Војната во Иран и нафтената криза: Европејците точеле гориво во Русија, а соседите кај нас

Нафтена рафинерија Фото: Канва

Примирјето на Блискиот Исток донесе олеснување, но сè уште е рано да се каже дека се гледа крајот на конфликтот. Прогнозите на светската јавност се претпазливи, клучната дилема е дали ќе има напредок во преговорите во следните две недели? Од ММФ предупредија дури и веднаш да заврши војната, последиците ќе бидат големи – се прогнозира повисока инфлација и побавен глобален раст. Во меѓувреме на социјалните мрежи се шират антизападни наративи зошто се води оваа војна, како и објави во кои се величи Русија и неточно се тврди дека Европејците масовно патуваат таму за поевтин бензин. Македонските власти смируваат, нема место за паника, имаме убедливо најевтини цени на горивата во регионот, дури им помагаме на граѓаните од соседството да полнат бензин од нашите пумпи

Примирјето на Блискиот Исток донесе олеснување, но сè уште е рано да се каже дека се гледа крајот на конфликтот. Клучната дилема е дали ќе има напредок во преговорите во следните две недели? Од ММФ предупредија дури и веднаш да заврши војната, последиците ќе бидат големи – се прогнозира повисока инфлација и побавен глобален раст. Во меѓувреме на социјалните мрежи се шират антизападни наративи зошто се води оваа војна, како и објави во кои се величи Русија и неточно се тврди дека Европејците масовно патуваат таму за поевтин бензин. Македонските власти смируваат, нема место за паника, имаме убедливо најевтини цени на горивата во регионот, дури им помагаме на граѓаните од соседството да полнат бензин од нашите пумпи

 

Светската јавност здивна (барем за кратко) по најавата за двонеделно примирје меѓу САД и Иран, цените на нафтата почнаа да паѓаат, ама и понатаму остануваат повисоки во однос на периодот пред почетокот на конфликтот на Блискиот Исток. Претседателот Доналд Трамп претходно му даде рок на Иран – до вторник навечер 20 часот по источноамериканско време повторно да го отвори Ормускиот Теснец или ќе се соочи со напади врз клучната инфраструктура во земјата, а Иран одговори дека со жив ѕид ќе ги брани електраните и мостовите. Непосредно пред истекот на ултиматумот Трамп се закани со уништување на „цела цивилизација“.

Конфликтот на Блискиот Исток влезе во својата шеста недела, а блокадата на Ормускиот Проток (Хормускиот Проток) од страна на Иран предизвика драматично нарушување на глобалните испораки на нафта. Претседателот на САД постојано дава контрадикторни изјави за тоа кога би можела да заврши војната, кога Ормускиот Теснец преку кој поминува околу една петтина од светската нафта и гас, ќе биде слободен за непречен премин на танкери. Огорчен што од европските сојузници во НАТО не ја доби очекуваната воена поддршка, тој ги повика европските лидери „сами да си ја земат нафтата од Ормускиот Проток“. Русија повика на итен прекин на непријателствата и засилување на дипломатските напори за решавање на конфликтот на Блискиот Исток – има партнерски односи со Иран, па ги штити сопствените интереси и сака да го зачува влијанието во регионот. Кина исто така повика на итно прекинување на конфликтот и ослободување на оваа витална енергетска рута.

А каде е Северна Македонија во оваа глобална слика? Колку сме отпорни на светските влијанија, колку ќе ја почувствуваме блискоисточната криза и колкаво покачување на нафтата и нафтените деривати може да очекуваме може да очекуваме?

Властите уверуваат: Имаме најниска инфлација во регионот

Властите смируваат, нема место за паника, состојбата е стабилна, Македонија има убедливо најевтини цени на горивата во регионот, дури им помагаме на граѓаните од соседството да полнат бензин од нашите пумпи. Од Владата уверуваат дека снабдувањето со горива и електрична енергија е стабилно, а инфлацијата се спушти под 3 отсто (2,9 отсто во февруари) и ќе се стори сѐ што е потребно за да се одржи ценовната стабилност.

Мицкоски на почетокот на март (10.03.2026) одговарајќи на новинарско прашање во однос тоа дали Владата ја следи состојбата со инфлацијата изјави:

Да, во текот на вчерашниот ден Државниот завод за статистика ги објави трошоците за живот во февруари 2026 година. Јас тоа повеќе пати го најавив во моите изјави, но еве вчера тоа се потврди дека инфлацијата се спушти под 3%, односно е 2,9%. И е повторно најниска во регионот, би рекол една од најниските, ако се има предвид дека Грција е 3%, Бугарија е 3,5%, Косово да речеме во јануари, за февруари нема податок, е 5,8%, Хрватска исто така веќе отиде над 3,8%, Словачка е 4%, Романија е 9 и нешто проценти. Така што сите оние политики за коишто баравме трпение, полека, но сигурно вродуваат со плод.

Очекувам, после оној состанок утре којшто ќе го имаме со дистрибутерите, со ланците на маркети, да ја одржиме оваа кондиција и овој тренд да продолжи да се намалува.

Инфлацијата, сепак, зема залет

Ваквите очекувања на премиерот не се исполнијаа, инфлацијата зеде залет, трошоците за храна скокнаа за 7,5 проценти.

Државниот завод за статистика измери дека во март инфлацијата скокнала на 4,9 проценти во однос на март лани. Зголемени се и цените на мало за 3,4 отсто. Трошоците за храна и безалкохолни пијалаци пораснале за 7,5 проценти. За една година, поскапеле и облеката, обувките, здравствената заштита, рекреацијата, спортот и културата, а зголемени се и цените во рестораните, како и тие за сместување, образование.

Премиерот Мицкоски вели дека прават анализи, а нови таргетирани мерки најавува за после Велигден. Следните мерки би биле повеќе таргетирани за одредени целни групи на граѓани и на основните прехранбени производи.

И тие мерки би биле комбинирани и со намалување на ДДВ, но и со ограничување на профитната маржа, изјави вчера Мицкоски (7.04.2026)

 

Блискоисточниот конфликт го запали алармот во Европа

Војната со Иран ја зголеми инфлацијата на 2,5 отсто во март во еврозоната. Ваквиот значителен пораст е директно поврзан со скокот на цените на нафтата поради конфликтот на Блискиот Исток. Прелиминарните податоци објавени од статистичарите на Евростат во Луксембург, покажуваат дека на годишна основа трошоците на мало во март имаат зголемување од 2,5 отсто, што е пораст во однос на претходниот месец. За споредба, стапката на инфлација во февруари изнесуваше 1,9 отсто. Европската централна банка (ЕЦБ) цели кон годишна стапка на инфлација од два отсто на среден рок, објави ДПА.

Европската комисија на 31 март ги повика земјите-членки навремено и координирано да се подготват за можни нарушувања во снабдувањето со нафта, со цел да се зачува стабилноста на пазарот и да се избегнат мерки што би ја зголемиле потрошувачката на гориво.

Еврокомесарот за енергија Дан Јоргенсен во писмо до министрите за енергетика истакна дека снабдувањето засега е сигурно, но предупреди на ризик од долготрајни пореметувања поради кризата на Блискиот Исток и состојбите во Ормускиот Теснец.

Мораме да делуваме веднаш и заеднички, се наведува во пораката.

Земјите членки се повикуваат да ја намалат побарувачката, особено во транспортниот сектор и да избегнуваат политики што го нарушуваат слободниот проток на нафтени деривати, да се воздржат од мерки што ја зголемуваат потрошувачката на гориво. Се препорачува и одложување на неитни ремонти на рафинерии, за да се задржи стабилно снабдувањето, како и зголемување на употребата на биогорива како алтернатива, со цел да се намали притисокот врз класичните енергетски извори.

Шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева предупреди дека војната на Блискиот Исток ќе донесе повисока инфлација и побавен раст, а најтешко ќе бидат погодени сиромашните земји без енергетски ресурси.

Војната на Блискиот Исток ќе доведе до повисока инфлација и побавен глобален раст, изјави директорката на ММФ, Георгиева, за Ројтерс.(7.04.2026)

Според Георгиева, војната го предизвикала најлошото нарушување на глобалното снабдување со енергија досега, бидејќи милиони барели произведена нафта се затворени со блокирањето на Ормускиот Теснец од страна на Иран. Дури и ако конфликтот брзо се реши, Георгиева вели дека ММФ е подготвен да ја намали својата прогноза за економски раст и да ги зголеми прогнозите за инфлација.

Како што пишува Ројтерс, се очекува војната да доминира во дискусиите меѓу финансиските претставници од целиот свет на пролетните состаноци на ММФ и Светската банка во Вашингтон следната недела. Фондот треба да објави серија сценарија на 14 април, а веќе сигнализираше за можно намалување на рејтингот кон крајот на март, наведувајќи го асиметричниот шок од војната и построгите финансиски услови

Премиерот порачува: Граѓаните да бидат спокојни, имаме најевтин бензин

И додека Европа го вклучува алармот дека влегува во период на неизвесност каде секоја одлука може да има големо влијание, кај нас надлежните упатуваат смирувачки пораки граѓаните да бидат спокојни, како држава рефлектираме стабилност и сигурност – Македонија има убедливо најевтини цени на горивата во регионот.

Единствена земја во регионот оваа недела не ги покачи, односно ги намали цените на горивата е Македонија. Безоловниот 95 и 98 октански е намален за 2,5 денари, а дизелот не се покачи. Тоа е резултат на одлука на РКЕ, второ имаме убедливо најевтини цени на горивата во регионот. Тоа значи ако кај нас безоловниот се движи од 1,33 евра за литар до 1,39 евро центи за литар, 95, 98 октанскиот иако дизелот е некаде околу 1,5 – 1,53 евроценти за литар, во соседна Албанија и Грција е над 2 евра, во соседна Србија од 1,81 до над 2 евра во Косово исто така, изјави премиерот Мицкоски на 1 април одговарајќи на новинарско прашање.

Премиерот напомена  дека во Германија цените по литар стигаат веќе и до 3 евра, како и во останатите европски земји. Со други зборови, додаде тој, „во овој прв месец во историски најголемата нафтена криза, после онаа од седумдесеттите на минатиот век, ние како држава рефлектираме стабилност, сигурност и план да се справиме со овој предизвик“.

Ги уверувам граѓаните, во овој момент состојбата е стабилна и не гледам апсолутно не гледам никаква причина за страв од немање на енергенси, од воведување на не знам какви кризни состојби, и во делот на пазарот на електрична енергија и во пазарот на нафта и нафтени деривати, рече Мицкоски.

Претходно Мицкоски (11.03.2026) изјави дека дури им помагаме на граѓаните од соседните држави да полнат гориво од нашите бензински пумпи:

Еве, нашите ресурси се ставени на располагање на соседните држави и на граѓаните од соседните држави за поевтина цена да полнат гориво.

Премиерот Христијан Мицкоски ; Фото: Официјален Фејсбук профил на Владата на РСМ

И десетина дена подоцна (22.03.2026) Мицкоски изјави дека со владините мерки се очекува Македонија да има најниски цени на горивата во регионот, дури и во услови на глобален раст на цените. Според премиерот, секојдневно во пограничните места се точат до 150.000 литри гориво, што е десет проценти од вкупниот конзум. Сепак, Владата засега нема да воведува ограничувања за граѓаните од соседните држави кои ги полнат резервоарите на македонските бензински пумпи.

Мицкоски на 5 април соопшти дека Владата донела нов пакет вонредни мерки за ублажување на последиците од глобалната енергетска криза, со кои се намалуваат акцизите на горивата и се продолжува намалениот ДДВ.

Продолжуваме со намалената стапка на ДДВ од 18 на 10 проценти, а истовремено донесовме одлука за намалување на акцизите на дизелот за 4 денари по литар и за бензините од 95 и 98 октани за 2 денари по литар, со што директно влијаеме врз намалување на цените.

Тој нагласи дека без овие мерки цената на дизелот би надминала 102 денари за литар, а бензините би поскапеле дополнително, но со одлуките Владата успеала да го амортизира ценовниот притисок. Притоа додаде дека снабдувањето со горива е стабилно и дека нема потреба од ограничувања, и покрај зголемената потрошувачка која достигнала до 2 милиона литри дневно.

Според најновата одлука (06.04.2026) на регулаторните власти, дизелот поскапе за 2,5 денари, цената на 95 октанскиот бензин БС-95 се намалува за половина денар, а цената на 98 октанскиот бензин БС – 98 останува иста.

Поскапувањето на дизел горивото несомнено дека ќе влијае врз транспортните трошоци и цените на услугите поврзани со него.

Антизападни наративи

Во меѓувреме на социјалните мрежи се шират дезинформации и антизападни наративи зошто се води оваа војна, како и теории на заговор дека она што се случува во Иран е поврзано со некаков „голем ресет“- како таен глобален план на елитите (влади, милијардери, меѓународни организации) со цел да се врши контрола врз светското население, да се создаде една глобална влада, да се воведуваат системи за глобален надзор и да се контролира храната, енергијата и парите. Наспроти ваквите заговорнички сценарија една од главните причини за конфликт е сомнежот дека Иран може да развие нуклеарно оружје. Израел и САД тврдат дека тоа би било безбедносна закана за регионот и светот. Иран вели дека програмата е за мирни цели (енергија и научни истражувања).

Паралелно се шират и објави во кои се величи Русија, па неточно се тврди дека Европејците масовно патуваат таму за поевтин бензин.

Европејците со часови чекаат во ред на граничните премини Полска-Калининград, за да влезат во Русија и наполнат бензин, каде цената е околу 68 рубли за литар, наспроти 131 рубли во Полска и 193 во Германија, во услови на пораст на горивото во ЕУ од 15-20% поради конфликтите на Блискиот Исток, пишува во  објава на социјалната мрежа Фејсбук.

Меѓутоа, за граѓаните на ЕУ во Русија нема безвизен режим, санкциите им забрануваат увоз на канистери со бензин од таа земја, а ако често патуваат во неа за да наполнат резервоар, тие би можеле да бидат осомничени за шверц, па таков „бензински туризам“ е невозможен.

Набрзо по избувнувањето на конфликтот на социјалните мрежи се прошири дезинформацијата дека Барон Трамп, најмладиот син на американскиот претседател, купил нафта во вредност од 30 милиони долари само два дена пред почетокот на војната со Иран и за десет дена заработил околу 20 милиони долари.

Кој сака нека честита

БАРОНОТ ТРАМП КУПИЛ НАФТА ВО ВРЕДНОСТ ОД 30 МИЛИОНИ ДОЛАРИ САМО 2 ДЕНА ПРЕД ВОЈНАТА, А СЕГА ТАА ВРЕДИ 50 МИЛИОНИ ДОЛАРИ. ПРОФИТ ОД 20 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ЗА САМО 10 ДЕНА, се вели во објавата на Фејсбук.

Но, нема веродостојни докази што го поддржуваат ваквото тврдење, ниту пак се цитира некаков извештај. Пребарувањето на Гугл откри само вакви објави на социјалните мрежи – ниеден реномиран извор не ја објави гласината како факт. Доколку синот на актуелен претседател на САД направил таков потег, големите медиуми сигурно ќе го објавеа тоа.

Се ширеа и објави за тоа дека Иран официјално ѝ објавил војна на ЕУ.

ИРАН ШТОТУКУ ОФИЦИЈАЛНО И ПРОГЛАСИ ВОЈНА НА ЕУ
(цела среќа што не сме во ЕУ), тврди објава на социјалната мрежа Фејсбук.

Меѓутоа, за такво нешто не пишуваат релевантните светски медиуми, а и ЕУ не е суверена држава, што според меѓународното право, е предуслов за некому да му се објави војна. Иран презема мерки против ЕУ или нејзините членки и им упатува закани, но тоа не е официјално објавување војна.

 

Фото: Принтскрин од Фејсбук објавите

Во друга објава се дезинформира дека Иран извршил напад врз американска воздухопловна база во Инџирлик.

ИРАН ИЗВРШИ НАПАДИ ВРЗ АМЕРИКАНСКА БАЗА ВО ТУРЦИЈА! „Први снимки од нападите врз американската воздухопловна база Инџирлик во Турција“, се вели во оваа објава на социјалната мрежа Фејсбук.

Објавата споделува и видео во кое репортер на турски јазик јавува за некаква експлозија. Во позадина се гледа црн чад како се издига зад некои згради.

Но, тврдењето во објавата не е точно. Кога видеото внимателно ќе се преслуша, станува јасно дека новинарот на „Хабер Глобал“ се јавува со информации од населба близу Алепо, Сирија. Тој го споделил видеото на својот Инстаграм профил на 10 јануари 2026 година

Исто така во објава на социјалната мрежа Фејсбук неточно се тврдеше и дека Иран дал 24-часовен ултиматум за евакуација на Тел Авив. Ваквото тврдење наводно упатено од Корпусот на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) не е поддржано со проверливи факти или објавено од реномирани проверувачи на факти и мејнстрим медиуми. Доколку Иран навистина упати ваков директен 24-часовен ултиматум за евакуација на милионски град како Тел Авив, тоа би била најголемата светска вест во сите глобални медиуми (Reuters, AP, BBC, CNN). Но, ниту еден релевантен медиум нема објавено такво нешто.

Се споделуваа и објави во кои Иран се опишува како недолжна жртва и се повлекува лажна паралела со војната во Украина. Па во тој контекст објава на социјалната мрежа Фејсбук, обвинува за двојни аршини, затоа што некои сочувствуваат со Зеленски и неговиот отпор против Русија, а не и со Иран и неговиот отпор против САД и Израел.

Арно ама, таа паралела е лажна – за разлика од Украина, Иран не е недолжна жртва на агресија. Тој спонзорира терористи (Хезболах, Хамас, Хутите), сее омраза кон САД, Израел и сунитите, ја помага руската агресија врз Украина и ги угнетува дури и самите Иранци, а се сомничи и дека развива нуклеарно оружје

Фото: Принтскрин од Фејсбук објавите

Се гледа ли крајот на војната во Иран?

Војната на Блискиот Исток трае повеќе од еден месец, двонеделното примирје донесе олеснување, но сè уште ерано да се каже дека се гледа крајот на конфликтот. Од ММФ предупредуваат  дури и веднаш да заврши војната, нејзините последици ќе бидат големи – ќе донесе повисока инфлација и побавен глобален раст.

Откако САД и Иран ноќеска ( 7 – 8 април) прифатија условно двонеделно примирје, проследено со отворање на Ормускиот Теснец, низ кој минуваат 20 отсто од светскиот извоз на нафта, глобалните цени на нафтата паднаа под 100 долари за барел. Пресвртот дојде кратко пред  истекот на ултиматумот Иран да го отвори Ормускиот Проток, или да се соочи со широки напади врз неговата цивилна инфраструктура. „Ова ќе биде двостран прекин на оган!“, напиша тој на социјалните мрежи, откако претходно во вторникот објави дека „цела цивилизација ќе умре вечерва“ ако неговите барања не бидат исполнети.  Иран изјави дека ќе ги запре нападите ако престанат нападите против него и дека безбедниот транзит низ Ормускиот теснец ќе биде можен две недели во координација со иранските вооружени сили.

Сепак, повеќе земји од Персискиот Залив идентификуваа лансирања на ракети и напади со беспилотни летала или издадоа предупредувања до цивилите да се засолнат.

Војната меѓу САД и Израел со Иран го забележа во март најстрмниот месечен пораст на цената на нафтата во историјата за повеќе од 50 отсто. Прогнозите на светската јавност се претпазливи, клучната дилема е дали следните две недели ќе има напредок во преговорите?

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција