

Според оваа Фејсбук објава, во руските школи се предава дека Русите потекнуваат од Македонија, но ние најдовме руски учебници, а во нив, се разбира, тоа го нема. Како извор за тоа, објавата нуди псевдонаучна книга на Петар Поповски, според кого Русите потекнуваат од античките Македонци, па објавата е инспирирана од тоа „научно откритие“

 

Рецензираме објава во социјалната мрежа Фејсбук, која вели:

Во Руските училишта русите учат дека се дојдени од Балканот Македонија

Нашиве само ја препишале карпатската теорија за словените

На истата Фејсбук-страница има уште една објава со слична содржина, па оваа рецензија ќе важи и за неа, но да се сконцентрираме на објавата со која започнавме.

Во објавата е вметната фотографија од една книга, која треба да служи како извор или поткрепа за објавата, но тоа е книга на псевдоисторичарот Петар Поповски, за кого веќе сме пишувале, кој тврди дека македонскиот јазик е стар 500.000 години и дека доказ за тоа е натпис врз некаква школка најдена во Индонезија, па тоа не е сериозен научен извор, а ни објавата не е таква.

Русите не учат дека се дојдени (дека потекнуваат) од Македонија. Ние најдовме на интернет руски учебник по историја за 6 одделение од официјален извор (автори: Николај Арсентјев, Алекандар Данилов, Пјотр Стефанович, Александра Токарева, Анатолиј Торкунов и Александар Димитриев, издавач: Просвешчение, Москва, 2023 г., ISBN 978-5-09-102248-3), а делот за Словените таму вели:

Околу Вториот милениум пред нашата ера, според мислењето на некои научници, од индоевропските племиња се одделиле балтословенските племиња. Тие населиле значителен дел од Централна и Источна Европа. Со тек на времето. тие племиња се разделиле на предците на Балтите и Словените. Подоцна, Словените освоиле територија од реката Дњепар на исток до реката Одра на Запад. Словените зеле учество во Големата преселба на народите.

Кои племиња учествувале во Големата преселба на народите?

Во 5-6 век словенските племиња во моќни потоци се устремиле во различни правци. На исток тие дошле до горниот тек на Волга и Дон, на север – до Белото море, на југ го населиле речиси сиот Балкански полуостров, на запад стигнале до Елба. Во текот на тоа движење, Словените се разделиле на три гранки – источна (предците на Русите, Украинците и Белорусите), западна (Полјаци, Чеси, Словаци, Поморски и Полабски Словени) и јужна (Бугари, Срби, Хрвати и др.). Источните Словени ја населиле во 6-8 век опширната територија на Источна Европа – значителниот дел на Источноевропската рамнина.

Македонија тука не се споменува, а Балканот е само една од дестинациите на кои Словените мигрирале. Објавата (а и Поповски) не се согласува со тоа широко прифатено гледиште во науката и смета дека Словените мигрирале во обратна насока – од Македонија кон Карпатите и понатаму, кај што придонеле за настанувањето на Русите, но тоа во учебников го нема.

Најдовме уште еден учебник за 6 одделение, исто така, од официјален извор (автори: Игор Андреев и Иван Фјодоров, издавач: Дрофа, Москва, 2016 г., ISBN 978-5-358-15272-4), кој за Словените вели (цитираме неповрзани фрагменти):

Околу 2000-1500 г. п.н.е. од индоевропската заедница се одделиле племиња, кои говореле на сродни балтословенски јазици. Земјите, на кои тие се населиле, на запад се ограничувале со реките Дњестар и Висла, на исток – со горниот тек на Западна Двина и Ока.

Приближно во средината на Првиот милениум п.н.е., Балтословените се распаднале на балтски и словенски племиња. Притоа, Словените се разделиле на три големи групи: јужна, западна и источна. Јужните Словени станале предци на современите Бугари, Словенци, Бошњаци, Црногорци, Срби и Хрвати. Западните – на Чесите, Словаците и Полјаците. Источните се предци на Русите, Украинците и Белорусите.

Заедно со Аварите, словенските племиња се движеле на југозапад и го зазеле Балканскиот полуостров.

При крајот на 9-10 век, Словените се разделиле на три големи групи. Западните Словени се движеле зад германските племиња и ги достигнале бреговите на Елба, Мајна и Дунав. Јужните Словени населиле значителен дел од Балканскиот полуостров. А, само Источните останале на териториите, заземени во почетната етапа на освојувањето на европските земји.

Тука не само што не се споменува Македонија, туку дури не се споменати ни современите етнички Македонци како наследници на Јужните Словени, а дали се работи за некаква немарност или незаинтересираност на авторите или нешто друго – не знаеме. Во учебникот е приложена и мапа на таа миграција на Словените, но таа не почнува од Македонија, туку од сосема друго место.

Најдовме и учебник за 10 и 11 клас, што во Русија е средно образование (автори: Роман Пазин, Ирина Ткачук и Ољга Чернишова, издавач: Легион-М, Ростов на Дон, 2019 г., ISBN 978-5-91724-162-3), но не од официјален извор, туку од позната ентузијастичка е-библиотека, а таму се вели:

За прататковина на предците на Словените, историчарите обично ја сметаат територијата од реката Одра на запад до Карпатите на исток.

Но, како Словените се појавиле во Источна Европа? При одговарањето на тоа прашање, во науката нема единствено мислење. Дел од историчарите ги сметаат Словените за автохтоно (домородно) население на Источна Европа. Уште летописецот Нестор ја определил територијата на Словените по долниот тек на Дунав. Други сметаат дека Славјаните се преселиле на територијата на Источноевропската рамнина по два различни пата: регионот околу Дњепар го населиле доселеници од Карпатите, а нејзиниот Север – од бреговите на Балтичкото море.

Уште во средината на Првиот милениум од нашата ера, Словените живееле во долниот тек на Дњепар. Кон 6-8 век, под влијание на Големата преселба на народите, прасловенскиот свет се разделил на три гранки: Јужните Словени се раселиле помеѓу Дњестар, средниот тек на Дунав и горниот тек на Висла; Западните Словени го зазеле басенот на Висла; Источните Словени се населиле во меѓуречието на Дњепар и Дњестар.

Повторно, ни тука не се споменува Македонија, па заклучуваме дека во руските образовни институции не се учи дека „Русите потекнуваат од Македонија“.

Како што видовме во цитатите, историјата не е егзактна наука како математиката, па има разни теории за тоа каде била прататковината на Словените.

Такви теории се: Одро-дњепарската, Висло-одерската, Дунавско-балканската и др. Онаа првата ја лоцира таа прататковина меѓу реките Одра и Дњепар; втората теорија – меѓу Висла и Одра; а третата теорија – во Панонија и на Балканот, што е најблиску до она што го тврди објавата (дека Словените не мигрирале од север кон југ, туку обратно), но таа теорија е слабо прифатена во науката, а ќе објасниме зошто.

Таа теорија ја промовирал академикот Олег Трубачов и таа се споменува во некои учебници, но не како докажан факт, туку попатно и накусо, како една од повеќето теории, среде кои не важи за најбитна. Македонија во тие учебници не се споменува, а кога говорат за таа теорија, тие се фокусираат на пределите близу реката Дунав.

Како што видовме во цитатите од учебниците, најшироко прифатено е гледиштето дека во својата прататковина, Словените прво биле еден народ со Балтите, со кои со тек на времето се разделиле, но Балти на Балканов нема, па тешко дека во тие цитати се мисли на Македонија.

За да има и Словени и Балти, тоа би требало да биде многу посевероисточно, во она што е денес Белорусија, Литванија, Латвија, Источна Полска, Северна Украина или Западна Русија.

Некаде од тие простори, што од наша гледна точка е зад Карпатите, Словените тргнале кон Балканот и тоа е гледиштето и во нашата наука, па цитираме лекција под наслов „Големата преселба на народите и случувањата на Балканот“ од прилепската гимназија „Мирче Ацев“:

Покрај веќе споменатите групи племиња, од крајот на V век и почетокот на VI век на Балканот започнуваат да се доселуваат и Словените. Нивната прататковина им е зад Карпатите, помеѓу реките Днепар и Днестар.

Но, сакајќи современите етнички Македонци да ги претстави како автохтоно балканско население, Поповски ја отфрла таа Карпатска теорија (што го читаме на сликата во објавата) и ја пласира алтернативната теорија дека миграцијата била обратна, но тоа не е широко прифатено во науката.

Згора на тоа, кај нас ја имаме и т.н. антиквизација, која, исто така, не е општоприфатена во науката, а според таа антиквизација, современите етнички Македонци не се јужнословенска етничка група, туку се наследници на античките Македонци, кои немаат врска со Словените.

Некои од застапниците на таа антиквизација не исклучуваат да имало мешање меѓу античките Македонци и Словените, а некои како Поповски одат дотаму, што тврдат дека античките Македонци се предци на Словените или дека се сродни со нив, т.е. дека сè е тоа едно исто.

Според таа псевдонаука, тие античко-словенски Македонци мигрирале кон североисток и така настанале Русите. Тоа сега служи за кај нас да се шири проруска пропаганда, која ем се повикува на словенското братство, ем не ја отфрла античкомакедонската историја, која е особено привлечна за нашата публика.

Како што веќе пишувавме во анализата за Поповски, тој тоа го прави повикувајќи се на автори како Мавро Орбини, кој самиот цитирал псевдонаучни автори како крајно опскурниот Јеремија Русо, па не е сметан за кредибилен научен извор. Орбини цитирал сè што ќе му паднело под рака, па во списокот било и псевдоисториското дело „Грамотата на Александар Македонски до Словените“, а науката не регистрирала комуникација меѓу нив, ниту има доказ за некакво сродство меѓу нив – како што се тврди во таквите дела.

Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како дезинформаторска и невистинита.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција