Во земјава не изгореле 20 отсто од површините со шуми и пасишта, туку десет пати помалку
Податоците од статистиките што ги водат домашните и европските институции за бројот на шумски пожари укажуваат на десеткратно помали бројки од тврдењето на опозицискиот СДСМ. Имено, во земјава во просек годишно горат ококу 8,4 илјади хектари шуми и нискостеблести растенија, а според Европскиот информативен систем за шумски пожари заклучно со 22 јули изгореле нешто над 12 илјади хектари, што е 1,2 отсто од вкупниот шумски фонд
Податоците од статистиките што ги водат домашните и европските институции за бројот на шумски пожари укажуваат на десеткратно помали бројки од тврдењето на опозицискиот СДСМ. Имено, во земјава во просек годишно горат ококу 8,4 илјади хектари шуми и нискостеблести растенија, а според Европскиот информативен систем за шумски пожари заклучно со 22 јули изгореле нешто над 12 илјади хектари, што е 1,2 отсто од вкупниот шумски фонд
СДСМ во соопштение за јавност за состојбата со пожарите во земјава во кој тврди дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажала исклучителна неспособност за справување со истите, во еден дел од соопштението изнесува невистина:
Ситуацијата со пожарите во земјава е алармантна: над 50 пожари се регистрирани за едно деноноќие, веќе со денови гори на планините и во шумите, пожари има во Берово, Прилеп, Катланово, Петровец, Кичево, Кратово, Крива Паланка, Желино, Македонски Брод…
Над 20% од вкупната површина на шуми и пасишта се изгорени, претворени во пепел.
Наместо брза, координирана и силна реакција, владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа катастрофална неспособност во справување со пожарите.
[Извор: СДСМ -Соопштение – датум: 28.07.2025]
Образложение:
Иако може да се спори со оценките и во друг дел на соопштението на опозициската СДСМ, сигурно е дека податокот дека досега изгореле над 20 проценти од вкупната површина на шуми и пасишта е невистина, бидејќи со малку истражување може да се утврди и до десетина пати понизок процент.
Најпрво, некоректно кон јавноста е да не се соопшти изворот, а особено да не се раздвојат термините шуми и пасишта. Тоа е затоа што вкупната површина на шуми и пасишта во земјава опфаќа еден милион и седумсто четириесет и две илјади хектари (1.742.000). Од оваа бројка, над еден милион припаѓаат на шуми (поточно 1.008.000 ha според Заводот за статистика на РСМ – стр. 473) и околу 730 илјади хектари пасишта (поточно 734.000 ha користени пасишта според Макстат базата на податоци за 2024 година.) За да биде бројката приближно точна според соопштението на СДСМ, треба да се претпостави дека засега изгореле над 340 илјади хектари површина со шуми пасишта.
Имајќи предвид повеќегодишни статистики што ги водат и домашните и европските институции, оваа бројка е невозоможна. Имено, во државата според податоците на Министерството за животна средина и просторно планирање, од 1999 година заклучно со 2023 година, просечно годишно се опожаруваат нешто над 8.400 хектари со шуми:
Речиси 95% од шумските пожари се предизвикани од човекот. Шумските пожари во разгледуваниот период просечно годишно уништуваат околу 8.475,38 ha шума. Годишно во просек во периодот од 1999 до 2023 година има по 205 пожари. Во 2007 година поради екстремни суши и човечки фактор имало 652 пожара на околу 35.000 ha површина.
Во овој контекст, на пример, во 2021 година таа бројка надминувала 11 илјади хектари, а во 2024 г. се бележи најкастрофалната бројка од преку 95 илјади хектари опожарени шуми.
Се враќаме на тврдењето на СДСМ – над 20 посто од вкупните површини шуми и пасишта или над 340 илјади хектари, бидејќи вкупната површина на двете категории, како што рековме е над 1,74 милиони хектари.
Национални шуми уште пред неколку недели соопштија на некои од медиумите дека проценката на штетата ќе се прави откако ќе бидат изгаснати пожарите, што вклучува и точен опфат на територијата и на состојбата внатре во опожарената површина.
Но, затоа како прилично точни се земаат проценките на Европскиот информативен систем за шумски пожари (EFFIS) во реално време, односно со сосема мало задоцнување. Па така, според овој извор проверен на 28 јули, од почеток на годинава па заклучно до 22 јули во земјава изгореле 12,081 хектари (види ги графиконите и податоците за 2025 од ЕФИС за МКД), што е 1, 2 отсто од вкупната површина шуми во земјата.
Ова значи дека до 340 илјади хектари, колку што тврди СДСМ дека изгореле, треба да претпоставиме дека освен овие 12 илјади хектари што ги измериле од ЕФИС, изгореле и 328 илјади хектари пасишта или речиси половина од пасиштата во земјата, што е апсолутно невозможно, имајќи предвид дека најголемите и најдолготрајните пожари досега се случија во претежно планински региони и претежно гореа висока или нискостеблеста шума.
Поради погоре наведените аргументи може да се оцени дека тврдењето на СДСМ е невистина.
Извори:
- (2025) СДСМ – Соопштение – [Проверено на 28.07.2025]
- (2025) EFFIS – Кумулативни изгорени површини на неделено ниво/МКД – [Проверено на 28.07.2025]
- (2025) ДЗС – Годишен статистички преглед за 2024 година – [Проверено на 28.07.2025]
Оцени: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар