Во Законот за заштита на правата на пациентите не се вели дека имате право да не ги вакцинирате децата

Фото: pixabay.com

Во објавата неточно се тврди дека родителите кои не ја исполниле својата законска обврска да го вакцинираат нивното дете против заразни болести, не сториле никаков прекршок. Ова е целосно извртување на вистината. Според Законот, пациентот нема право да одбие медицинска интервенција, ако таквата постапка ќе предизвика некому штета, дали на пациентот или на други лица. А таков е случајот со вакцинацијата, бидејќи таа се врши како заштита од заразни болести, кои можат да предизвикаат тешки последици, во некои ситуации и смртни случаи кај лицата кои не се соодветно имунизирани. Навремената вакцинација во текот на детството е од суштинско значење бидејќи помага да се обезбеди имунитет пред децата да бидат изложени на потенцијално опасни по живот болести

Во објавата неточно се тврди дека родителите кои не ја исполниле својата законска обврска да го вакцинираат нивното дете против заразни болести, не сториле никаков прекршок. Ова е целосно извртување на вистината. Според Законот, пациентот нема право да одбие медицинска интервенција, ако таквата постапка ќе предизвика некому штета, дали на пациентот или на други лица. А таков е случајот со вакцинацијата, бидејќи таа се врши како заштита од заразни болести, кои можат да предизвикаат тешки последици, во некои ситуации и смртни случаи кај лицата кои не се соодветно имунизирани. Навремената вакцинација во текот на детството е од суштинско значење, бидејќи помага да се обезбеди имунитет пред децата да бидат изложени на потенцијално опасни по живот болести

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека родителите коишто не ги вакцинираат своите деца не прават никаков прекршок. Ова е неточно и оваа објава освен што шири дезинформации, поттикнува и антиваксерство, особено помеѓу родителите на мали деца.

Од септември наваму стотина родители ми се обратија за помош, како да постапат.

НЕ ЗАБОРАВАЈТЕ! НЕ СТЕ СТОРИЛЕ НИКАКОВ ПРЕКРШОК!

Проблемот е што глобите се водат според Законот за заштита на население од заразни болести. И таму, да, има предвидено казни, глоби за невакцинирање. НО, НИКОЈ ВО ДРЖАВАВА НЕ ГО ЕСАПИ ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА НА ПРАВАТА НА ПАЦИЕНТИТЕ според кој ИМАТЕ ПРАВО да не вакцинирате.

Задоволството е големо кога знаете дека се повеќе родители си ги осознаваат своите права и се борат со системот.

Судовите најчесто ја намалуваат првично изречената казна, да биде колку нешто. Но, има родители кои и тоа не го признаваат, па одат на Апелационен суд.

Секоја чест родители! НЕ сте сами, заедно сме во војната!

Објавата е коментар на новинарски текст во којшто се вели дека некои родители биле повикани на суд затоа што не ја исполниле својата законска обврска да го вакцинираат нивното дете против заразни болести.

Притоа, во објавата неточно се коментира дека овие родители не сториле никаков прекршок. Ова е сосема погрешна информација. Иако точно се посочува дека родителите добиле глоби според Законот за заштита на население од зарази болести, сепак се манипулира дека всушност Законот за заштита на правата на пациентите ги заштитува овие родителите. Ова е целосно извртување на вистината и воопшто не е точно.

 

Што вели Законот?

Имено, во Законот за заштита на правата на пациентите воопшто нема дел кој се однесува на конкретна медицинска постапка, туку е општ закон. Па така, во Законот во ниту еден момент не се спомнуваат вакцини, а уште помалку има дел кој вели дека „имате право да не го вакцинирате детето“.

Во овој Закон во член 14 се утврдува правото на прифаќање и одбивање на определена медицинска интервенција. Но, ниту во овој член ниту во кој било друг член не се посочува вакцинирање на децата. Напротив. Иако овој член вели дека смеете да одбиете определена медицинска интервенција, сепак постојат исклучоци кога не смеете да го применувате тоа.

Пациентот има право да прифати или да одбие определена медицинска интервенција, освен во случаите на медицински интервенции чие одложување или непреземање би го загрозило животот и здравјето на пациентот, односно животот и здравјето на други лица или би предизвикало привремено или трајно оштетување на неговото здравје, односно здравјето на други лица.

Ова значи дека во случај кога одбивањето на медицинската интервенција ќе предизвика некому штета, дали на пациентот или на други лица, тогаш пациентот нема право да одбие. А таков е случајот и со вакцинацијата.

Имено, вакцинацијата се врши како заштита од заразни болести кои можат да предизвикаат тешки последици, а во некои ситуации и смртни случаи кај лицата кои што не се соодветно имунизирани.

 

Зошто е важна вакцинацијата?

Освен тоа, со вакцинирањето не се заштитуваме само себе, туку и оние околу нас. Ова е особено важно бидејќи одреден дел од популацијата, како оние кои се сериозно болни, кои имаат одредени алергии и многу мали бебиња, се советуваат да не примаат одредени вакцини – така што тие зависат од останатите кои може и треба да се вакцинираат и да помогнат да се намали ширењето на болести.

Па така, доколку не го вакцинирате детето тоа значи дека „со непреземање се загрозува здравјето и животот на пациентот“ како и „здравјето и животот на други лица“. Со ова се исполнува условот во Законот за заштита на правата на пациентите (на којшто се повикува авторот на објавата), кој потенцира кога не смеете да одбиете медицинска интервенција.

Преку вакви објави, кои шират антиваксерска содржина, се загрозува здравјето и животот на децата, но и на тие околу нив, бидејќи не се применува имунизација која претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно допринесува за намалување на морбидитетот и морталитетот од заразните заболувања.

Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу деца и возрасни ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.

Според СЗО, вакцинацијата е едноставен, безбеден и ефикасен начин за заштита на луѓето од штетни болести, пред да дојдат во контакт со нив. Вакцините ја користат природната одбрана на вашето тело – имунолошкиот систем за да ги препознае и да се бори против вирусите и бактериите, а со тоа да создаде отпорност на специфични инфекции. По вакцинацијата, ако телото подоцна е изложено на тие микроби што предизвикуваат конкретна болест, веднаш е подготвено да ги уништи, спречувајќи да се развие болеста.

Во некои случаи, природниот имунитет – што значи всушност фаќање болест и разболување – резултира со посилен имунитет на болеста отколку вакцинацијата. Сепак, опасностите од овој пристап многу ги надминуваат придобивките. Ако сакате да стекнете имунитет на сипаници, на пример, со заразување со болеста, ќе се соочите со 1 од 500 шанси за смрт од вашите симптоми. Спротивно на тоа, бројот на луѓе кои имале тешки алергиски реакции од вакцината за МРП е помал од еден во еден милион.

Навремената вакцинација во текот на детството е од суштинско значење бидејќи помага да се обезбеди имунитет пред децата да бидат изложени на потенцијално опасни по живот болести.

Имунолошкиот систем на бебињата не е целосно развиен при раѓањето, што може да го стави бебето на поголем ризик за инфекција. Вакцините го намалуваат ризикот од инфекција на вашето дете работејќи со природната одбрана на телото за да помогне безбедно да се развие заштита од болести.

Календар за редовна имунизација

Во С. Македонија постои календар за редовна имунизација на децата. Во тој календар е предвидено која вакцина на која возраст треба да се прими, почнувајќи од првите 24 часа од раѓањето на новороденчето. Задолжителни се вакцини против поголем број болести како што се туберкулоза, полиомелитис, морбили, рубеола, хепатитис Б, паротитис епидемика (заушки), хемофилус инфлуенца тип Б, човечки папиломен вирус, дифтерија, тетанус и пертусис. Сите овие вакцини предвидени во календарот, се задолжителни според Законот за заштита на населението од заразни болести каде се предвидуваат и казни за неспроведувањето.

Благодарејќи на имунизацијата многу заразни болести кои во минатото претставувале значаен јавно-здрaвствен проблем затоа што предизвикувале висок морбидитет, односно морталитет кај децата и возрасните, или предизвикувале компликации и инвалидитет, денес се елиминирани или ставени под контрола, сведени на поединечни случаи без смртен исход и трајни последици.

Но, многу родители, некогаш и под влијание на социјалните мрежи, немаат доверба во вакцините. Истражувањата, сепак, покажуваат дека повеќето од најголемите стравови на родителите за вакцинација се неосновани. Но, покрај тоа што најмалку 20 студии покажуваат дека вакцините не се поврзани со аутизмот сè поголем број родители одбиваат да ги вакцинираат своите деца.

Со гледање на пошироката слика и земајќи ги предвид сите истражувања и факти, никако не може да се изведе заклучок дека одреден закон ви дозволува да одбиете вакцинирање на сопствените деца, ниту, пак, може да се изведе заклучок дека вакцините се опасни и дека со нивното одбивање ги заштитувате деца. Напротив, само може да им го загрозите здравјето и животот не само на вашите деца туку и на тие околу нив.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција