Во тек е реконструкцијата на северниот влез во Битола
Реконструкција на влезниот патен правец во Битола од Прилеп
[Извор: Изборна програма на Наташа Петровска за локалните избори 2017-2021 – „Живот во Битола за сите“ (стр.26) , датум: октомври 2017]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска како кандидат на СДСМ за челната градска функција, за локалните избори (15.10.2017 г.) вети реконструкција на северниот влез на Битола, оној од страната на Прилеп. Споменатото ветување е дел од проектот „Осовременување на влезните патни правци во Битола од Прилеп и Охрид, посочен во изборната програма на Петровска: „Живот во Битола за сите“ (стр.26) , и неговата реализација е во тек.
Целосна реконструкција и репрезентативен лик на влезовите во Битола, Петровска најавуваше и во настапите за време на изборната кампања:
Сите влезови се во очајна состојба, а тоа не ѝ доликува на конзулска Битола. Со помош на централната власт ветуваме дека ќе биде извршена целосна реконструкција и уредување на сите влезови од Битола, од страната на Прилеп и Охрид, рече Петровска на прес-коференцијата на 11.10.2017 година
Два дена подоцна (13,10.2017) министерот за транспорт и врски Горан Сугарески во Битола ѝ даде јасна на поддршка на Петровска, нагласувајќи дека Владата ги поддржува сите проекти кои се зацртани во нејзината изборна програма, споменувајќи ја притоа и реконструкцијата на влезовите во Битола.
Исто морам да потенцирам, и тоа имав прилика денес да го видам тука уште еднаш, а тоа се многу лошите влезови во градот Битола, коишто градоначалникот со поддршка на централната власт мора да се направи за овој град биде она што навистина треба да биде а тоа е модерен европски град уште од самиот влез и се разбира и центарот на Битола. (Сугарески)
Реконструкцијата на северниот влез на Битола започна на 10 април 2018 година. Медиумите информираа дека Општина Битола со ЈП „Нискоградба“ ги отпочнаа градежните активности за реконструкција на овој сообраќаен влез во должина од 2,5 километри и дека за оваа намена од општинскиот буџет ќе бидат издоени 8,5 милиони денари, а дополнителн средства ќе обебзбеди ЈП за државни патишта. Исто така, беше пренесена и изјава од градоначалничката Петровска во која таа вели:
Влезот во Битола од страната на Прилеп подолго време беше запоставен, години наназад овој дел се наоѓаше во програмата за уредување на градежно земјиште на Општина Битола, меѓутоа за жал ситуацијата беше таква каква што ја гледавме до денес…Одлучивме да не вршиме само покривање со асфалт на коловозот, туку претходно да го решиме проблемот со атмосферските води, затоа што доколку тоа не го направиме, набрзо асфалтот би се оштетил. Реконструкцијата на сообраќајницата ќе опфати 400 метри канализациска мрежа , тоа е најкритичниот дел каде канализацијата не беше решена, заради што овој дел е најоштетен, а реконструкцијата ќе се изведе до излезот на Битола, во должина од 2,5 километри. Целокупната тендерска постапка ја спроведуваше ЈП за државни патишта (Петровска).
Во веста уште се кажува дека булеварскиот влез ќе се уредува во фази, сè до кончено завршување на постапката за експропријација. Додека трае првата фаза од реконструкцијата на коловозот, сообраќајот ќе се одвива со изменет режим, односно, наизменично ќе се вози по една коловозна лента.
Информација и фотографии дека започнаа градежните работи за реализација на проектот „Надградба и поправка на коловоз на патен правец Р1101 – клучка Крклино – влез во Битола“, се објавени и на веб-страницата на Општина Битола. Дека стартуваше реконструкцијата на севрениот влез на Битола говори и градоначалничката Петровска во интервјуто за „Вистномер“, објавено на 02.05.2018 година.
ИЗВОРИ:
- Изборна програма на Наташа Петровска за локалните избори 2017-2021 – „Живот во Битола за сите“(стр.26) [Пристапено: 03.05.2018]
- Тајм.мк ( 13.10.2017): (ВИДЕО) Сугарески: Владата ги поддржува сите проекти зацртани во програмата на Петровска [Пристапено: 03.05.2018]
- Либертас (11.10.2017): (ВИДЕО) Петровска: Целосна реконструкција и репрезентативен лик на влезовите во Битола [Пристапено: 03.05.2018]
- Тера ТВ (13.10.2017): Сугаревски со поддршка за Петровска [Пристапено: 03.05.2018]
- Грид.мк (10.04.2018): Ќе се уредува влезот на Битола [Пристапено: 03.05.2018]
- Апла.мк (10.04.2018): Почнаа градежните активности за реконструкција на влезот во Битола од страната на Прилеп [Пристапено: 03.05.2018]
- Тера ТВ (10.04.2018): Се реконструира влезот во Битола од страната на Прилеп [Пристапено: 03.05.2018]
- Веб-страница на Општина Битола: Се реконструира влезот во Битола од страната на Прилеп [Пристапено: 03.05.2018]
Оцени: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар