Се градат затворени базени во неколку општини низ државата

Градежни активностои на новиот базен во Тетово Фото: http: ams.gov.mk

 

Во Битола, Штип, Прилеп, Тетово, Кочани и Кавадарци ќе изградиме затворени пливачки базени, со стандарди и содржини за пливање и ватерполо, ќе вградиме и пропратни објекти и простории за општинската спортска структура.

[Извор: Предизборна програма на СДСМ „План за живот“, стр. 170; Датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Во предизборната програма на СДСМ „План за живот“, со која партијата настапи на последните парламентарни избори (2016), меѓу капиталните инвестиции во спортска инфраструктура предвидена е и изградба на затворени базени, нивната реализација е во тек.

На седница одржана во април минатата 2019 година, Владата усвои Информацијата за реализација на проект за изградба на 14 пливачки базени во земјава, што всушност претставуваше согласност за Агенцијата за млади и спорт да отпочне постапка за склучување договори за јавна набавка за изградба на базените. Како што тогаш соопштија од Владата, за оваа намена се издвојуваат 30 милиони денари од буџетот.

Дополнително, со заклучок на Владата на РСМ, Агенцијата за млади и спорт е задолжена во наредните 3 години да ги планира и вклучи средствата потребни за реализација на договорот во буџетското барање за 2020, 2021, и 2022 година, а на општините Штип, Чаир, Струмица, Велес, Неготино, Прилеп, Битола, Гостивар, Карпош, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Тетово и Кичево, им препорача да изберат и предложат локација, за која треба да побараат и обезбедат Одобрение за градба, соопштија тогаш од Илинденска.

Паралелно со тоа, директорот на АМС, Дарко Каевски, најави дека од јуни (2019) ќе почнат да се градат затворени базени во поголеми општини во земјава, чија должина ќе биде 25 метри, а длабочина 0,90 од 1,40 метри. Како што рече тој, целта на проектот е децата уште од основно образование да имаат еден час по пливање во рамки на физичкото образование.

Сега сме во фаза на избирање најдобар изведувач, ќе се распише повикот за изведувач и очекувам во јуни да почне да се гради. Парите се обезбедени за четири години. Целта е секое дете да може да научи да плива, рече Каевски.

Според податоците од Бирото за јави набавки, Агенцијата објавила оглас за изградба на 6 затворени базени кон крајот на годината, односно на 03.10.2019 година, ама првата постапка била поништена поради „битни пропусти и недотатоци во тендерската документација“. Но, веќе на 01.11.2019 година, била распишана нова тендерска постапка, во чии рамки на 07.02.2020 г. биле склучени договори во вкупна вредност од 244 милиони денари.

Поточно, Агенцијата склучила договор со „Енергоинвест Трејд“ за изградба на 5 базени (Ѓорче Петров, Кисела Вода, Кичево, Битола и Штип) во вкупна вредност од 200 милиони денари. Еден мал од дел овој тендер добила и компанијата „Еуровиа“, која пак го гради базенот во Тетово за 43 милиони денари.

Веднаш после склучувањето на договорите, беа поставени камен-темелници за изградба на базенот во Ѓорче Петров, во Кичево, во Штип. Сепак, се чини дека со најзасилена динамика се гради базенот во Тетово, имајќи предвид дека Каевски, заедно со претставници од државниот врв, неодамна изврши увид на терен, најавувајќи дека дека ќе биде готов до крајот на годинава, а веќе од следната ќе биде пуштен во употреба.

Оттука, со оглед дека изградбата на дел од ветените базени веќе е започната, додека истовремено се најавуваат постапки за изградба на вакви објекти и во други општини, може да се каже дека реализацијата на ова ветување е во тек.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Влатко СТОЈАНОВСКИ

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција