Во земјата не е воведен двонеделен карантин

Фото: ФБ профил на директорот на ЗОО-Скопје, Галетановски

Со последните одлуки на надлежните институции не се предвидува двонеделен карантин од 19 до 5 часот наутро, ниту пак, некоја друга мерка за спречување на граѓаните да излегуваат од дома. Ова е чиста невистина и, што е уште пострашно, ја шири јавен функционер – директорот на Зоолошката градина во Скопје

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Директорот на Зоолошката градина во Скопје, Ѓорги Галетановски деновиве во јавноста ја пласираше следната невистина во врска со новите мерки за заштита од коронавирусот:

Тоа е деца. Карантин од 19 до 5, 2 недели, ништо страшно, ќе помине одма.

[Извор: Фејсбук профил на Директорот на ЗОО-Скопје, Ѓорги Галетановски; Читај.мк ,  датум: 30.10.2020]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ова тврдење на директорот на ЗОО-Скопје, Ѓорги Галетановски, објавено на неговиот Фејсбук профил, е целоснo неточно. Со ваквиот негов став тој само  шири паника и дезинформира дека, наводно, во државата се воведува нова рестриктивна мерка – 10 часовен карантин во период од 14 дена.

Во моментот кога е пласиран постот (30.10.2020) во земјата, но и насекаде во светот, има нагло зголемување на бројот на заболени од Ковид-19, па поради тоа здравствените власти предложија нови построги мерки за справување со епидемијата. Собранието на 28 октомври во вечерните часови ги донесе  измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, и тие може да се видат на посебната страница за коронавирус на веб-сјатот на Владата на Северна Македонија, а ги објави и министерот за здравство, Венко Филипче на неговиот профил на Фејсбук.

Со овие мерки, меѓу другото, се предвидува задолжително носење маска на отворено, задолжителна самоизолација на оние кои чекаат тест за коронавирус и се забранува групирање на јавен простор (паркови, јавни површини или било која површина на отворено) во одредени периоди од деноноќието. За неносење маска на отворено предвидена е парична казна од 20 евра, додека за  прекршителите на членот од Законот кој ја регулира самоизолација предвидена е  казна од 50 евра, а тие што ќе се групираат на отворено ќе платат казна од 500 евра.

Во мерките, кои во меѓувреме  стапија на сила, воопшто не се споменува карантин, ниту, пак, некаква форма на полициски час – како што имаше пролетта во првиот бран на пандемијата. Впрочем, здравствените авторитети во земјата, вклучително и министерот за здравство, повеќепати укажаа дека целата на мерките не е да се ограничи слободното движење, туку групирањето како главен извор на трансмисија на коронавирусот.

Тајмингот кога е објавен Фејсбук статусот на Галетановски (31.10.2020), сите економски оператори, како и угостителските објекти, работат до 23 часот – според Одлуката на Владата од 21.10.2020.

Завчера  – 3 ноември, пак, Владата донесе Одлука за нови мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, при што се скратува работното време на угостителските објекти до 21 часот, освен за достава и шалтерска продажба на храна. Оваа одлука важи и за угостителските објекти на бензинските станици, а исклучени се угостителските објекти на ТАВ аеродромите во Скопје и Охрид и хотелските ресторани за гостите кои се сместени во хотелите. На владината седница е донесена и Одлука за забрана за групирање на повеќе од четири лица на јавен простор после 21 часот.

Како што може да се види и со последната владина Одлука, а која е донесена неколку дена откако е објавен постот, не се предвидува карантин или некоја друга мерка за спречување на граѓаните да излегуваат од дома. Така што, јасно е дека објавата на Галетановски е чиста невистина и, што е уште пострашно, ја шири јавен функционер – директорот на Зоолошката градина во Скопје.

Да споменеме дека и под самата објава на Галетановски која привлече големо внимание – има 108 реакции и 46 коментари, некои од личностите му сугерираат да не дезинформира и да не шири паника:

„Директоре гледајте си ја секој работата за која сте избрани не сте доктори ниту надлежни за известување!“

„Непотребно ширете паника!“

„Gi preplasi lugevo, mislat izglasale pa panicarat odma“

Сепак, наспроти ваквите укажувања, директорот на Зоолошката градина, продолжува да полемизира со истиот тон, возвраќа дека имал право на свое мислење и додава:

„И ја добронамерно поттикнувам на свест. А ако тоа ве паничи лажете се сами.“

Дополнително, ваквото невистинито тврдење на Галетановски дека се воведува „двонеделен карантин од 19 до 5 часот наутро“, пласирано преку социјалните мрежи, е пренесено во текст на еден портал, а потоа е споделено на Фејсбук. Овој пост е дури и повирален од оригиналниот и во моментот кога е пишувана рецензијата има 389 допаѓња, 96 коментари и 16 споделувања. Меѓу коментарите има и такви со навредлив тон и говор на омраза:

Kakva p**ka ima rodeno vakvi politicari.. abe svee namestalka svee planirano.. nema ni virus ni bakrac.. aj koga beke nemaat da davat pomos ke pisite na den 30 zaboleni.. duvajte na vazduh.. da li be ednas edna p**ka ke rodi politicari sto saka narodot, drzavata samo da ide napred

Da ve zatvore gospod pod zemja site tie sto sakate karantin sto komentirate za karantin stoko nezdrava

Инаку, кај нас во почетокот на пандемијата во неколку наврати имаше полициски час, додека  кризна состојба  беше прогласена само за Дебар и Центар Жупа. Овие општини на 13 март поради големиот број на заразени и можноста за ширење на вирусот, практично беа ставени во едномесечен карантин, со зголемено присуство на итните служби и со ангажирање на армијата.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција