Војна на наративи: Како дезинформациите и анти-ЕУ пораките ја обликуваат предизборната сцена во Унгарија
Во пресрет на парламентарните избори во Унгарија, политичката борба се префрла од класичната кампања кон дигиталниот и медиумскиот простор, каде што дезинформациите и геополитичките наративи играат клучна улога. Прокремљски дезинформациски операции користат лажни веб-страници и измислени изјави за дискредитација на опозицијата.
Во пресрет на парламентарните избори во Унгарија, политичката борба се префрла од класичната кампања кон дигиталниот и медиумскиот простор, каде што дезинформациите и геополитичките наративи играат клучна улога. Прокремљски дезинформациски операции користат лажни веб-страници и измислени изјави за дискредитација на опозицијата. Она што ја прави ситуацијата особено сложена е медиумскиот контекст во Унгарија. Во услови на висока концентрација на медиуми блиски до власта, одредени наративи, особено анти-ЕУ и анти-Украина, добиваат засилена видливост, што овозможува надворешните влијанија полесно да се вградат во јавниот дискурс
Пишува: Ана Анастасовска
Во пресрет на парламентарните избори во Унгарија кои треба да се одржат на 12 април 2026 г., политичката борба сè повеќе се префрла од теренот на класичната кампања во дигиталниот и медиумскиот простор. Истражувањата на повеќе меѓународни и независни медиуми укажуваат на сложена мрежа на дезинформации, во која значајна улога играат актери поврзани со Кремљ, но и домашни политички структури што ги засилуваат тие наративи.
Лажни медиуми и фабрикувани вести
Порталот Еуроњуз открива дека прокремљска дезинформациска мрежа креирала лажна веб-страница што визуелно и структурно го имитира медиумот, со цел да пласира измислени вести во пресрет на изборите. Во центарот на овие напади се нашол опозицискиот политичар и лидер на партијата Тиса, Петер Маѓар, за кого биле фабрикувани изјави – меѓу другото и наводни навреди кон странски лидери – со јасна намера да се поткопа неговиот кредибилитет кај гласачите. Според Еуроњуз, оваа операција е поврзана со поширока мрежа на дезинформации која веќе делувала во други европски земји.
Слични обрасци детектира и независниот унгарски медиум Телекс, кој објави дека дезинформациски кампањи користат фиктивни организации и лажни „истраги“ за да создадат привид на кредибилитет – сигнал дека ваквите операции може да се интензивираат како што се приближуваат изборите.
Ваква дезинформациска кампања со анти-ЕУ ставови можеше да се забележи и во предизборната кампања во Македонија за изборите во 2024 година. Како што Вистиномер пишуваше, тогаш се пласираа лажни изјави од францускиот претседател Емануел Макрон и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, дека Македонија нема да стане членка на ЕУ до 2040 година. Овие вести, исто како и во Унгарија, беа пласирани преку лажни веб-страници кои ги имитираа светските медиуми Дојче Веле и Би-би-си.

Руски траги и теренски операции
Истражувачкиот портал VSquare наведува дека руски политички консултанти, поврзани со безбедносни структури, веќе делуваат во Будимпешта, учествувајќи во креирање наративи и стратегии за влијание врз јавноста. Според извори на порталот, Москва испратила тим во Будимпешта за да се меша во парламентарните избори во Унгарија во април 2026 година. Операцијата, надгледувана од доверливиот човек на Владимир Путин, Сергеј Кириенко – кој важи за главен архитект на инфраструктурата за политичко влијание на Русија дома и во странство – е дизајнирана да го задржи Виктор Орбан на власт и го следи истиот план што Русија го користела во Молдавија.
Во исто време, политичката сцена е дополнително заострена со обвинувања за директни врски со Москва. Асошиејтед прес известува дека опозициски претставници обвиниле високи владини функционери за споделување доверливи информации од Европската Унија со Русија – обвинувања што тие ги квалификуваат како „предавство“. Овие наводи, иако политички оспорени, дополнително ја продлабочуваат недовербата и ја засилуваат перцепцијата за геополитичкото позиционирање на земјата.
Анти-ЕУ наративи и пропагандни шаблони
Паралелно, Ројтерс забележува дека премиерот Виктор Орбан ја гради кампањата околу дихотомијата „мир наспроти војна“, при што Европската Унија и поддршката за Украина се прикажуваат како ризик, додека владата се позиционира како гарант на стабилноста.
Овој политички дискурс се надоврзува на пошироки наративи што ги идентификува EUvsDisinfo, според кои прокремљски извори систематски тврдат дека ЕУ наводно се обидува да „го смени режимот“ во Унгарија. Ваквите пораки имаат јасна функција – да ја прикажат опозицијата како инструмент на Брисел и да создадат чувство на надворешна закана.
Оваа дезинформативна приказна (која се појави откако изборните анкети во Унгарија покажаа дека опозициската партија Тиса води на анкетите) е обид за мешање во претстојните избори во 2026 година. Со ширење лажни тврдења за операција на ЕУ за поддршка на Тиса и нејзиниот кандидат Петер Маѓар, целта на оваа дезинформативна приказна е да ја поткопа унгарската опозиција, така што ќе ја претстави како поврзана со странско мешање и да ја подготви информативната средина околу изборите за понатамошно мешање на ФИМИ (странско штетно влијание), пишува EUvsDisinfo.
Поширокиот медиумски контекст го дополнува The Atlantic, кој ја опишува кампањата како „пост-реалност“, во која границата меѓу факти и дезинформации сè повеќе се губи, а доминираат емоционални и идентитетски пораки.
Дополнителни анализи укажуваат дека Унгарија се вклопува во поширок модел на руско влијание во европските избори, со методи што вклучуваат дезинформации, инфлуенсери и координирани онлајн кампањи. Дел од овие дезинформации, како оние дека Украина ја финансира унгарската опозиција, се шират и во македонскиот простор на социјалните мрежи, за што Вистиномер веќе пишуваше.
Демократија во услови на информациска војна
Она што ја прави ситуацијата особено сложена е медиумскиот контекст во Унгарија. Во услови на висока концентрација на медиуми блиски до власта, одредени наративи, особено анти-ЕУ и анти-Украина, добиваат засилена видливост, што овозможува надворешните влијанија полесно да се вградат во јавниот дискурс.
Сето ова создава средина во која влијанието врз изборите не се врши преку директна манипулација на гласањето, туку преку обликување на перцепцијата. Наместо класична изборна интервенција, станува збор за долгорочна борба за наративи.
Во таков контекст, клучното прашање не е само кој ќе победи на изборите, туку под какви информациски услови граѓаните ја носат својата одлука. Во време кога дезинформациите се дел од политичката стратегија, границата меѓу демократија и информациска војна станува сè понејасна.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар