Војната во Украина и вакцинацијата не се никаков сатански проект на западните држави

Фото: Gordon Johnson from Pixabay

Објавата изнесува низа дезинформации поврзани со војната во Украина и вакцинацијата, притоа ширејќи ја теоријата на заговор за некаков сатански систем на западните држави кои сакаат да создадат некаква „длабока држава“.  Прво, војната во Украина не е никаков сатански проект на англосаксонците. Западот не ја почна војната во Украина, тука тоа го стори Русија. Второ, вакцинацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка од заразните заболувања. Трето, тврдењето дека вакцините предизвикуваат аутизам кај децата, е неосновано и непоткрепено со факти и докази

Објавата изнесува низа дезинформации поврзани со војната во Украина и вакцинацијата, притоа ширејќи ја теоријата на заговор за некаков сатански систем на западните држави кои сакаат да создадат некаква „длабока држава“.  Прво, војната во Украина не е никаков сатански проект на англосаксонците. Западот не ја почна војната во Украина, тука тоа го стори Русија. Второ, вакцинацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка од заразните заболувања. Трето, тврдењето дека вакцините предизвикуваат аутизам кај децата, е неосновано и непоткрепено со факти и докази

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

Трамп има намера да ги уништи сатанските проекти на англосаксоните, почнувајќи од војната во Украина до вакцинацијата на децата. Сосема е во право кога вели: има нешто што го предизвикува зголемениот број на аутизам, ставајќи го во корелација со вакцините.

Објавата изнесува неколку невистини. Прво, војната во Украина не е никаков сатански проект на англосаксонците. Западот не ја почна војната во Украина, тука тоа го стори Русија.

Воената инвазија што ја спроведе Русија врз демократска, независна и суверена Украина, претставува отворена агресија со територијални претензија на Русија.

На 24 февруари 2022 година Русија започна ракетни напади на локации низ цела Украина, вклучително и главниот град Киев. Руски копнени сили влегоа на украинска територија, по што украинскиот претседател Володимир Зеленски одговори со воведување воена состојба, прекин на дипломатските односи со Русија и општа мобилизација. Оваа инвазија е најголем воен напад во Европа после Втората светска војна и е предмет на широка меѓународна осуда, како и санкции против Русија.

Така што, Украина не ја нападна Русија, туку Русија ја нападна Украина. Следствено Украина има право да се брани, а сојузниците, западните држави членки на ЕУ и НАТО, доставуваат воена и парична помош за Украина, како и хуманитарна помош за цивилите и раселените лица. Но, оваа помош не ги прави САД и другите западни земји, пред сè, членки на ЕУ, страна во војната, а и НАТО во повеќе наврати има истакнувано дека не е страна во воениот конфликт.

Кремљ долго време шири дезинформации и пропаганда за истите да ѝ послужат на нејзината цел – за да се оправда неиспровоцираната, неоправдлива инвазија на Украина.

Дојче Веле  во една своја анализа има забележано дека поддршката на Украина од страна на западните партнери преку финансиска помош и достава на оружје, се користи од Путин за неговото омилено тврдење дека „Украина е контролирана однадвор“ и дека е „засилена од вооружени сили на НАТО земји и напумпана со најмодерно оружје“.

Понатаму, објавата тврди дека вакцинацијата била сатански проект на западните земји, што, исто така, е неосновано и невистинито.

Имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно придонесува за намалување на морбидитетот и морталитетот од заразните заболувања.

Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.

Навремената вакцинација во текот на детството е од суштинско значење, бидејќи помага да се обезбеди имунитет пред децата да бидат изложени на потенцијално опасни по живот болести.

Тврдењето во објавата дека вакцинацијата е некаков сатански проект е дел од познатата реторика на антиваксерите која особено се засили за време на ковид-пандемијата и е во насока на тоа дека некакви си сатанисти од „длабоката држава“ сакале да воспостават нов ред преку „лажната пандемија“, да го затворат населението, да го контролираат и да го намалат бројот на популацијата преку вакцинацијата. Ваквите наративи Вистиномер досега многупати ги има дебанкирано.

Терминологијата „сатанисти од длабоката држава“ кореспондира со терминологијата што се шири кога се споделува теоријата на заговор Кју Анон, според која една мала недефинирана група на политичари раководат со светот и му мислат лошо на мнозинството од населението, заговараат депопулација, се бават со педофилија и ќе бидат срушени само кога Доналд Трамп ќе се врати на претседателското место.

Трето, објавата тврди дека вакцините предизвикуваат аутизам кај децата, што, исто така, е неосновано. За ваквото тврдење објавата не нуди никакви докази и факти.

Иако е точно дека бројот на деца со аутизам се зголемува, сепак не постојат никакви медицински и научни докази кои ги поврзуваат вакцините со аутизмот.

ЦДЦ проценува дека едно од 36 деца има пореметување на аутистичниот спектар (АСД) – сооднос повеќе од четирипати поголем отколку пред две децении (архивирано овде). Истражувачите откриле сличен глобален тренд.

На оваа тема имаат пишувано и странските проверувачи на факти. Канцеларијата за безбедност на имунизација на ЦДЦ во изјава за АФП вели дека вакцините „не предизвикуваат аутизам“.

Безбедноста на сите вакцини внимателно се следи пред издавањето дозволата (лиценцата), а надзорот на безбедноста е во тек и по лиценцирањето. Нема податоци што укажуваат на причинско-последична поврзаност помеѓу вакцините и аутизмот, се вели во соопштението на канцеларијата испратено до АФП.

Тврдењата дека вакцините кои се даваат во детството предизвикуваат аутизам датираат од статија од 1998 година објавена во медицинското списание Лансет. Британскиот лекар Ендру Вејкфилд тогаш го поврза вакцинирањето со МРП вакцината (сипаници, заушки и рубеола која обично се дава на доенчиња и мали деца) со аутизам. Сепак, Лансет ја повлече студијата во 2010 година, откако беше откриено дека вклучува фалсификувани податоци. Британските медицински власти подоцна ја повлекоа лиценцата на Вејкфилд да се занимава со медицина, односно неговата лиценца беше одземена.

За жал, неговото објавување предизвика паника што доведе до намалување на стапките на имунизација и последователни избувнувања на овие болести, вели Светската здравствена организација на својата веб-страница (архивирана овде).

Најмалку 20 студии покажуваат дека вакцините не се поврзани со аутизмот.

Други независни проверувачи на факти, исто така, ги дебанкираа тврдењата кои ги поврзуваат зголемените стапки на аутизам со вакцинацијата кај децата.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата изнесува низа дезинформации поврзани со војната во Украина и вакцинацијата, притоа ширејќи ја теоријата на заговор за некаков сатански систем на западните држави кои сакаат да создадат некаква „длабока држава“. Ваквите теории на заговор Вистиномер ги има дебанкирано. Поради тоа објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција