Војна во Украина: Мир по(д) секоја цена или отстапки до нов конфликт?

Фото: Колаж во Канва

Очигледниот притисокот на Вашингтон за прекин на огнот во Украина го нагласува растечко нетрпение за долготрајниот конфликт и превисоките трошоци, како во однос на ресурсите, така и во однос на политичкиот капитал. Се чини дека администрацијата на Трамп е поподготвена за компромиси и концесии кои повеќе усогласени со барањата на Москва, што сигнализира промена на приоритетите од поддршка на територијалниот интегритет на Украина, кон што е можно побрз прекин на воената состојба — потег кој може да доведе Украина да ја изгуби својата „авлија“.

Очигледниот притисокот на Вашингтон за прекин на огнот во Украина го нагласува растечко нетрпение за долготрајниот конфликт и превисоките трошоци, како во однос на ресурсите, така и во однос на политичкиот капитал. Се чини дека администрацијата на Трамп е поподготвена за компромиси и концесии кои повеќе се усогласени со барањата на Москва, што сигнализира промена на приоритетите од поддршка на територијалниот интегритет на Украина, кон што е можно побрз прекин на воената состојба – потег кој може да доведе Украина да ја изгуби својата „авлија“

 

Пишуваат: Стојан Синадинов, Матеј Тројачанец

 

Актуелните процеси за изнаоѓање мировно решение за војната во Украина од сеќавањата ги вади (и) преговорите за окончување на војната во Босна и Херцеговина на почетокот од 90 – те години од минатиот век. Еден од мировните планови беше на американско-британскиот дипломатски двоец Венс-Овен од 1993, кој предвидуваше децентрализација на државата, и повлекување на воените сили на босанските Срби од заземените подрачја.

Бошњаците во тоа време беа растргнати меѓу желбата да го зачуваат своето и да преживеат, па во еден момент осамна графитот „Потпиши Алија, па нека биде и ко авлија!“ (авлија е мал двор околу куќа). Пораката беше упатена до тогашниот претседател на БиХ Алија Изетбеговиќ, а планот сепак беше отфрлен од српскиот воено-политички двоец Младиќ-Караџиќ, па воените дејствија потрајаа до Дејтонскиот договор во 1995 година.

Паралелите што можат да се повлечат со актуелната војна во Украина се многукратни. А една од дилемите е дали Володимир Зеленски треба да избере меѓу мир, кој би бил важечки макар во некоја авлија (Украина без окупираните територии на Крим и истокот од земјата) или продолжување на војната со непознат исход, но и сојузници кои можат да ретерираат од првичните заложби за полна поддршка?

 

До каде се мировните преговори за Украина?

Една од најконтроверзните изјави на Доналд Трамп во предизборната кампања минатата година гласеше дека ако биде избран за претседател на САД ќе ја запре војната во Украина за 24 часа, не напоменувајќи дали неговата најава е во буквална или фигуративна смисла, што е сосема во склад со неговото „најсилно оружје“ — непредвидливоста. Тоа и се потврди пред извесно време, кога Трамп изјави дека бил „малку саркастичен“ кога во предизборната кампања тврдел дека ќе ја запре војната во Украина за 24 часа.

Подготовките за мировните преговори започнаа со сетирањето на т.н. офсет димензија на „големиот“ договор, каков што беше спорниот договор за споделување на ретките минерали (метали) меѓу САД и Украина, што доведе до невидени сцени од Овалната соба меѓу Трамп и Зеленски. Кога говориме за офсет дел во договорите, тоа се реципрочни трговски договори помеѓу странска компанија извозник, или можеби влада која дејствува како посредник, и субјект увозник. Договорите за офсет често вклучуваат трговија со воени стоки и услуги и алтернативно се нарекуваат: индустриски компензации, индустриска соработка, неутрализирање, индустриски и регионални бенефиции, биланси, праведно враќање или рамнотежа, за да се дефинираат механизми посложени од меѓусебна трговија.

Турбулентноста во иницијалното скицирање на можен мировен договор, пропратено со класичните руски „катастрофични“ наративи, веќе вкнижи два телефонски разговора меѓу Трамп и Владимир Путин, а потоа и меѓу Трамп и Зеленски. Не е целосно јасно што точно беше договорено на овие повици, бидејќи сите три страни пренесоа впечатливо различни детали за ограничениот прекин на огнот: Белата куќа го опиша како покривање и на енергетиката и на инфраструктурата, Кремљ потесно го определи како заштита само на енергетската инфраструктура, додека Зеленски изрази надеж дека ќе ги вклучи и железници и пристаништа

Во секој случај, по телефонските повици, преговарачките тимови на Русија и САД официјално се сретнаа во Ријад, Саудиска Арабија, а потоа се приклучи и украинскиот тим што ќе проговара со Американците.

 

Кои се барањата на засегнатите страни?

Меѓу првите теми кои беа разгледувани на преговорите се спомена мораториум за ракетирање на енергетската инфраструктура, како и враќање на т.н. „зделка за жито“ односно продолжување на договорот за обезбедување на сигурен транспорт на трговски бродови во Црното Море. Но, како што пишуваат во американскиот Њујорк Тајмс:

Иако Русија и Украина може да најдат заеднички јазик во разговорите за енергетика и транспорт, и двете страни поставија услови за целосен прекин на непријателствата коишто изгледаат непомирливи – знак за големите предизвици кои претстојат во какви било пошироки мировни преговори, пишуваат во Њујорк Тајмс.

Руската страна има децидно максималистички барања во преговорите. Тоа значи дека мировните преговори ќе започнат ако Украина официјално се откаже од амбициите за влез во НАТО, ги повлече трупите од четирите источни територии и Крим, кои главно се контролирани од Русија.

Овие барања или услови на Русија речиси 80 отсто  од Украинците ги сметаат за категорично неприфатливи. Овој став го дели и претседателот Зеленски.

Извор: Истражување на Киевскиот меѓународен институт за социологија (КИИС) спровеено од 12-22 март 2025 година

Украинските барања, од друга страна, се целосно повлекување на руските сили од Украина, враќање на затворениците и украинските деца киднапирани во Русија, членство во НАТО и ЕУ и безбедносни гаранции од САД и други партнери. Барања што Зеленски ги предложи уште на самиот почеток на војната.

Американската страна, пак, покрај договорот за ретки минерали, предложи да го преземе раководството на украинските електрични централи (нуклеарни и ХЕЦ). Овој меч се две острици од една страна би значел дека САД ќе има оправдување да има свои војници во Украина, кои ќе ја гарантираат безбедноста на оваа круцијална инфраструктура. Но, од друга страна, тоа ќе биде на сметка Украина да ја изгуби автономијата врз цела енергетика.

Но, како што се објаснува во анализата на Њујорк Тајмс, Путин ги користи овие разговори за остварување пошироки цели надвор од војната, односно подобрување на релациите со САД и економски придобивки. Настрана од очекуваните украинските концесии, Русија настојува да вклучи олеснување на санкциите и подобрување на трговијата со акцент на авијацискиот сектор, како на пример, набавка на резервните делови Боинг што очајно и се потребни на Русија. Според анализата, Путин ги смета подобрите односи со САД како поважни од брзото решавање на конфликтот во Украина.

 

Следни чекори

Според последните вести, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека Русија е подготвена да склучи нов безбедносен договор за Црното Море само ако САД му наредат на Зеленски да го почитува истиот:

Ќе ни требаат јасни гаранции. И со оглед на тажното искуство од договорите само со Киев, гаранциите можат да бидат само резултат на наредбата од Вашингтон до Зеленски и неговиот тим да направат едно, а не друго, ја пренесуваат Ројтерс изјавата на Лавров.

Додека Белата куќа го поздравува (можниот) прекин на огнот во Црното Море по 12 часовниот самит во Ријад, расположението во Украина останува придушено.

Во договорот недостасуваат клучните гаранции кои ѝ се потребни на Украина, вклучително и заштита на пристаништата од руски напади и отворање на блокираното пристаниште Миколаев. Договорот што го преговараа САД и Русија повеќе оди во корист на Москва, пишува украинскиот Киев Индепендент.

Очигледниот притисокот на Вашингтон за прекин на огнот во Украина го нагласува растечко нетрпение за долготрајниот конфликт и превисоките трошоци, како во однос на ресурсите, така и во однос на политичкиот капитал. Се чини дека администрацијата на Трамп е поподготвена за компромиси и концесии кои повеќе усогласени со барањата на Москва, што сигнализира промена на приоритетите од поддршка на територијалниот интегритет на Украина, кон што е можно побрз прекин на воената состојба – потег кој може да доведе Украина да ја изгуби својата „авлија“.

Од друга страна, оваа промена предизвика загриженост кај европските сојузници, кои стравуваат дека таквите отстапки би можеле да ја охрабрат руската агресија, па додека се дебатира за судбината на Украина, балтичките земји се спремаат за евентуална војна. Други, пак, пополека се преориентираат и кон „НАТО без Америка“, во обид да се избегне можниот хаос доколку САД официјално се повлече од трансатлантскиот безбедносен сојуз што ја штитеше Европа во последните 80 години.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција