Во Струмица не е изградена новата противпожарна станица

Фото: www.strumica.gov. mk

 

Изградба на нова противпожарна станица. Во наредните 3 години Струмица ќе добие нова современа противпожарна станица за брза и ефикасна интервенција на противпожарните екипи во итни ситуации. Новата противпожарна станица ќе биде изградена во просториите на поранешната Касарна и ќе биде целосно финансирана од Буџетот на општина Струмица и од меѓународни фондови.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за изградба на нова противпожарна станица во Струмица е неисполнето ветување на доскорешниот градоначалник на Струмица Зоран Заев, кој си поднесе оставка на оваа функција на крајот од декември 2016 година, набрзо откако стана пратеник во Собранието на РМ. Овој проект е дел од неговата изборна програма за локалните избори 2013-2017 година, „Струмица знае…“ (стр.51), каде, меѓу другото, е наведено:

Наша приоритетна задача во областа на противпожарната заштита е: заштита на животот и имотот на граѓаните и заштита на животната средина преку подготвеност за интервенција на противпожарните екипи, ефикасна превенција како и решавање и ублажување на евентуалните штетни последици, се вели меѓудругото во најавата на проектот.

Ветувањето за нова противпожарна станица во Струмица, Заев го даде и за време на предизборната кампања, на промоцијата на неговата предизборна програма одржана на 11.03.2013 година.

1.048 нови проекти, 30 нови фабрики, 3.000 нови работни места, продолжување на проектот на гасификација, сала за концерти, железничка жичара, нова противпожарна станица, ново турско маало, три нови детски градинки, 500 илјади евра за невладиниот сектор, а 600 илјади евра за културни манифестации. Ова е дел од проектите во изборната програма на кандидатот за градоначалник на Струмица, Зоран Заев, објави порталот А1он.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција одржана на 05.10.2015 година, зборувајќи за „лажните ветувања на Зоран Заев“, спомена дека новата противпожарна станица во Струмица сè уште не е изградена.

Еве што најави Зоран Заев на локалните избори за Струмица неколку пати, а што не исполнил ниту до ден денес: …Вети изградба на нова пречистителна станица. Вети нова противпожарна станица, но и тоа не е исполнето…

Кандидатот за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Васил Пишев, за предвремените парламентарни избори кои се одржаа во декември минатата година, на прес-конференција одржана на 02.12.2016 година,  рече дека „Зоран Заев секојдневно шетајќи се низ Mакедонија ветува брда и долини, лажејќи ги граѓаните со нереални проекти“. Заев беше носител на листа на здружената опозиција предводена од СДСМ во четвртата изборна единица, каде и Пишев  беше кандидат за пратеник од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Граѓаните на Струмица нема да ги заборават лажните ветувања на Зоран Заев кои никогаш не ги оствари. Зоран Заев пред струмичани многу вети, но ништо не оствари…Ветуваше и најавуваше изградба на нова противпожарна станица за брза и ефикасна интервенција на противпоражните екипи. Според ветувањата на Зоран Заев таа требаше да биде изградена во просториите на поранешната касарна и да биде финансирана од буџетот на општина Струмица, но до ден денес оваа противпожарна станица не е изградена…, изјави Пишев.

На официјалната веб – страница на Општина Струмица не успеавме да најдеме никаква информација во врска со проектот за изградба на новата противпожарна станица. На интернет пребарувачите, исто така, не може да се најде информација во врска со евентуална изградба на нова противпожарна станица во Струмица.

Иако, Заев најави  дека  Струмица ќе добие нова противпожарна станица до 2016 година, сепак досега (21.07.2017)  воопшто не е започната нејзината изградба. Имајќи предвид дека  мандатот на актуелната локална власт  завршува во мај 2017 година, може да се заклучи дека ова ветување на Заев не е исполнето.

 

*** За овој проект побаравме став од Општината, но оттаму ни одговорија дека надлежното лице кое може да ни даде одговор не е тука и дека одговор ќе добиеме следната недела. Така што, доколку добиеме одговор тој ќе биде ажуриран.

***ДОПОЛНУВАЊЕ

Три дена по објавувањето на текстот ни се јавија од Општина Струмица и оваа изјава ја пренесуваме во целост:

Новата противпожарна станица, според планот, треба да биде лоцирана во кругот на касарната во Струмица. Пред десет години, со одлука на Владата ни беше доделен објект, но досега не е извршено официјално, законско примопредавање на тој објект. Од тие причини ние не можеме ништо да планираме – изјави за „Вистиномер“,  Кирил Парталов, секретар на Општина Струмица.

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција