Воскресна руската лага дека во Украина има био-лаборатории управувани од САД
Во Украина нема биолаборатории управувани од САД. Земјата е една од многуте републики на поранешниот Советски Сојуз и други земји, кои соработуваат со Одделот за одбрана како дел од Програмата за намалување на заканите за соработка. Додека САД може да обезбедат средства за надградба или изградба на лаборатории во други земји, но лабораториите ги водат партнерските земји и целта на програмата е да се спречат биолошки закани, а не да се создаваат. Наводите дека Путин се бори против сатанистите за да ја спаси планетата од таканаречената длабока држава, е уште една теорија на заговор на Кју Анон. На тоа му кумуваше и самиот Путин, кој се правдаше дека ја нападнал Украина во борба против сатанистите
Во Украина нема био-лаборатории управувани од САД. Земјата е една од многуте републики на поранешниот Советски Сојуз и други земји, кои соработуваат со Одделот за одбрана како дел од Програмата за намалување на заканите за соработка. Додека САД може да обезбедат средства за надградба или изградба на лаборатории во други земји, но лабораториите ги водат партнерските земји и целта на програмата е да се спречат биолошки закани, а не да се создаваат. Наводите дека Путин се бори против сатанистите за да ја спаси планетата од таканаречената длабока држава, е уште една теорија на заговор на Кју Анон. На тоа му кумуваше и самиот Путин, кој се правдаше дека ја нападнал Украина во борба против сатанистите
Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека во Украина има биолаборатории контролирани од САД.
Има многу мочуришта, пресушете ги сите
Трамп преговараше со Путин за крај на војната во Украина. Сега Шолц бара телефонски да разговара со Путин.
Путин бара истрага за развојот на американското биооружје во Украина, а тимот на Трамп, РФК Џуниор, Илон и Тулси ќе бидат ангажирани во истрагата на Длабоката држава вмешана во злосторства против човештвото.
Русија беше конзистентна во изнесувањето на овие докази до ОН во последните 3 години и тие беа многу јасни за тоа кој според нив е одговорен за производството и употребата (отпуштањето) на биолошкото оружје.
Тие ги именуваа Обама, Бајден, Клинтон и Сорос, Демократската партија, заедно со сите други моќници во мрежата на Биг Фарма, вклучувајќи ги Бил Гејтс, Рокфелерс, Фајзер, Модерна итн.
Ова се преговорите на кратко и ова ќе се случи. Ова ќе биде услов на Путин да ги повлече своите трупи.
Путин сака правда и за Ковидот, стои во објавата.
Руската инвазија на Украина донесе лажни тврдења на социјалните мрежи дека рускиот претседател Владимир Путин ги гаѓа лабораториите за биолошко оружје управувани од САД во неговата соседна земја.
Лажните тврдења од Русија за наводна употреба на биооружје од страна на САД не се нови, а наводите за мрежа од такви лаборатории долж границата со Русија беа споделени во руските државни медиуми во неделите пред инвазијата, пишува сајтот за проверка на фактите Политфакт.
Корисник на Твитер @WarClandestine на 24 февруари објави приказна дека Русија ги таргетирала локациите на био-лабораториите управувани од САД кога почнала да ја напаѓа Украина. Тој профил брзо беше суспендиран од Твитер, но други ја споделија објавата и почнаа да го користат хаштагот #USbiolabs за да го шират лажното тврдење.
Во Украина нема американски воени лаборатории, вели Енди Вебер, член на Управниот одбор на директори на Здружението за контрола на вооружувањето и поранешен помошник секретар за одбрана за програми за нуклеарна, хемиска и биолошка одбрана.
Напротив, Програмата за заедничко намалување на заканите на Министерството за одбрана на САД му обезбедува техничка поддршка на украинското Министерство за здравство од 2005 година за подобрување на лабораториите за јавно здравје, чија мисија е аналогна на американските центри за контрола и превенција на болести, изјави Вебер за Политифакт.
Според „Политифакт“, оваа програма почнува после падот на Советскиот Сојуз во 1991 година за да се намали опасноста од постоечките оружја за масовно уништување, односно за да се неутрализира биолошкото оружје произведено во постсоветските земји. Програмата е позната како „Нун-Лугар“ (според имињата на двајцата сенатори кои го предложија нејзиното основање) и се наоѓа во Агенцијата за намалување на опасности во Министерството за одбрана.
Овој лажен наратив, промовиран од руската влада, циркулира со години, пишува EUvsDisinfo. Ова тврдење е употребено во различни временски периоди, како, на пример, за време на извештаите за труења извршени од руски агенти, како што беше труењето на Скрипал, за да се одвлече вниманието на јавноста од сопствената употреба на хемиско оружје од страна на Русија.
Тврдењата дека САД развива биолошко оружје во Украина се стари барем од 2018 година.
Според тој постар наратив, САД работат на доближување на смртоносни патогени близу руската граница и ги тестираат на подрачјето на поранешните советски републики. Според сервисот за проверка на факти „Раскринкавање“, наводите за американските биолошки лаборатории се појавиле уште во 2015 година. Како пример го наведуваат текстот на рускиот медиум „Спутник“ во кој пишува дека „Русија ја загрижуваат воените биолаборатории кои САД ги гради во нејзиното окружување“, иако самиот текст не носи детали или докази дека САД на постсоветско тло навистина гради такви лаборатории.
Вистината е дека на територијата на Украина нема биолаборатории во сопственост на САД, а ова во неколку наврати е дебанкирано, како од светските сервиси за проверка на факти, така и од Вистиномер.
Објавите погрешно го толкуваат Договорот меѓу САД и Украина од 2005 година, чија цел е да се спречат биолошките закани, а не да се создаваат. Според Службата за безбедност на Украина – главната безбедносна агенција во земјата, лабораториите за коишто се говори на социјалните мрежи се во сопственост и финансирани од украинската влада.
Оваа агенција и амбасадата на САД во Украина во неколку наврати рекоа дека ваквите тврдења се лажни. Медиумските извештаи покажуваат дека оваа теорија е поврзана со повеќегодишната руска кампања за дезинформации, чија цел е да ги дискредитира САД.
Според Договорот од август 2005 година, украинската и американската влада се согласиле да соработуваат за „да го спречат ширењето на опасни патогени и поврзаната експертиза и да ги минимизираат потенцијалните биолошки закани“.
Во 2020 година, украинската безбедносна служба издаде соопштение во кое наведе дека нема биолошки лаборатории во Украина кои се водени од странски држави а особено не воени лаборатории.
Истакнуваме дека тие лаборатории се финансирани од државни пари, лабораториите се под Министерството за здравство и државната служба за сигурност на храната и заштитата на потрошувачите, соопштија од безбедносната служба на Украина.
САД веќе ги отфрлија обвинувањата кои доаѓаат од Русија. Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби рече дека станува збор за класична воена пропаганда, а портпаролката на Стејт Департментот Нед Прајс дека кажа дека Русија измислува тврдења за да го прикрие своето делување во Украина.
Петер Стано, портпарол на ЕУ за надворешни работи и сигурносна политика, рече дека ЕУ не е запознаена дека во Украина се наоѓаат лаборатории кои не се во согласност со меѓународното право.
Лабораториите во Украина се со цел да превенираат ширење на заразни болести и се дел од Развојна програма за намалување на ризиците и опасностите од болести, како што „Вистиномер“ веќе пишуваше.
Не постои „длабока држава“ од која Путин ќе нè спаси
Во објавата се спомнува и една друга стара и веќе дебанкирана теоријата на заговор за „длабоката држава“. Застапниците на оваа теорија ги величаат Трамп и Путин како спасители на човештвото од „сатанистите на длабоката држава“.
Путин бара истрага за развојот на американското биооружје во Украина, а тимот на Трамп, РФК Џуниор, Илон и Тулси ќе бидат ангажирани во истрагата на Длабоката држава вмешана во злосторства против човештвото, стои во објавата.
Оваа теорија дека Путин се бори против сатанистите за да ја спаси планетата од таканаречената длабока држава, е уште една теорија на заговор на Кју Анон. На тоа му кумуваше и самиот Путин, кој се правдаше дека ја нападнал Украина во борба против сатанистите.
Како што пишува Ролинг Стоун, некои корисници на социјалните мрежи веруваат дека Владимир Путин ја нападна Украина за да ја уништи „длабоката држава”, непостоечка светска влада за која веруваат дека има цел да го собори Доналд Трамп. Но, ова не е точно. Путин долго време верува дека Украина треба да е под руска контрола, став кој доведе до вистинска агресивна воена инвазија што резултираше со илјадници жртви.
На другиот крај на спектарот дезинформации за причината на воената инвазија во Украина е тоа што приврзаниците на Кју Анон, ја слават инвазијата на Путин врз Украина, зашто веруваат дека е операција против длабоката држава. Тие се приврзани кон фантазија дека кабала на моќни, педофили, сатанисти, вклучително и демократи на високи позиции управуваат со длабоката држава. Според нивните фантазии, Трамп е пратен да стави крај на длабоката држава. Со оглед на учеството на Кју Анон во нападот на Катило на 6 јануари 2021 г,, или нивната поддршка на пучот во Мјанмар (Бурма), ваквите наративи за оправдување на агресивна воена инвазија кон суверена и демократска држава, не доаѓаат како изненадување, но се навистина опасни.
Белингкет уште во април 2022 година пишува дека повеќето од поддржувачите на Кју анон го сметаат Путин за херој кој се бори „на страната на Трамп“.
Во септември 2021 година еден од каналите на Кју анон во Велика Британија тврдеше дека Путин се бори против сатанистичката кабала, па затоа наводно медиумите го претставувале Путин како „лошиот“.
Секако, ова е пропаганда, односно куп неаргументирани, недокажани и непоткрепени тврдења, кои заеднички придонесуваат во креирањето на една илузија која треба да ја залажува јавноста.
Објавата понатаму тврди дека Русија имала докази дека Обама, Бајден, Клинтон и Сорос, Демократската партија и други моќници во мрежата на Биг Фарма, вклучувајќи ги Бил Гејтс, Рокфелерс, Фајзер, Модерна итн, произведувале биолошко оружје во Украина.
Вакви тврдења руски официјални лица претходно изнесуваа и јавно без притоа да приложат никакви докази и факти.
Како што Вистиномер веќе пишуваше, Игор Кирилов, генерал-полковник, шеф на руските сили за радијација, хемиска и биолошка заштита на брифинг изјави:
Треба да се каже дека идеолозите на американските воени биолошки истражувања во Украина се водачи на Демократската партија. Владата на САД постави начин за финансирање на воените био-истражувања директно од федералниот буџет, но исто така користеше владини гаранции за собирање средства од „невладините организации контролирани од раководството на Демократската партија.
Како пример за такви организации, тој покажа слајд со имињата на Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, Фондацијата [Бил и Хилари] Клинтон, Отворено општество и инвестициски фондови на Џорџ Сорос, Фондацијата Рокфелер, Алијансата за екоздравство и Розмонт на Хантер Бајден. Кирилов, исто така, ги именувал Pfizer, Moderna, Merck и Gilead како „големи фармацевтски компании“ вклучени во оваа шема, користејќи ја за тестирање лекови додека ги заобиколува меѓународните безбедносни стандарди.
За ваквите тврдења на Москва нема никакви докази, ниту пак, истите се потврдени со некакви факти. Официјални потврди нема од украинските власти, ниту пак, од која било друга официјална страна.
Тврдењата дека САД водат тајни биолаборатории во Украина е теорија на заговор, дело на руската пропаганда уште од 2018 година. Според тој постар наратив, САД работат на доближување на смртоносни патогени близу руската граница и ги тестираат на подрачјето на поранешните советски републики.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека во Украина нема биолаборатории управувани од САД. Земјата е една од многуте републики на поранешниот Советски Сојуз и други земји, кои соработуваат со Одделот за одбрана како дел од Програмата за намалување на заканите за соработка. Додека САД може да обезбедат средства за надградба или изградба на лаборатории во други земји, но лабораториите ги водат партнерските земји и целта на програмата е да се спречат биолошки закани, а не да се создаваат. Поради тоа, објавата која ја анализираме, ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар