Во Србија победи Студентската листа, а не странски служби

Народното собрание на Р. Србија Фото: Bestalex, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

На вонредните парламентарни избори во Србија победи граѓанското движење „Студентска листа – Студентите победуваат“ (водена од д-р Илија Срдановиќ). Граѓаните на Србија на денот на изборите излегоа масовно да гласаат, чекаа со часови во долги редици пред избирачките места, а излезноста беше рекордна  

На вонредните парламентарни избори во Србија победи граѓанското движење „Студентска листа – Студентите победуваат“ (водена од д-р Илија Срдановиќ). Граѓаните на Србија на денот на изборите излегоа масовно да гласаат, чекаа со часови во долги редици пред избирачките места, а излезноста беше рекордна  

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Странските служби победија во Србија. Резултати од револуцијата за шест месеци.

Во склоп на објавата се додава и фотографија од знамето на ЛГБТ заедницата и тоа се спротивставува со знамето на Србија.

Не е точно дека странски служби учествувале, а уште помалку „победиле“ на изборите во Србија.

На вонредните парламентарни избори во Србија победи граѓанското движење „Студентска листа – Студентите победуваат“ водена од д-р Илија Срдановиќ.

Проверувачите на факти од Србија, од сервисот „Истиномер“ овој наратив веќе го имаат рецензирано, бидејќи се појави и во Србија пред, а и непосредно по завршувањето на изборите и соопштувањето на резултатите. Главниот аргумент е дека достапните истражувања и сведоштва на студентите покажуваат дека студентските пленуми имале конкретни механизми за одлучување, организациска структура и работни групи.

Нема наведени докази дека зад студентските протести стојат западни агентури, ниту пак дека тие управуваат со политичкиот процес во Србија. Фактот што студентското движење (во Србија) имаше неформална структура и тоа што постоеа безбедносни процедури, не докажува дека со протестите управувале странски агентури, пишуваат проверувачите на факти на „Истиномер“.

И самите студенти во разговор за „Дојче Веле“, објаснија дека одлуките се носат на пленуми, на кои може да учествуваат сите заинтересирани студенти, додека конкретните задачи се реализираат преку различни тимови. На одредни пленуми учествувале и по неколку стотици студенти, а расправата понекогаш траеше со часови.

Постојат и истражувања за начинот на организација на студентските блокади и функционирањето на пленумите во Србија. Едно од нив е истражувањето што го спроведоа професорите и истражувачите на Филозофскиот факултет во Нови Сад, Марко Шкориќ, Јована Чикиќ, Јована Шкориќ и Алексеј Кишјухас. Истражувањето е спроведено од март до јуни 2025 година и опфаќа 26 длабински интервјуа со студенти од Белград, Нови Сад и Ниш кои учествувале во блокадите и во работата на пленумите.

Авторите на истражувањето утврдија дека пленумот бил централно тело за носење на одлуки на факултетите, додека одлуките се носеле после дискусија и со најголемиот дел од гласови на присутните. Одлуките на факултетските пленуми потоа се проследувани до универзитетските пленуми, кои служеа за координација меѓу различни факултети.

Следствено, студентските протести во Србија беа генерирани внатрешно, поради незадоволство од политиките на актуелната власт во Србија и растечката корупција.

Во текот на блокадите постоеа и безбедносни мерки, поточно се контролираше влезот на факултетите, се водеше евиденција на посетители и се настојуваше да се спречи неовластено пренесување на информациите од состаноците, наведува „Истиномер.“.

Тврдењето за наводно странско организирање на студентските протести во Србија веќе се појавуваа во јавноста изминатиот период. EUvsDisinfo го анализираше тврдењето дека Велика Британија ги организира, а Германија ги финансира студентските протести во Србија. И во нивната анализа е наведено дека не постојат докази за вмешаност на Британија, Германија или други западни држави во организирањето на протестите.

Наративот за влијание на „странски служби“ или странско мешање во изборите се појави како дел од реториката на досегашната власт. Во своето обраќање по соопштувањето на резултатите, поразениот претседател Александар Вучиќ, признавајќи го изборниот пораз од Студентската листа, ги критикуваше своите политички противници како „изведувачи на валкани работи“ и алудираше на надворешни фактори.

Сакам луѓето да знаат дека ова беше потврда на револуција која ја спроведоа директно со поддршка од различни европски држави и дипстејтот на Америка кој е исто така против претседателот Доналд Трамп, рече Вучиќ признавајќи го изборниот пораз.

Меѓутоа протестите, кандидатите на самата студентска листа и гласачите беа домашни – граѓани на Србија. Тие на денот на изборите излегоа масовно да гласаат, чекаа со часови во долги редици пред избирачките места, што покажува дека излезноста беше рекордна  – 68,89 проценти.

Во објавата користењето на знамето на ЛГБТ заедницата во контекст на тоа да се спротивстави спроти знамето на Србија, претставува манипулација и служи за емоционално и идеолошко врамување на приказната, а не за докажување странска вмешаност. Организацијата EUvsDisinfo во своите анализи од февруари и март 2025 година ги оцени тврдењата дека Западот организира „обоена револуција“ во Србија како непоткрепени. Како причина за протестите ја наведува трагедијата во Нови Сад и незадоволството од корупцијата и работата на институциите.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција