Во Србија се вакцинирани над половина милион, а не 11.000 граѓани

Имунизацијата во Србија започна на 24 декември мината година и досега, според официјални податоци, се вакцинирани повеќе од 500.000 жители. Бројките на вакцинирани се менуваат на дневна основа и на 8 февруари 2021 г. медиумите во Србија известуваат дека бројот на вакцинирани е поголем од 550.000

 

Објава на социјлната мрежа Фејсбук дезинформира дека во Србија се вакцинирале само 11 илијади граѓани. Во постот пласиран на 06.02.2021 година се вели:

Србија има 8,716,246 жители, а се вакцинираа само 11000 досега, тоа значи 0,13% досега – сите масовно одбиваат вакцинација.

Ваквото тврдење не е точно.

Во Србија имунизацијата против коронавирусот започна пред речиси два месеца – на 24 декември мината година, со вакцината од компанијата „Фајзер“/„БиоНТек“, а потоа со руската вакцина „Спутник V“ и со кинеската „Синофарм“. Дневно се вакцинираат по неколку илјади граѓани  и според официјални податоци досега во Србија бројот на вакцинирани надмина половина милион. Граѓаните електронски се пријавуваат и  преку посебна секција на порталот е -Управа.

Директорот на Канцеларијата за информатички технологии и електронска администрација на Владата на Република Србија, Михаило Јовановиќ, на 5 февруари изјави дека дотогаш  биле вакцинирани над 508. 000 лица и дека скоро еден  милион граѓани пројавиле интерес за вакцинирање. Во изјавата за Српската радиотелевизија, пренесена на веб-страницата на Владата на Србија, Јовановиќ вели дека има приближно 19. 000 ревакцинирани, што значи дека се дадени вкупно околу 527.000 дози.

Агенцијата „Ројтерс“ , во напис што го пренесе „Данас“ (06.02.2021), наведува  дека:

Со 530 илјади или околу 7,5 отсто од населението вакцинирани против ковид-19, Србија е четврта во светот по стапката на имунизација на 100 луѓе, зад Израел, Велика Британија и Соединетите Американски Држави.

На 6 февруари премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, претставувајќи ги резултатите за 100 дена од работата на Владата, истакна дека имунизацијата се спроведува ефикасно и дека  се вакцинирани повеќе од 525.000 луѓе, а  ревакцинирани над 21.000.

Бројките на вакцинирани се менуваат на дневна основа, па веќе на 8 февруари 2021 г. медиумите во Србија известуваат дека бројот на вакцинирани е поголем од 550.000.

И наспроти тврдењето во постот дека се вакцинирани 0,13% од населението во Србија, според ourworldindata.org  , заклучно со 7 февруари во оваа државаа се вакцинирани  8 проценти од населението.

Извор: ourworldindata.org

Така што, податоците во постот што го рецензираме се неточни и  паушално нафрлени, без да се посочи изворот за да се види од каде се добиени. И, не само што е невистинито тврдењето дека во Србија се вакцинирани 11.000 луѓе, туку проблематична е и наведената бројка на вкупно население – 8,716,246 жители.

Пописот на населението во Србија поради пандемијата со коронавирусот  од април е одложен за окотомври оваа година. Според согледувањата на Републичкиот завод за статистика на Србија, проценетиот број жители е под седум милиони. Поточно, проценетиот број на жители во 2019 година е  6.945.235, што е речиси за два милиона помалку од бројката наведена во постот. Еуростат и Светска банка, исто така, оперираат со 6,9 милиони население во Србија, што може да се види и на специјализираниот веб-сајт datacommons.org.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција