Возот Прилеп-Битола што министерот Николоски го вети за јуни го нема, новиот рок со неодредено време

Реклама за Патот на свилата во еден од македонските возови набавени од Кина; Фото: Мета.мк

На средбата со стопанствениците од Пелагонискиот регион во април годинава министерот за транспорт и заменик претседател на Владата, Александар Николоски, најави воведување на градски воз меѓу Прилеп и Битола, кој би продолжил до индустриската зона Жабени крај Битола, во близина на границата со Република Грција. Но, рокот на првичното ветување на Николоски за меѓуградски воз Прилеп-Битола (месец јуни) не само што е пробиен и веќе 6 месеци железничката линија ја нема, туку од пред неколку дена имаме ново ветување, со неодреден рок на исполнување.

На средбата со стопанствениците од Пелагонискиот регион во април годинава министерот за транспорт и заменик-претседател на Владата, Александар Николоски, најави воведување на градски воз меѓу Прилеп и Битола, кој би продолжил до индустриската зона Жабени крај Битола, во близина на границата со Република Грција. Но, рокот на првичното ветување на Николоски за меѓуградски воз Прилеп-Битола (месец јуни) не само што е пробиен и веќе 6 месеци железничката линија ја нема, туку од пред неколку дена имаме ново ветување, со неодреден рок на исполнување

 

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на средба со стопанствениците од Пелагонискиот регион пред Регионалните бизнис комори на Битола и Прилеп одржана на 16.04.2026, говорејќи за динамиката на изградбата на автопатот Прилеп-Битола, најави и воведување на градски воз меѓу Прилеп и Битола со цел да се олесни комуникацијата меѓу општините, како резултат на отежнатиот сообраќај на регионалниот пат.

За таа цел работиме заедно со двете железнички претпријатија, Македонски Железници Инфраструктура и Македонски Железници Транспорт. Некаде во месец јуни да пуштиме нов градски воз кој што би оперирал на линија Прилеп-Битола-Жабени и на тој начин да можат оние кои што имаат дневна потреба помеѓу овие два града а и оние кои што работат во индустриската зона Жабени да го користат возот што би значело навреме да се стига, брзо да се стига и да одиме со една промотивна цена, тоа е 150 денари за повратна карта, што е убедливо најевтиното што може да се најде на пазарот, истакна Николоски.

[Извор: Николоски на средба со стопанствениците од Пелагонискиот регион – соопштение на Министерството за транспорт ; Датум: 16.04.2026]

Образложение:

На средбата со стопанствениците од Пелагонискиот регион пред Регионалните бизнис комори на Битола и Прилеп во април годинава министерот за транспорт и заменик-претседател на Владата, Александар Николоски, осврнувајќи се на изградбата на автопатот Прилеп-Битола, како и на „преговорите за нова траса од Фариш до Прилеп како автопатско решение, проектирањето на обиколница Прилеп, на топловодот за Битола, гасификацијата и други инфраструктурни проекти кои ќе дадат силен економски инпут за развој на Пелагонискиот регион“, најави и воведување на градски воз меѓу Прилеп и Битола, кој би продолжил до индустриската зона Жабени крај Битола, во близина на границата со Република Грција.

Но, рокот на првичното ветување на Николоски за меѓуградски воз Прилеп-Битола,  месец јуни – не само што е пробиен и веќе 6 месеци железничката линија ја нема, туку од пред неколку дена имаме ново ветување, со неодреден рок на исполнување.

При посетата на Општина Могила, пак, на 31.05.2026 г, медиумите пренесоа дека Николоски најави дека меѓуградскиот воз Прилеп-Битола ќе почне да сообраќа кон крајот на јуни или почетокот на јули, како дел од мерките за олеснување на сообраќајот додека трае изградбата на автопатот Прилеп–Битола, поради што во моментов се користи стариот патен правец.

Интензивно работиме со двете железнички претпријатија за да се подготви инфраструктурата, особено патните премини, и да се обезбедат возови со соодветна фреквенција, изјави Николоски.

Тој посочи дека меѓуградскиот воз ќе сообраќа во термини кои најмногу ќе им одговараат на граѓаните.

Ќе биде тоа една симболична цена од 150 денари, за да можат што повеќе граѓани да го користат, рече Николоски.

Во таа прилика Николоски најави и скоро започнување на карго железничкиот сообраќај кон Прилеп и Битола, нагласувајќи дека веќе постои сериозен интерес од компании за користење на железничкиот транспорт, бидејќи тоа „ќе помогне да се намали загадувањето, второ да ги заштитиме патиштата и трето да ја заживееме железницата“.

Но, наспроти ваквите уверувања, на празникот 11 Октомври годинава, при посетата на Прилеп, Николоски изрече ново ветување за пуштање во употреба на возот Прилеп-Битола. Овојпат Николоски не посочи конкретен рок, туку стартот на возот Прилеп-Битола го најави за „следниот период“, бидејќи сега требало да се завршат целокупните активности околу премостувањето на железничката пруга на неколку места за да имало непречен сообраќај.

Во однос на поврзувањето на Битола со Прилеп со воз, а тоа е нешто што јас го ветив, таму паралелно се гради автопатот Прилеп-Битола и со изведувачот, конзорциумот ‘Бехтел и Енка’, имавме заедничка одлука да завршат целокупните активности што се однесуваат на премостување на железничката пруга на неколку места, за кога ќе почне железничкиот сообраќај, тој да не запира. И очекувам во следниот период да почнеме и со меѓуградски воз меѓу Прилеп и Битола, изјави Николоски.

Локалните медиуми посебно ги потенцираат потребите на луѓето што секојдневно патуваат од Прилеп до Битола и обратно, бидејќи железничкиот превоз за нив не е само ветување на кое се добиваат – или губат – политички поени, туку можност за побезбедно, поевтино и попредвидливо патување до работа, училиште, факултет или лекар. Затоа тие бараат јасен одговор за ветениот воз: дали проблемот е во инфраструктурата, патните премини, исправноста и достапноста на возовите или во организацијата на железничките претпријатија.

Од друга страна, пак, освен локалната железничка линија Прилеп-Битола која и покрај неколкуте ветувања сè уште не може да профункционира, се разгледува и долгорочната визија за железничко поврзување на Битола со аеродромите во Скопје и Охрид.

На 6 октомври 2026 година во Битола беше одржана јавна расправа за Нацрт-просторниот план на Република Северна Македонија до 2040 година. Според Агенцијата за планирање на просторот, тоа е  нацрт-документ во постапка на разгледување, а не за конечен, усвоен план.

Во Нацрт-просторниот план е предвидено посоченото поврзување на Битола со железничка линија со двата аеродрома во државата, во Скопје и во Охрид, како реконструкција на пругата Прилеп-Битола, со електрификација и брзина која би достигнувала 150 километри на час.

Целта е трите поголеми градови најоддалечени од Скопје – Битола, Струмица и Охрид – со железница да се поврзат со главниот град за 90 минути. За тоа треба да се изгради брза пруга Скопје – Битола, која ќе минува преку железничка станица во Градско, а потоа ќе има девијација кон Росоман и Раец, со тунел под Плетвар за да може за еден час да се стигне до Прилеп. Од Прилеп до Битола е предвидена реконструкција на пругата, со електрификација и брзина од 120 до 149 километри на час. Така, Битола би била оддалечена 80 минути од скопскиот аеродром, рече професорот Зоран Каракутовски од Градежниот факултет во Скопје.

Далеку е 2040 година. А како што стојат работите со ова ветување на министерот Николоски, не знаеме дали и воведувањето редовен железнички сообраќај на линијата Прилеп-Битола е близу. Роковите постојано се пролонгираат, па оценката за ветувањето за меѓуградски воз од Прилеп до Битола и обратно е неисполнето.

 

Извори:

 

Оценил: Стојан Синадинов

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција