Во Украина нема програма за развој на биолошко оружје финансирана од САД

Нема докази дека украинската влада наредила уништување на патогени на антракс, колера и други заразни болести дента кога Путин изврши инвазија врз Украина. Исто така, не е вистина дека во Украина постојат лаборатории за производство на биолошко оружје финансирани од САД. Напротив, тамошните лаборатории се со цел да превенираат ширење на заразни болести и се дел од Развојна програма за намалување на ризиците и опасностите од болести

Нема докази дека украинската влада наредила уништување на патогени на антракс, колера и други заразни болести дента кога Путин изврши инвазија врз Украина. Исто така, не е вистина дека во Украина постојат лаборатории за производство на биолошко оружје финансирани од САД. Напротив, тамошните лаборатории се со цел да превенираат ширење на заразни болести и се дел од Развојна програма за намалување на ризиците и опасностите од болести

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се тврди дека „Украина ги уништува доказите за програмата за развој на биолошко оружје финансирана од САД”. Во склоп на постот е споделен текст од сајтот Коловрт, во којшто се тврди дека откако руските војници влегле во Украина на 24 февруари годинава, украинската влада наредила итно да се уништат патогени на чума и антракс во лаборатории кои се финансирани од САД. Се наведува и дека програмата за биолошко оружје финансирана од САД вклучувала производство на компоненти на биолошко оружје во лаборатории во градовите Полтава и Харков.

Тврдењата му се атрибуирани на руското Министерство за одбрана и презентирани се наводни документи во кои има список на патогени што требало да се уништат, а се кажува дека прв информацијата ја објавил рускиот медиум „Раша Тудеј“ кој, инаку, е државно контролиран. Во текстот, исто така, се додава дека „Раша Тудеј“ не може да потврди дека документите се веродостојни.

Кои настани и претходеа на оваа бомбастична објава?

Како обид да ја оправда својата инвазија во Украина, руската пропаганда уште еднаш промовира невистинит наратив, дека Украина развива биолошко оружје со асистенција на САД. На 6 март Министерството за одбрана на Русија тврдеше дека добило докази за тоа дека Украина и САД соработувале да развијат биолошко оружје. Во мноштво руски медиуми оваа информација одекна со брзина на светлината, а беше пренесена и кај нас. Според мајор генерал, Игор Конашенков,  патогени за смртоносни болести, меѓу кои чума, антракс и колера биле создавани во овие лаборатории, за да бидат користени во биолошко војување и дека овие лаборатории ,,се основани од САД и од американското министерство за одбрана”.

Лажното тврдење дека постојат американски финансирани лаборатории во Украина во кои се произведуваат патогени се турка од Русија уште од 2020 година.

Во мај 2020, во екот на ковид пандемијата, тајната служба на Украина издаде соопштение во кое ги упатува политичарите да престанат да шират дезинформации за постоење на ,,американски воени биолошки лаборатории во Украина”.

Нема странски биолошки лаборатории кои оперираат во Украина. Тврдењата од индивидуални политичари за наводното постоење на вакви лаборатории се невистинити и се намерно искривување на фактите, се вели во соопштението.

Во април 2020 година и американската амбасада во Украина издаде соопштение во кое вели дека сака да биде начисто, во врска со дезинформациите за програмата.

Во соопштението се вели дека:

САД и Украина имаат партнерство уште од 2005 година, за да го превенираат ширењето на заразни болести како и да овозможат мирно развивање на вакцини. Ова партнерство меѓу одделот за одбрана на САД и украинското Министерство за здравство е дел од Развојната програма за намалување на опасностите (Cooperative Threat Reduction Program), која почна во 1991 година со цел да се намали опасноста од оружје за масовна деструкција по распадот на Советскиот Сојуз.

Ова партнерство, не значи дека во Украина има лаборатории водени од САД , всушност, Одделот за одбрана на САД никогаш немал биолошка лабораторија во Украина.

Оваа програма за намалување на опасностите (U.S. Department of Defense Cooperative Threat Reduction Program), овозможи техничка поддршка за украинското Министерство за здравство од 2005 година, за да се подобрат јавните здравствени лаборатории, чија мисија е аналогна на таа на американскиот центар за контрола и превенција на болести, изјави за Политифакт Енди Вебер, член на одборот на асоцијацијата за контрола на оружје.

Истражувачот за биолошко оружје и професорка на Кингс Колеџот во Лондон, Филипа Ленцос, за „Франспрес“ рече дека нема индикации дека овие лаборатории во Украина се користат за да се развие биолошко оружје, туку нивната цел е да превенираат ширење на заразни болести.

Како што пишува „Атлантик Каунсел“, Кремљ во минатото во многу наврати користеше фалсификувани документи, фалсификувани потписи како дел од претходните операции за влијание.

Во 2020 година медиумите блиски до Кремљ се обидоа да ја обвинат Америка за ковид пандемијата, сугерирајќи дека вирусот е создаден во лаборатории.

Поради горенаведените факти, оценуваме дека нема докази дека украинската влада наредила уништување на патогени на антракс, колера и други заразни болести дента кога Путин изврши инвазија врз Украина. Исто така, оценуваме дека не е вистина дека во Украина постојат лаборатории за производство на биолошко оружје финансирани од САД. Напротив, тамошните лаборатории се со цел да превенираат ширење на заразни болести и се дел од Развојна програма за намалување на ризиците и опасностите.


Qries

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција