Возот за Бугарија „застана“ кај Бељаковце

Фото: meta.mk

За предвремените парламентарни избори во 2016 година СДСМ вети дека во првите две години од мандатот ќе ја доврши реконструкцијата на пругата од Куманово до Бељаковце, што започна во времето на претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ.  Но, наспроти прогнозите изградбата на оваа  прва делница од пругата кон Бугарија се пролонгира и во 2020 година, а на почетокот на јуни целосно запре, откако германскиот изведувач, компанијата „Вибе“ го раскина договорот со инвеститорот Јавното претпријатие Железници на РСМ – Инфраструктура. Втората и третата фаза од пругата кон Бугарија не се ни започнати, па, овој проект се најде и во новата изборна програма на социјалдемократите „Можеме“

За предвремените парламентарни избори во 2016 година СДСМ вети дека во првите две години од мандатот ќе ја доврши реконструкцијата на пругата од Куманово до Бељаковце, што започна во времето на претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ.  Но, наспроти прогнозите изградбата на оваа  прва делница од пругата кон Бугарија се пролонгира и во 2020 година, а на почетокот на јуни целосно запре, откако германскиот изведувач, компанијата „Вибе“ го раскина договорот со инвеститорот Јавното претпријатие Железници на РСМ – Инфраструктура. Втората и третата фаза од пругата кон Бугарија не се ни започнати, па, овој проект се најде и во новата изборна програма на социјалдемократите „Можеме“

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Ветување: Изградба на пруга кон Бугарија

Довршување на реконструкција на пругата од Куманово до Бељаковце (Коридор 8); –  рок: 24 месеци

Изградба на нова пруга од Бељаковце до Крива Паланка (Коридор 8); – нема рок 

Изградба на нова пруга од К. Паланка до Деве Баир (Коридор 8);– нема рок

[Извор: Изборна програма на СДСМ (2016) „План за живот во Македонија“, (стр. 76, 191, 193,246) –датум: декември 2016; Изборна програма на СДСМ (2020) „Можеме“ (стр.57 и 58)]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изградбата на пругата кон Бугарија го дочека и мандатот на новата Влада предводена од СДСМ. На 3 март 2014 година, пред распишувањето (6 март) на вонредните парламентарни избори во 2014 г. (28 април), свечено беше означен стартот на  реконструкцијата на делница Куманово-Бељаковце“ од Коридорот 8. Тоа е фактички првата фаза од проектот за изградба на пругата кон Бугарија, којшто го започна претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот премиер Никола Груевски.

За предвремените парламентарни избори во 2016 година СДСМ вети дека во првите две годнини од мандатот ( „План за живот во Македонија“ , стр. 246) ќе ја доврши реконструкцијата на оваа делница, а до крајот на мандатот (со оглед на тоа што во програмата не е наведен прецизен рок, се зема завршувањето на мандатот) ќе ги изгради двете делници Бељаковце до Крива Паланка и од „Крива Паланка до Деве Баир (стр.76,191,193). Сепак, тоа не се случи. Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев, која беше избрана на 31 мај 2017 година, не успеа да  ги реализира ветените проекции до 15 јули 2020 година – кога се одржаа последните парламентарни избори.

Градежните активности на првата делница запреа пред повеќе од шест месеци, (29 мај 2020), кога германската компанија „Вибе“, како изведувач на делницата Куманово-Бељаковце, долга 30,8 километри, го раскина договорот со инвеститорот Јавното претпријатие Железници на РСМ – Инфраструктура. Втората и третата фаза од пругата кон Бугарија не се ни започнати, па овој проект се најде и во новата изборна програма на социјалдемократите „Можеме“ (стр. 57 и 58), каде, меѓу целите и приоритетите за подобрување на квалитетот на железничката инфраструктура, се споменуваат  понатамошни инвестиции во изградбата на пругата Куманово – Бељаковце – Крива Паланка – Деве Баир – Р. Бугарија“.

 

ШТО СЕ СЛУЧУВА СО ОВОЈ АМБИЦИОЗЕН ИНФРАСТРУКТУРЕН ПРОЕКТ?

Според поранешниот вицепремиер задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, во моментот кога Владата предводена од СДСМ го наследила проектот, биле изградени само 23 проценти од трасата.

Сега веќе за овие година и половина, напредокот е до 42 проценти или некаде околу 70 проценти од градежните активности. Оптимисти сме, мислам дека сериозно ги задвиживме напред работите во градењето на оваа траса, тоа може да се види”, изјави Анѓушев во март минатата година (2019) кога заедно со тогашниот министер за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на МЖ „Инфраструктура“, Ирфан Асани,  извршија увид на градежни активности од првата фаза на железничката пруга од Македонија кон Бугарија ( делницата Куманово – Бељаковце).

Во оваа пригода, Сугарески изрази надеж дека градежните работи на овој дел ќе финишираат до крајот на годината (2019).

Нашите очекувања се дека до наредната година оваа пруга ќе биде комплетно завршена, а истовремено ќе биде започната и втората делница на пругата Бељаковце – Крива Паланка…“, изјави Сугарески.

И, како што беше тогаш соопштено (Анѓушев), првата делница Куманово-Бељаковце чини околу 40 милиони евра, втората траса Бељаковце-Крива Паланка – 140 милиони евра, од кои 68 милиони евра се грант, а третата делница Крива Паланка–граничен премин Бугарија е најскапа, бидејќи поминува низ планини и изнесува 405 милиони евра, од кои 60,8 милиони евра се грант од ИПА. Целата делница од Куманово до Бугарија ќе чини над 580 милиони евра.

Наспроти прогнозите на Сугарески за зваршување на првата делница до крајот на 2019 г., изградбата на трасата Куманово-Бељаковце се пролонгира и во 2020 година, а на почетокот на јуни целосно запре, откако германскиот изведувач, компанијата „Вибе“, достави известување до инвеститорот за раскинување на договорот. Набрзо потоа фирмите кои работеа на пругата ја повлекоа механизацијата и си заминаа од градилиштата во близина на Куманово и Шупли Камен.

Во септември оваа година, од Јавното претпријатие Железници на РСМ – Инфраструктура (како инвеститор на проектот) за „Мета.мк“ изјавија (03.09.2020) дека се започнати сите градежни работи предвидени со проектот, меѓутоа тие не се целосно комплетирани, односно  реализирани се 55 отсто од физичките работи на терен.

Објектите од долниот строј (темели и столбови) се изведени на поголемиот дел од надвозниците, подвозниците и мостовите. Изработени се, но не се монтирани носачите за сите надвозници, а останува да се изведат носачите за подвозниците и за мостот на реката Пчиња, како и комплетно да се заврши горниот строј на поголем дел од објектите. Единствениот тунел кој беше дел од овој проект е завршен. Објектите од високоградба, станични згради, магацин, простории за сигнализација и телекомуникација се завршени до фаза на затворена карабина, пишува во анализата на „Мета.мк“

Министерот Благој Бочварски, пак,  неодамна, претставувајќи го буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2021 година, соопшти дека наредната година (2021), со распишување на еден тендер, ќе се бара изведувач и за делницата од Куманово до Бељаковце и за делницата од Бељаковце до Крива Паланка.

Секако ќе бидам задоволен доколку во првиот квартал успееме да избереме изведувач на пругата кон Бугарија. Се работи за првите две фази, коишто сакаме како еден единствен тендер да ги распишеме и притоа да избереме изведувач. Посакуваме тоа да биде силен изведувач, изјави министерот Бочварски.

Во врска со изградбата на пругата Куманово–Бељаковце–Крива Паланка–Деве Баир–Р. Бугарија, во новата програма на СДСМ „Можеме“ е наведено:

Прва делница : Реконструкција на пругата од Куманово до Бељаковце (должина од 30,8 км).

На оваа пруга се градат три нови железнички станици и шест стојалишта, со што ќе се зголеми и значајно подобри железничкиот товарен сообраќај и ќе се овозможи развој на патничкиот сообраќај на градот Куманово и поголемите места Шупљи Камен, Бељаковце, Лопате, Перо Чичо, Проевце, Доброшане, Клечовце и Довезанце. Од еколошки аспект, пругата е обезбедена со безбедносни бариери и заштитници од бучава и вибрации

Втора делница: Изградба на нова пруга од Бељаковце до Крива Паланка (34 км главен колосек и на 7,5 км станични колосеци).

Јавната набавка за изградбата е веќе во тек и проектот е во фаза на избор на изведувач. Со изградбата на втората и третата делница ќе се овозможи железничко поврзување на Република Северна Македонија со Република Бугарија и Црно Море. На пругата се градат две нови железнички станици и три стојалишта, со што ќе се зголеми и значајно ќе се подобри железничкиот товарен сообраќај и ќе се овозможи достапност за развој на патничкиот сообраќај на градот Кратово и поголемите места Гиновце, Шопско Рударе, Крилатице и Псача. Од еколошки аспект пругата е обезбедена со безбедносни бариери и заштитници од бучава и вибрации.

 Започнуваме со изградба на најдолгата и најтешката делница!

 Изградба на нова пруга од Крива Паланка до Деве Баир, граница со Република Бугарија (23,5 км главен колосек и на 4,3 км станични колосеци). Со веќе готов проект и со изградбата на втората и третата делница ќе се овозможи железничко поврзување на Република Северна Македонија со Република Бугарија и Црно Море. На оваа пруга се градат две нови железнички станици во Крива Паланка и Жидилово, со што ќе се зголеми и значајно ќе се подобри железничкиот товарен сообраќај и ќе се овозможи достапност на овој крај за развој на патничкиот сообраќај.

Според сето ова, јасно се гледа дека досега не е реализиран ветениот проект за изградба на пруга кон Бугарија.

Да потсетиме дека изградбата на оваа пруга почна во март 2014 година, кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ. Реконструкција и изградба на пругата од Куманово до Бељаковце, ВМРО-ДПМНЕ ветуваше најнапред во изборната програма „Манифест за реформи и развој“ (стр.79)со која  излезе на парламентарните избори во 2011 година, а потоа и за предвремените избори во 2014 година во програмата „Проверено“ (стр.67).

Во изминативе години „Вистиномер“ во два наврата правеше оценка на ветувањето за изградба на пругата кон Бугарија – првиот пат пред парламентарните избори во 2016 година и вториот пат пролетта 2019 година, кога објектот беше во фаза на реализација.

 

ИЗВОРИ:

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција