Во Србија се шират дезинформации дека ќе се одземаат децата на родители – противници на вакцинирањето

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Сензационалната најава на еден информативен портал дека во Србија ќе им се одземаат децата на родителите ако одбијат да ги вакцинираат е целосно неточна, пишува српскиот портал за борба против дезинформациите fakenews.rs. Од таму го контактирале српското министерство за труд, вработување, боречки и социјални прашања, од каде стасал одговор дека информацијата е неточна.

Во спорниот текст стои дека Центрите за социјална работа ќе ги одземаат децата, ќе ги вакцинираат, а потоа ќе ги распоредуваат кај старатели или во домови за незгрижени деца. Но, од српското министерство рекле дека досега ниту едно дете не е одземено од родителите откако се воведени прописи за вакцинирање, а тоа според нивните одредби не е ни нужно, оти за вакцинирањето не е потребна согласност од родителите.

Од министерство за труд, вработување и социјални прашања на Србија за fakenews.rs објасниле дека единствената мерка што можат да ја изречат во врска со одбивањето да се вакцинира дете е мерката за корективен надзор, која има едукативна цел. Таа се состои од предупредување за недостатоци во исполнувањето на родителските права и упатување во т.н. советувалиште, каде им се укажува на потребата од вакцинирањето и деталите за него.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција