Во вакцините на Фајзер нема нанотехнологија

Фото: Принтскрин видео

Не е вистина дека во вакцината против ковид-19 има нанотехнологија. Експерти по имунологија тврдењата за микроскопски елементи кои се составуваат во телото на вакцинираните ги нарекуваат чиста фантазија и бесмислица. Стручната јавност е децидна дека во вакцините нема мали електронски компоненти

Не е вистина дека во вакцината против ковид-19 има нанотехнологија. Експерти по имунологија тврдењата за микроскопски елементи кои се составуваат во телото на вакцинираните ги нарекуваат чиста фантазија и бесмислица. Стручната јавност е децидна дека во вакцините нема мали електронски компоненти

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека „под итно треба да се забранат било какви вакцини“ затоа што доктор Дејвид Никсон од Австралија „под микроскоп открил нано роботски раце како склопуваат нанокомпоненти во телата на вакцинираните“.

Потоа во објавата се додава дека „роботската нанотехнологија била доставувана до телата на вакцинираните со вакцините против ковид-19“.
После ова нека каже некој дека не се работи за наночипирање луѓе и нивно претворање во послушно стадо биороботи кои ќе се контролираат преку 4G и 5G мрежите со поврзување на Интернет на тела. Контролата ќе се врши преку фреквенции и ЕМГ бранови! Исто така, елиминацијата на вишокот непотребна и „бескорисна храна“ ќе се прави постепено и сукцесивно преку 5G мрежата. Ова не е иднината, ова е сегашноста и нашата реалност за жал!, се посочува во објавата.
Потоа се споделува единаесетминутно видео каде извесен доктор Дејвид Никсон кажува дека ја истражувал вакцината на Фајзер под микроскоп, снимал 3 часа и ќе презентира едноминутен исечок од тоа тричасовно снимање. Според тоа што го изнесува во видеото, ставил 4 капки вакцина на Фајзер под микроскоп и забележал „наноконструкција која се случува односно објекти кои се градат од страна на роботи контролирани од надвор преку електромагнетно зрачење“. Тој заклучува дека „ова формирање на структурите создава згрутчување на крвта и затоа треба да се сопре сета вакцинација со сите вакцини“. Потоа водителката кажува дека секој ден на својот Телеграм канал објавува дека луѓе изненадно умираат, и го спомнува примерот со британски радиоводител кој починал додека водел емисија во живо и вели дека „веќе не можеме да кажуваме дека ова умирање не е поради вакцините“. Таа ги нарекува производителите на вакцини „психопати“ кои „вбризгале нешто супер интелигентно во луѓето преку вакцините кои не се ни вакцини туку некаков вид нанотехнологија“. Потоа со докторот се фокусираат на нешто што самите проценувааат дека се „роботски раце кои составуваат форми под микроскоп односно во телото на вакцинираните“ и заклучуваат дека „ова составување на структури е многу споро, па не било чудно што луѓето умирале пет месеци по вакцинацијата, зашто кога би умирале веднаш би било многу очигледно дека има нанотехнологија во вакцините“. Ова според нив е „злосторство против човештвото“.
Никсон е доктор кој работи во Бризбејн, Австралија, со посебен интерес на дијабетесот, кардиоваскуларните болести и менаџментот на овие состојби. Но, тој не е првиот кој ја прошири дезинформацијата дека во вакцините на Фајзер, наводно има нанотехнологија, односно некакви роботи коишто составуваат објекти во човековото тело поради што, како што невистинито се тврди, подоцна се доживуваат мозочни удари. Проверувачи на факти од Нов Зеланд, пишуваа за идентични тврдења, само изнесени од страна на друго лице.
Тогаш, доктор од Нов Зеланд тврдеше дека вакцините против ковид-19 содржат микроскопски електронски елементи кои се составуваат во телото на вакцинираните. Но, ова тврдење е невистинито.

Нема такви компоненти на листата на состојки на вакцината на Фајзер која што е објавена од Медсејф, регулаторно тело за вакцини во Нов Зеланд. Експерти по имунологија тврдењата за микроскопски елементи кои се составуваат во телото на вакцинираните ги нарекуваат чиста фантазија и бесмислица. И тогаш како и во постот што го рецензираме, тврдењата се протнуваа под името најголемо злосторство против човештвото. Извесен доктор Мет Шелтон тогаш тврдеше дека во вакцината на Фајзер има наночестички кои се составуваат во телото (поточно тврдеше дека има микроскопски само составувачки електронски компоненти регуларни геометриски форми кои никогаш не се појавуваат во природата), по што стотици измамени граѓани кои поверуваа во оваа невистина повикуваа на детоксикација на вакцинираните за, како што велеа, да ги извадат овие несакани тешки метали и слободни радикали надвор од телото.

Потоа медицинскиот совет на Нов Зеланд ја прогласи неговата суспензија заедно со двајца други доктори, поради тоа што го истражувале нивното однесување со пациентите во контекст на ковид пандемијата.

Од Фајзер за проверувачи на факти од Нов Зеланд велат дека на нивната листа на состојки нема електронски компоненти во склоп на составот.

Експерти тврдат дека наводите за нанотехнологија во вакцините против ковид-19 се невистина и фантастика.

Нема електронски компоненти во нив воопшто. Вакцината на Фајзер е всушност солена вода со честички коишто пловат, а кои се направени од масти познати како липиди, а кои содржат деликатни делови од мРНК што е многу честа молекула во нашите тела, вели доктор Кајли Квин од Универзитетот за здравје и биомедицински науки.

Според доктор Квин, напредни форми на микроскопија се потребни за да се погледне надворешноста на липидните наночестички, а камоли нивните состојки.

Би било предизвик ако не и невозможно директно да се гледаат состојките на честичките формирани од овие липиди под микроскоп. Зашто нивната мала големина ги става во нано опсегот. Тие се околу 60 до 100 пати помали отколку бело крвно зрнце така што може да заличат на мали точки под нормален микроскоп, додава доктор Квин.

Професорот на Универзитетот Квинсленд, Кит Чапел вели дека тврдењето за нанотехнологија во вакцините е смешно.

мРНК вакцините содржат наночестички ама тие се состојат од липиди и молекули на холестерол. Овие се слични на микроскопски точки од масти коишто ја носат вакцината во клетките. Ова дефинитивно не се електронски компоненти и ова нема смисла на ниедно ниво, изјави тој.

Професорот од австралискиот Национален Универзитет за здравје и медицина, доктор Дејвид Чарке, вели:

Прво, знаеме што има во вакцината. Нема мали електронски компоненти. Второ, никој во светот нема направено ништо толку мало, а да може да функционира електронски на каков било начин. Трето, за воопшто да може да се зборува за наночестички, би морало да има многу моќен електронски микроскоп само за да ги видат, а камоли за деталите.

На владината страница за информации поврзани со вакцините во Австралија, во делот за прашања за митови и факти, на прашањето дали вакцините содржат микрочип или било каков вид на технологија за следење пишува дека такво нешто не постои. Вистиномер и претходно го дебанкираше тврдењето дека во вакцините има нанотехнологија. 

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека во вакцината на Фајзер има нанотехнологија. Вакцините на Фајзер немаат електронски компоненти што се гледа и од составот на вакцините.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција