Водоводот до Љубанци и Љуботен допрва ќе се гради
Ветувањето за поврзување на селата Љубанци и Љуботен на градскиот водовод од Скопје, кое беше меѓу приоритетните проекти на градоначалникот Костовски, досега не е реализирано, иако некои чекори, меѓу кои и изработката на проект се завршени. Бидејќи пред седум дена се обезбедени главните финансии од Владата на РСМ, а следува предизборен и изборен период, реализацијата најрано и оптимистички може да се очекува до крајот на 2025 година
Ветувањето за поврзување на селата Љубанци и Љуботен на градскиот водовод од Скопје, кое беше меѓу приоритетните проекти на градоначалникот Костовски, досега не е реализирано, иако некои чекори, меѓу кои и изработката на проект се завршени. Бидејќи пред седум дена се обезбедени главните финансии од Владата на РСМ, а следува предизборен и изборен период, реализацијата најрано и оптимистички може да се очекува до крајот на 2025 година
На страница 10 од предизборната програма за кандидатот за градоначалник на Општина Бутел Дарко Костовски, кој беше избран на локалните избори во 2021 година, се наоѓа и ветувањето за поврзување на селата Љубанци и Љуботен на градскиот водовод од Скопје, кое до денес сè уште е нереализирано:
ИЗГРАДБА НА ВОДОВОДНА МРЕЖА И ПОВРЗУВАЊЕ
СО ГРАДСКИОТ ВОДОВОД ВО НАСЕЛЕНИТЕ
МЕСТА: С. ЉУБАНЦИ И С. ЉУБОТЕН.
Изградба на водоводна мрежа и поврзување со градскиот водовод за непрекинато континуирано снабдување со квалитетна вода
за пиење.
Рок: 2024 година.
Извор на финансирање: буџети на Општина Бутел и Град Скопје и
меѓународни финансиски фондови
[Извор: Програма на Дарко Костовски – За Бутел гарантираме –Создади нова иднина – Датум: октомври 2021 г.]
Образложение:
Ветувањето е ставено под приоритетни проекти за Општина Бутел, како 10-то од 11-те ветувања што ќе бидат најважни. Иако е ставен рок на изградба во 2024 година, тоа секако би подразбирало реализиран проект во рамките на мандатот на градоначалникот кој започна на крајот од 2021 г., но до денес, јули 2025 г. ова ветување сè уште е нереализирано.
Сепак, градоначалникот Костовски и Општината презеле одредени постапки во 2024 година. Имено на веб-страницата на Општина Бутел може да се најдат информации дека во првата половина на 2024 година се презеле активности за изготвување на проектот, започнувајќи со проектна програма за изработка на урбанистички проект вон опфат на урбанистички план со намена инфраструктури за водоснабдување, меѓу другите и за Љубанци и Љуботен.
На 18. Октомври 2024 година, градоначалникот Костовски во најавата за отчетот за првите три години од работата соопштува дека следат реализации на капитални проекти, меѓу кои го набројува и „водоводот за Љубанци и Љуботен“.
На 27 ноември 2024 г., Општината на веб-страницата објавува вест од која може да се дознае дека Град Скопје донел одлука за соработка со Бутел при изградбата на водоводот за Љубанци и Љуботен и дека првата фаза ќе биде финансирана од страна на амбасадата на САД во вредност од 800 илјади долари, како и дека Општина Бутел го изработила проектот во вредност од 5 милиони денари:
…Станува збор за одлука со која се гарантира приклучок на градскиот водовод со новопредвидената водоводна мрежа за Љубанци и Љуботен.
Првата фаза од овој историски проект ќе биде финансирана од страна на амбасадата на САД, во вредност од 800.000 долари. Останатите две фази од проектот ќе бидат финансирани од страна на Владата на Р. Македонија и oпштина Бутел. Проектната документација беше изработена од oпштина Бутел во вредност од 5 милиони денари.
На 15 јули 2025 година Владата соопшти дека на предлог на Министерството за транспорт одобрила, т.е. „ја разгледа и усвои информацијата“ за неколку инфраструктурни зафати во земјата, како и за проектот „изградба на водоснабдителен систем во с. Љуботен и с. Љубанци, Општина Бутел“.
Ова истиот ден го потврди и градоначалникот Костовски, кој соопшти дека сумата на финансираниот проект од страна на Владата ќе изнесува на 110 милиони денари (околу 1,8 милиони евра), а веста беше пренесена и од дел од медиумите што може да се забележи на агрегаторот на вести Тајм.мк.
Според погоре изнесените аргументи може да се заклучи дека ветувањето за поврзување на селата Љубанци и Љуботен на градскиот водовод од Скопје до 2024 година, е неисполнето. Досега (23.07.2025) биле преземени некои активности, а до крајот на минатата година бил изготвен проектот, обезбеден дел од меѓународна финансиска поддршка како и соработка со Град Скопје. Сепак, реализацијата на истиот оптимистички може да се очекува најрано до крајот на 2025 година. Следува предизборен период до кој теоретски е можно да се распише тендер и да се избере компанија што ќе ги изведува работите, под услов да нема жалби и повторувања на постапките.
Извори:
- (2021 г.) Предизборна програма на Дарко Костовски (стр.10) – [Проверено на 23.07.2025]
- (2024 – 2025 г.) Општина Бутел – Види ТУКА, ТУКА, ТУКА – [Проверено на 23.07.2025]
- (2025 г.) Влада на РСМ – Соопштение – [Проверено на 23.07.2025]
- (2025) Тајм.мк – Агрегирани вести/Д.Костовски – [Проверено на 23.07.2025]
Оценил: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар