Воведена е социјална пензија за постарите лица без стаж

Фото: commons.wikimedia.org

Ќе воведеме државна социјална пензија за секое лице над 65 години старост, кое во последните 20 години живеело на територијата на Република Македонија и не ги остварува условите за старосна пензија. Таквите лица ќе имаат право на државна пензија. Државната социјална пензија, на почетокот, ќе биде во висина од 40% од просечната старосна пензија.

[Извор: Изборна програма на СДСМ, (2016), „План за живот во Македонија“ (стр.5, стр.109 и стр. 243);]

ОБЕАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на СДСМ за воведување државна социјална пензија  дадено за предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.), е исполнето.

Споменатото  ветување на социјалдемократите  е посочено  во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“ , каде што се споменува на неколку места. Најнапред, тоа е наведено на почетокот на програмата во поглавјето:„Парите ќе ги насочиме кон граѓаните – Државна пензија“ (стр.5), потоа се споменува  во заглавието Флексибилни услови за пензија“, (стр.109). Истото ветување го има и во рамките на „Планот 24м – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 2 години“ , во делот „Социјална заштита“ (стр.243).

На 21 мај оваа година Собранието го донесе Законот за социјална сигурност на старите лица, како дел пакетот на закони за социјалната реформа, со кој се овозможи месечен надоместок од 6.000 денари за лицата на возраст од над 65 години – кои се државјани на  Македонија најмалку 15 години и не примаат старосна пензија, вклучувајќи ги и лицата без ден работен стаж.

Пријавувањето за социјална пензија (доставување барање) во центрите за социјална работа  почна на крајот на март (29 мај). Неодамна, (03 ноември) од МТСП соопштија дека 2.631 лице се стекнаа со правото на користење на социјална пензија предвидена со Законот за социјална сигурност на старите лица.

Законот дефинира дека право на ваков надоместок старите лица  можат да остварат: доколку немаат во сопственост имот и имотни права од кои можат да се издржуваат, ако не се корисници на пензија од Македонија или вид на исплата по основ на старост, инвалидност или доживување од друга држава и не оствариле приходи по сите основи во последните три месеци пред поднесување на барањето.

Право на социјална пензија не може да оствари лице кое со решение на центарот за социјална работа е сместено подолго од 30 дена во установа за вонсемејна социјална заштита, здравствена или друга установа.

За домаќинствата во кои и мажот и жената ги исполнуваат условите за користење на социјална сигурност, надоместокот ќе го користи само еден член, бидејќи, како што појаснија од Министерството за труд и социјална политика, станува збор за право од социјалната заштита и не е поврзано со пензиското и инвалидското осигурување.

Корисникот на социјална пензија има право и на паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството, за месеците од октомври до март.

Висината на месечниот износ на правото на социјална сигурност за старите лица, ќе се усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика во јануари во тековната година.

Имајќи го предвид сето ова ветувањето на СДСМ за воведување социјална пензија го сметаме за исполнето.

 

*******

„Вистиномер“ се осврна на ова ветување  во почетокот  на 2018 година, во периодот  кога имаше најава дека мерката за социјалната пензија ќе се  имплементира од 2020 година. Но, сепак, како што е погоре посочено, таа стартуваше оваа година (мај 2019), со што фактички ветувањето е реализирано во рокот наведен во Изборната програма – во првите 2 години од мандатот на Владата.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција