Војната во Украина, заканите за бомби и анти-НАТО реторика – главни дезинформациски наративи во декември

Дел од Киев. Фото: Pexels

Дезинформациските наративи во декември забележани во медиумскиот простор во земјава, а кои се поврзани со странски влијанија и натаму во најголем број се поврзани со агресијата на Русија врз Украина, при што новина е тезата дека енергетското уништување на украинскиот електро-енергетски систем е нужност за да се дошло побрзо до мирот. На домашниот простор, покрај стандардните дезинформации поврзани со вакцините, бележиме наративи поврзани со анонимните закани од бомби и анти – НАТО реториката, како и суптилните пораки „дека сме на погрешната страна“

Дезинформациските наративи во декември забележани во медиумскиот простор во земјава, а кои се поврзани со странски влијанија и натаму во најголем број се поврзани со агресијата на Русија врз Украина, при што новина е тезата дека енергетското уништување на украинскиот електро-енергетски систем е нужност за да се дошло побрзо до мирот. На домашниот простор, покрај стандардните дезинформации поврзани со вакцините, бележиме наративи поврзани со анонимните закани од бомби и анти – НАТО реториката, како и суптилните пораки „дека сме на погрешната страна“

 

Екипа на Вистиномер

 

Поранешниот руски претседател и премиер Димитриј Медведев, кој сериозно конкурира да го заземе првото место по бројот на дезинформациските пропагандни наративи, кон крајот на декември повторно излезе со стара матрица во ново пакување во кое „западните сојузи наскоро ќе престанат да постојат“ и дека тоа се видело и во случајот кога нивниот архи-непријател останува Русија, но дека цената на крај ќе ја платат европските граѓани.

Веќе има доволно несогласувања дури и пред лицето на ‘заедничкиот непријател’, статус кој традиционално ѝ се доделува на Русија, напиша Медведев во колумна за Рускa газета, пренесе МКД.мк.

На крај од објавата Медведев вели дека „може само да сочувствува со граѓаните на ЕУ“:

Не можете да го загреете домот со пароли за солидарност со Украина, не можете со нив да го наполните резервоарот на автомобилот. Како и обично, само САД се во релативна предност, додека граѓаните на Европа се соочуваат со сиромаштија и долгорочна неизвесност.

Во контекст на енергенсите и нивните цени, во почетокот на декември бележиме објавен текст во македонски онлајн медиум со изменет наслов кој креира можност за дезинформациски наратив. Станува збор за цената по која американскиот гас се продава во Европа. Насловот на текстот започнува со:„Гневот расте во ЕУ:…“

Овој текст е, се чини, вест направена од статија на Политико објавена на 24.11.2022 со наслов: „Европа ги обвинува САД за профитирање од војната“. Во македонскиот онлајн медиум веста за оваа анализа се појавува десетина дена подоцна со уште пожесток наслов кој може да се оцени како подлошка за дезинформациски наратив за тоа дека ЕУ и САД само што не ги раскинале односите поради американскиот профит од нивниот извоз на течен гас. Вакви наративи ширеше Москва во изминатите месеци (Види анализата на „Вистиномер“ од октомври, дека ЕУ е најголемата жртва од војната во Украина).

Мрачната Божикна порака на РТ до европејците

Целосно во тој пропаганден контекст дека поради инволвираноста на Западот во војната во Украина, сепак највисока цена ќе платат европејците, пред прославата на Божик на 24.12.2022 година од Москва беше упатена видео порака со која на најголем дел од граѓаните во Европа им „се честиташе“ претстојниот Божик.  Видео пораката беше испратена преку рускиот државен медиумски проект РТ, при што во неа што се споредуваат прославите на Божик 2021 г. и 2022 г. и што ги очекува Европејците за Божик во 2023 година. Сценаристите решиле да прикажат мирна и идилична атмосфера во 2021 г., преку прекини и недостиг на енергија во 2022 г., но сепак семејството останува смирено и ги надминува енергетските проблеми, до целосно апокалиптична слика како ќе изгледа прославата во тоа исто семејство во 2023 г., каде што се сугерира разрушен и со војна опфатен дом и каде што семејството за да преживее за оброк го има дури миленичето – хрчак!

Видеото завршува со порака:

Среќен анти-руски Божик! Ако вашите медиуми не ви кажуваат каде сето ова води, се е достапно на РТ преку ВПН

Пораката со видеото беше пренесена преку социјалните мрежи, а беше пренесена и во дел од македонските онлајн медиуми.

Крајот на видеото од РТ. Фото: скриншот

 

Мирот зависел од признавањето на анексијата на територии на Украина

Неколкупати во текот на декември од Москва во македонскиот информативен простор беше пренесен уште еден наратив со дезинформациски потенцијал на Москва што се однесува до мирот во Украина. Станува збор за тврдење дека мирот веднаш може да стапи во сила само доколку Украина и Западот прифатат дека постои нова реалност, анектирани територии од оваа држава по инвазијата на Русија од 24.02.2022 година.

На 13.12.2022 гласноговорникот на Москва Дмитриј Песков, како одговор на барањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски за повлекување на руските војски како услов за мир, одговори:

Украина мора да земе предвид дека Москва додаде нови територии на Руската Федерација. Украинската страна мора да ги земе предвид новите реални околности што се случија неодамна – дека Руската Федерација има четири нови припоени територии. Без да се земе предвид оваа нова реалност, не е можен напредок“, изјави портпаролот на Кремљ, Песков.

Истиот наратив Песков го соопшти уште на почетокот на декември по разговорите помеѓу германскиот канцелар Олаф Шолц и рускиот претседател Владимир Путин, дека не доаѓа  предвид повлекување на руските трупи како услов за мировно решение. Овој дезинформациски наратив се надоврзува на првиот и најглавниот дезинформациски шаблон на Русија, која тврди дека во февруари не извршила агресија врз Украина, дека станува збор за специјална воена операција со цел заштита на руското население во четирите региони кои се сега анкетирани, бидејќи тие биле загрозени од пронацистичкиот режим во Украина кој треба да биде поразен т.е. да биде извршена денацификација на земјата.

Ваквите наративи во кои окупираниот треба да ги ги признае окупираните територии како реалност ги завери на крајот од декември шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.

Нашите предлози за демилитаризација и денацификација на териториите контролирани од режимот, отстранување на заканите за безбедноста на Русија кои доаѓаат од таму, вклучително и нашите нови територии, му се добро познати на непријателот. Значењето е едноставно. Исполнете ги условите за свое добро. Во спротивно, за тие прашања ќе одлучува руската армија – вели Лавров.

Дезинформациски наратив и дезинформација поврзана со можниот мир во Украина испрати и белорускиот претседател Александар Лукашенко. Но, спецификата е поврзана со стар руски наратив првпат публикуван како уреднички коментар од весникот на кинеската армија, дека Украинците „се мелено месо“ на НАТО.

Ако сакаат да се борат до последниот Украинец или до последниот Полјак или некој друг платеник, тоа е нивен избор. Засега ниту нашите разузнавачки служби, ниту јас не гледаме подготвеност да се вклучат во преговорите за ставање крај на конфликтот, рече Лукашенко.

Слична дезинформација Русија пласираше на почетокот на декември. Состанокот на НАТО во Букурешт на крајот од ноември беше искористен за обновен дезинформациски наратив од Русија дека НАТО е тој што имал шанса, за мир во Украина, но не ја прифатил. Откако најпрво портпаролката Марија Захарова го обвини НАТО, веднаш потоа и шефот на дипломатијата Сергеј Лавров изјави дека

Западот има „реална шанса“ да избегне конфликт во Украина, но ‘наместо тоа одлучи да ги отфрли руските предлози за запирање на проширувањето на НАТО и да се согласи на специјален безбедносен статус за Киев’.

Путин: Енергетско уништување на Украина – неопходно за мир!?

Цел декември Русија интензивно гранатираше и ракетираше критична украинска енергетска инфраструктура, оставајќи во одредени моменти и 80 отсто од земјата во мрак и студ. Дезинформацискиот наратив на Русија за ваквите постапки надвор од правилата за војување, бидејќи станува збор пред се за цивилна инфраструктура, беше појаснета лично од Путин во неговиот телефонски разговор со германски канцелар Олаф Шолц, како нужност, неопходност и незибежност за да се постигне дипломатско решение. Повеќе за ова може да се прочита тука.

Скриншот од дел од известување на светските медиуми

На ова се надоврза уште еден суптилен дезинформациски наратив од Москва, во стилот „и ти така правеше“, дека НАТО го правел истото во Србија во 1999 година.

Не е на Нуланд да го учи светот – САД и НАТО уништуваа енергетските мрежи, објави Марија Захарова на Телеграм, потсетувајќи на нападите врз Србија во 1999 година.

Ова е многу суптилна полуинформација која се користи за дезинформацијата – дека таквата воена тактика е легитимна. Имено, навистина, НАТО во подоцнежната фаза од бомбардирањето на Југославија, во мај 1999 г. нападна во еден ден 5 големи трансформатори коишто овозможуваат снабдување со електрична енергија од централите до крајните корисници. Сепак, разликата е во тоа што НАТО тогаш не ги уништи трансформаторите целосно, туку привремено ги онеспособи. Според толкувањето на НАТО тогаш се користени таканаречени „меки бомби“ т.е. специјални бомби наполнети со јаглен, наменети за предизвикување електрични испади. Но, за разлика од денешната состојба со руските напади врз украински енергетски цели и реакцијата во нивното општество, дебатата во западната јавност не можеше да биде избегната, па така Њујорк Тајмс во тоа време веднаш објави став дека со бомбардирањето на електроинфраструктурата „НАТО го преминал прагот“. Иако до крајот на јуни авионите на НАТО нападнаа 9 од главните српски централи и уште десетина трансформатори и покрај тоа што во еден ден на 22 јуни 1999 г., 70 отсто од Србија беше во мрак, Српското електростопанство ни оддалеку не беше толку погодено како што тоа го прави Русија во Украина.

Повеќе за ова може да се прочита во 6-тото поглавје од книгата објавена во 2001 „The Conflict Over Kosovo: Why Milosevic Decided to Settle When He Did (Конфликтот за Косово: зошто Милошевиќ се одлучи за договор токму во оној моментот кога го стори тоа) од Стефан Т. Хосмер.

Дезинформацискиот наратив што го пласира Москва е дека и НАТО го правел истото, но не појаснува дека за разлика од НАТО, Русија од октомври уништува енергетска инфраструктура, во целост, дека особено во ноември и цел декември нападите беа интензивирани и немаат намера да запрат. Впрочем, иако и НАТО прекршил дел од Протоколот на Женевската конвенција од 1949 година, за 11 недели бомбардирање врз цели во Југославија, според признание и пресметки од Белград, западната воена алијанса целосно уништила само 1 трафостаница и два далекувода од вкупно 102 напади врз електро-енергетски постројки, што го дебанкира рускиот дезинформациски наратив дека и „НАТО правел исто“ во 1999 година. Исто така, овој наратив не го зема предвид најважниот дел од актуелното случување: Дури и НАТО тоа да го правел во Србија и во Ирак пред повеќе од дваесет или триесет години, тоа не ѝ дава право на Русија толку брутално да го употребува својот воен арсенал против цивилни цели во Украина и притоа да тврди дека тоа е легитимна постапка за побрзо да се дошло до мирот, како што толкува и самиот Путин.

 

Манипулација со затворениците од руските затвори

Русија се обиде да дезинформира со наратив дека странски затвореници доброволно се ставаат на нејзина страна за да учествуваат во агресијата врз Украина, со крајна цел да парира на негативните информации за таквите нејзини постапки, а од друга страна да го засили наративот дека води праведна војна.

Станува збор за претходно затворен студент од Замбија Лемехани Нејтан Ниренда, кој ослободен од затвор, загинал на фронтовите во Украина некаде во ноември, а информацијата излезе од Замбија, која побара појаснување од Русија. На ова Русија одговори преку првиот човек на приватната борбена група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, кој тврди дека го познава човекот дека тој бил херој кој прв се пробил на фронтот на 22 септември.

До оваа непријатна афера за Русија доаѓа откако со измена на Закон и со Указ на Владимир Путин, на затвореници во руските затвори им беше дозволена амнестија на казната доколку доброволно се пријават за да учествуваат во војната. Повеќе за овој случај можете да прочитате тука и тука. Но, за да биде рускиот дезинформациски наратив понеуспешен, во исто време се појави лик со сомнително потекло, кој предупредува дека „бандите на Кадиров и бандите на Вагнер“ се вистинска опасност за Русија, откако и затвореници се приклучуваат на „Вагнер“. Повеќе за ова може да се прочита тука и тука.

Во сличен стил, но овојпат некаде кон средината на декември Русија шири дезинформациски наратив дека Киев ги мобилизира и употребува и украинските студентки за да се спротивстават на Русите. Дезинформацијата за која се користени руските канали на Телеграм, ја демантираат новинарите од  украинската национална агенција УКРИНФОРМ. Повеќе за оваа дезинформација за која е известено и во РСМ можете да прочитате тука и тука.

 

Бројот на загинатите – елемент за дезинформации

Официјална Украина соопшти број за загинатите украински војници од почетокот на февруари 2022 кога започна руската агресија и тој број според податоците на Киев е помеѓу 10 и 13 илјади. Оваа информација создава наратив за дезинформации од руска страна, дотолку повеќе што претходно и американски активен генерал направи проценка за околу 100 илјади загината лица од украинска страна, а истото го соопшти и шефицта на ЕК, Урсула фон дер Лајен, но потоа тој дел од нејзиниот говор во ЕП беше исфлен од прес-службите на ЕК, што може да се види и тука.

ЕК потоа појасни дека тој дел од говорот бил отстранет затоа што се однесувал и на загинатите и на повредените.

Домашните политичари се занимаваа со заканите со бомби и со анти-НАТО реторика

Главни теми во медиумскиот простор, кои како теми се подложни за дезинформации по дефиниција или кои неретко се дезинформации, беа поврзани со анонимните мејл пораки со заканите за поставени бомби и анти-НАТО реторика од лидер на една политичка партија.

Заканите по електронска пошта регистрирани за првпат на крајот на октомври, со умерена динамика беа регистрирани и во ноември, но особено се засилија во декември. Иако претставници на власта тврдеа дека прават сè за откривање на сторителите, освен два одделни случаја еден во Кавадарци и еден во Делчево, кои беа поврзани со домашни испраќачи на заканите, главните анoнимни сторители што упатуваат секојдневно закани во работни денови до училишта, трговски центри, владини институции и аеродромот во Скопје, не се откриени.

Сето ова создава простор за многу честа реторика на дел од политичките партии во опозиција, но пред сè на главната, ВМРО-ДПМНЕ, за целосна неспособност на власта и барање оставка, пред се од првиот човек на МВР Оливер Спасовски. Иако се чинат како легитимни политички пораки упатени до граѓаните во градењето наратив на неспособност на политичките противници, со секојдневното повторување на ваквата реторика во којашто имаше и полувистини или невистини, од типот дека само кај нас не можеле да се откријат сторителите, всушност се создава атмосфера која им погодува на испраќачите на анонимните закани за кои нема дилема кај сите, дека целта е ширење дефетизам, страв и паника, покрај скенирање на функционирањето на системот кога е под закана. Еве неколку примери од декември од кога и официјално ваквите закани почнаа да се третираат како дел од хибридна војна.

Хакирање/монитор. Фото: Pexels.com

За Ковачевски – хибридна војна, за ВМРО-ДПМНЕ, можеби е, ама…

Премиерот Димитар Ковачевски за првпат потврди дека станува збор за хибридна војна на 13.12.2022 г., додавајќи дека „скоро апсолутно е невозможно да се детектира од каде доаѓа дојавата“. Истиот ден, еден од аналитичарите кои се занимаваат со безбедносни прашања го вперија прстот кон Русија (Исмет Рамадани во истиот текст), а друг аналитичар и професор по безбедност, кој смета дека не може да исклучи таквото тврдење, смета дека „одредени политички субјекти, дали е тоа од Македонија или од соседните држави користат вакви современи методи на хибридни средства за дестабилизација за постигнување на политички цели“(Стефан Буџаковски, исто во текстот на РСЕ).

Ден претходно на 12-ти и истиот ден на 13.12.2022 г., ВМРО-ДПМНЕ продолжи со наративот дека власта е неспособна да го обезбеди мирот и безбедноста на граѓаните. Истиот ден,13 декември, по вторпат повторно зборуваат од оваа партија за „хаос и паника“ и дека за тоа е виновен Спасовски, кој мора веднаш да поднесе оставка.

На 16 декември го повторуваат наративот за неспособноста на власта за бомбите, но сега со акцент дека доцна се координираат и бараат помош, а на 17 декември исто, но првпат со признание и од ВМРО-ДПМНЕ дека заканите со бомби „можеби се хибриден напад“. Таквата реторика од оваа партија продолжи и на 20 декември, ден откако Владата соопшти дека по одржаниот состанок на Советот за координација на безбедносните служби е формиран оперативен тим за справување со хибридните закани. И на истиот ден кога пристигна информација дека најнова држава цел на обновени анонимни дојави за бомби во регионот на Балканот, повторно стана и Босна и Херцеговина.

Молк за објаснувањата на експертите

Она што е одлика на ваквите наративи од опозициската политичка партија е што ниту еднаш, во ниту едно нивно соопштение или реакција, не се осврнуваат на постојаните тврдења на експертите – информатичари, дека ваквите закани се навистина многу тешки за разоткривање поради природата на функционирањето на интернетот, провајдерите на услуги како што се големите меил системи и поради политиките за приватност што ги имаат воспоставено и тие и приватните виртуелни мрежи ВПН/VPN системи. Ова многу пластично го опиша професорот по информатика и претседател на ИКТ комората професор д-р Орце Симов, гостувајќи во дебатна емисија на 24 ТВ на 15.12.2022 г. (околу 13-та минута во видеото). Нема ниту една информација ниту за тврдењата на експерти професори по безбедност како што е професор д-р Методи Хаџи Јанев кој во авторски текст детално појаснува зошто генерално, но и кај нас е тешко властите да се справат со анонимните напаѓачи во дигиталното војување. Од партијата воедно никогаш не искомуницирале со јавноста дека имаат предвид дека заканите се регионални и пошироки, за што сведочат  вестите и анализите дека ова е појава што ја има на целиот Балканот со кои се опфатени Србија, Црна Гора, Косово, Хрватска и како што веќе е напишано погоре и БиХ.

Поради ваквото неспоменување на овој елемент од феноменот со заканите, тенеденција која продолжува во реакциите на ВМРО-ДПМНЕ, може да се оцени дека опозициската партија комуницира со граѓаните со половични информации (неспособност на власта и на МВР), кои создаваат простор за ширење на дезинформациите. За овој потенцијален дезинформациски наративен контекст и како тој се користи и во политичките состојби во секојдневието, на пример во работата на Собранието, повеќе во контраспинот на „Вистиномер“ објавен неодамна.

 

„Прорускиот народ“ на Апасиев

Лидерот на Левица Димитар Апасиев во емисија на 24 Вести Аргумент плус каде што беше интервјуиран, во еден момент изјави дека нападите од власта и од СДСМ дека биле руски играчи во РСМ

Сè со намера да им направат штета, но спротивно на тоа, не разбираат дека Левица само го артикулира тоа што народот го мисли. Во ситуација кога народот е проруски расположен левица тоа го кажува и тие викаат – еј вие сте проруски. Не, народот е проруски, а не Левица. Зборуваме за овој глобален судир проЗапад апропо судирот во Украина и на Русија како на една од светските сили.

Со ова тврдење тој во јавноста упати дезинформација, оценувајќи дека народот во РСМ, веројатно мисли на македонскиот народ, се русофили и дека власта води погрешни политики. Но, најдобра негација на оваа дезинформација дојде утредента откако Дојче Веле го објави истражувањето на Галуп интернешнл во кое јасно се гледа дека поголем дел од испитаниците во земјава се ориентирани кон ЕУ како економски партнер и САД како безбедносен фактор, а во исто време беше објавена и анкетата на ИРИ, во која бројките повторно го негираат ова тврдење на Апасиев (повеќе во контраспинот на „Вистиномер“).

Димитар Апасиев. Фото: скриншот

Но, Апасиев уште на почетокот од разговорот, зборувајќи за друго прашање изјави – еве секојдневно има закани за бомби, побезбедни бевме надвор од НАТО отколку во НАТО ( 4-та  минута од видеото).

И некаде кон средината на интервјуто, Апасиев „протна“ уште една дезинформација дека

Сега негде се појавила германска анализа која што кажува дека со ова темпо ние некаде 2100 и некоја може да станеме членка на ЕУ, тоа значи дека ние треба да се помириме со тој факт, да си бараме чарето бидејќи светот станува мултиполарен.

Ова е класична дезинформација бидејќи не станува збор за никаква анализа, туку за твит – став на германскиот новинар Михаел Мартинс, кој во декември по вторпат твитна такво, непоткрепено со факти тврдење.

Уште една, некласична дезинформација, туку претпоставка, со наратив дека сме на погрешната страна, е изјавата на Стевче Јакимовски, градоначалник на Општина Карпош, кој во интервју за неделникот Фокус кажа:

Не дај Боже да дојде до трета светска војна, ништо нема да биде битно, ќе биде – снаоѓај се како знаеш. Ако ескалира конфликтот во Украина, членството во НАТО не ни менува многу, туку нѐ доведува во опасност да бидеме ракетирани од тие од спротивната страна.

Во декември, инаку, не е сменет и трендот на дезинформации чие потекло често е од странство, а кои се поврзани со наводната штетност од вакцините, со последиците од ковидот и со пандемијата, што многу добро може да се види ако се погледне рубриката на „Вистиномер“ „Проверка на факти“.

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција