Воздухот е загаден, ама не нè „запрашуваат“ со авиони

Фото: Juraj Tatár, CC BY-SA 3.0 , via Wikimedia Commons

Воздухот во земјава е загаден до ниво да се препорачани посебни превентивни мерки за населението да се заштити од штетните последици, меѓутоа не е точно дека тоа е на каков било начин поврзано со контрејлс, трагите што авионите ги оставаат позади себе поради кондензацијата. Дополнително, не е точно дека во земјава народот е болен поради запрашување со авиони, како што се тврди во постот. Ваквите дезинформации за тоа дека со хемикалии нè прскаат од небо,  повеќепати се разоткриени во рецензии на Вистиномер и на странски проверувачи на факти

Воздухот во земјава е загаден до ниво да се препорачани посебни превентивни мерки за населението да се заштити од штетните последици, меѓутоа не е точно дека тоа е на каков било начин поврзано со контрејлс, трагите што авионите ги оставаат позади себе поради кондензацијата. Дополнително, не е точно дека во земјава народот е болен поради запрашување со авиони, како што се тврди во постот. Ваквите дезинформации за тоа дека со хемикалии нè прскаат од небо,  повеќепати се разоткриени во рецензии на Вистиномер и на странски проверувачи на факти

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделуваат фотографии од контрејлс, траги што авионите ги остават зад себе како последица на кондензација и кои се највообичаена појава. Во склоп на тие фотографии се вели:

Никаде во светот не е толку лош воздухот како овде. Народот е болен поради запрашувањето од авионите, и никој не може да ме убеди во спротивното.
Вистиномер повеќепати има пишувано дека нема никакви докази за наводните хемиски патеки, тие се вообичаени траги кои ги оставаат авионите кои летаат на голема височина под одредени атмосферски услови.

Уште пред шест години (ноември 2016) група од 77 научници објави извештај откако ги прегледа наводните докази дека некои авиони нè прскаат со хемиски супстанци. Од тие 77 научници, 76 изјавија дека не нашле докази за „тајна атмосферска програма од големи размери“. Со други зборови, доказите укажуваат на тоа дека патеките се очекуваниот резултат на авионите што летаат во воздухот.

Белата трага што ја оставаат авионите во воздухот се нарекува „контрејл“, односно патека од кондензација. Облаците во форма на линија се произведени од издувните гасови на моторот на авионот и настануваат поради промени во притисокот на воздухот, обично на авиони кои летаат на височина неколку километри над површината на Земјата. Патеките се составени од вода, во форма на кристали од мраз. Во зависност од температурата и влажноста на воздухот, тие можат да бидат видливи само неколку секунди или минути, или може да опстојуваат со часови и да се шират на неколку километри.

Што се однесува до „кемтрејлс“ теориите на заговор, истите досега се повеќепати разоткриени од проверувачите на факти, меѓу кои, чешкиот сервис за проверка на факти, Manipulatori.cz., српскиот сервис Istinomer.rs , како и во повеќе рецензии на „Вистиномер“.

Професорот Дејвид Кит од Универзитетот Калгари, се сретна со луѓе загрижени дека постои прскање од авиони односно кемтрејлс. Видеото од неговата посета, која што била снимена,  може да се најде на следниот линк .

Самиот професор ги упатува лицата коишто имаат сомнежи дека кемтрејлс постојат, да го погледнат видеото.

Тој вели:

Ако верувате во кемтрејлс, запрашајте се како може да сте толку сигурни дека има навистина некаква голема теорија на заговор. Имајте предвид алтернативни, едноставни објаснувања. Запомнете дека интернетот е исполнет со луѓе кои се апсолутно сигурни за работи кои не се вистина. Запомнете дека владите може да чуваат тајни коишто вклучуваат само неколку луѓе, но многу се невешти кога треба да чуваат голема програмска тајна. Ако мислите дека контрејлс од авионите изгледаат различно или се чудни, имајте предвид дека авионските кондензациски траги некогаш траат подолго време и начинот на кој изгледат може ненадејно да се промени бидејќи авионите летат низ различни температури и влажност. Ова е многу добро разбрано и демонстрирано од опсервации и научни докази спроведени од илјадници луѓе низ многу децении

Професорот додава дека кога би имало програма за пуштање токсини од авиони од големи размери, тогаш, би морало да има и програма којашто е огромна за производство на овие материјали. Ако таква програма постоела, би вклучувала илјадници или десетици илјади луѓе. Би било многу тешко да се држи таква програма во тајност зашто би протекле документи, фотографии или хардвер. Дополнително, вели тој, кога таква програма би била со цел да му се наштети на здравјето на луѓето, како што се тврди честопати од луѓето кои веруваат во оваа теорија на заговор (тоа се тврди и во постот што го рецензираме), тогаш луѓето кои се вработени во програмата, би имале многу силни лични мотивации да ѝ го откријат тоа на јавноста.

Не веруваме дека владите секогаш ќе постапуваат исправно, но веруваме во добрата волја на индивидуалци коишто се укажувачи, кои ги откриваат на јавноста лошите дела на владите,вели професорот.

Нешнал Географик, исто така, пишува дека кемтрејлс не постојат.

Следствено, тие не би можеле да бидат одговорни за болестите кај луѓето.

Што се однесува на тврдењето изнесено во постот дека воздухот во Македонија е лош и загаден, тоа е делумно точно.

На 23 декември годинава Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) објави дека сите мерни станици од Државниот мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух се во функција, но повремено податоците од одредени мерни места не се достапни. Од податоците од мерните станици може да се види дека загадувањето со ПМ 10 честички е над вообичаеното.

Затоа на 24 декември согласно Уредба за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови  на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, во која е дефиниран прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 μg/m3 во текот на два последователни дена) и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, МЖСПП информираше дека истиот е надминат на мерните места во Скопје – Центар и Лисиче, Кичево, Кавадарци и Струмица. 

Од страна на МЖСПП доставена е информација за надминување на прагот на алармирање до Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за животна средина, Управа за животна средина, Сектор за комуникација со јавноста во МЖСПП, Институт за јавно здравје и до сите општини за епизодата на алармантно загадување на воздухот. Исто така, од МЖСПП информираа согласно заклучоците усвоени од Владата уште во ноември 2017 година, за Градот Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица стапуваат на сила препораките и мерките во случај на надминат праг на алармирање, кои да се најдат на следниот линк. 

Поради сите горенаведени факти постот што го рецензираме го оценуваме како делумна невистина. Точно е дека воздухот во земјава е загаден до ниво да се препорачани посебни превентивни мерки за населението да се заштити од штетните последици, меѓутоа не е точно дека тоа е на каков било начин поврзано со контрејлс, трагите што авионите ги оставаат позади себе поради кондензацијата. Дополнително, не е точно дека во земјава народот е болен поради запрашување со авиони. Ваквите дезинформации за тоа дека со хемикалии нè прскаат од небо се повеќепати разоткриени во рецензии на Вистиномер и на странски проверувачи на факти.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција