Вработени преку лотарија во „Македонски шуми“ се уште „дремат“ дома

Вработувања -лесни на збор, тешки на реализација. Фото: принтскрин

 

На 22 мај 2013 година, Владата објави оглас за вработување на 1.600 граѓани во јавното претпријатие „Македонски шуми“, со цел да им помогне на социјално загрозените и еднородителските семејства кои бараат работа подолго од 10 години. Дел од „примените“ и по три години не се вработени

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Пред три години, владата на социјално загрозените граѓани им вети вработување во јавното претпријатие „Македонски шуми“, а ова ветување е само делумно исполнето. Според неофицијални извори голем дел од овие вработувања до денес се неостварени, а јавното претпријатие распишува нови огласи за вработување. Официјалната бројка не можевме да ја дознаеме и покрај нашето барање до институциите.

Според огласот од пред три години, дел од лицата што ќе добијат највисоки бодови на конкурсот требаше да бидат вработени во јавното претпријатие, а останатите требаше да бидат распоредени на работни места во други институции.

Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, на 22 мај 2013 година изјави:

Денеска е објавен оглас за 1600 вработувања во ЈП „Македонски шуми“, кој во определен обем претставува иницијален чекор во постапката за реализација на вработувањата и тоа за лицата кои понатаму би требало да бидат распоредени на работни места во други институции, а во останатиот дел претставува и финален чекор за реализација на вработувањата за лицата кои ќе останат своите работни задачи да ги извршуваат во „Македонски шуми“. Претпријатието има донесено програма, систематизација, која го предвидува бројот на работни места со вклучени 1600 вработувања кои се предмет на овој оглас, и има обезбедено финансиски средства за реализација на вработувањата, со што се исполнети сите законски услови за реализација на вработувањата.

Директорот на претпријатието, Жарко Караџоски неодамна изјави дека грижата за нераспределените работници е целосно премината во рацете на Министерството за информатичко општество и администрација.

„Вистиномер“ се обиде да добие одговор од ова министерство, но од таму не ни одговорија на прашањето колку вкупно граѓани од „лотариското извлекување“ се навистина вработени, а колку се уште чекаат некакво решение.

Признание дека голем дел од овие граѓани се останати без никакви приходи има и од институцијата Народен правобранител на РМ и тоа е потенцирано и во годишниот извештај за 2015 година.

Во извештајот се вели:

Граѓаните продолжија да поднесуваат претставки поради се уште неоствареното право на вработување по потпишувањето на договорите за вработување со ЈП „Македонски шуми“- Скопје. Од поединечното постапување по претставките, произлегува дека на овие лица грубо им се прекршуваат правата, бидејќи и по изминати две години од денот на потпишувањето на договорите за вработување, се уште го немаат остварено правото на вработување, не остваруваат плата и придонеси од плата, не се социјално осигурани, а не користат ниту права по основ на невработеност, од причина што поголем број од нив се избришани од евиденцијата на невработени, пишува во извештајот.

Според извештајот, оваа состојба е настаната заради тоа што проектот на Владата на Република Македонија да вработи 1600 извршители од долгорочно невработени лица – над 10 години, има бројни слабости и истиот не е добро осмислен и конципиран.

Владата пред да го спроведе овој проект воопшто не ја утврдила реалната потреба на органите на државно и локално ниво за вработување на извршители, не земала предвид кои работни места се потребни за да се објави огласот, туку само е објавена бројка од 1600 извршители. Потоа, огласот го објави „Македонски шуми“, и со избраните кандидати потпиша договори за вработување, без да ја спроведе постапката до крај, односно избраните кандидати не ги пријави во социјалното осигурување, од кое дејствие започнуваат правата, обврските и одговорностите врз основа на вршењето на работата, а откако се потпишаа договорите преземањето на избраните кандидати премина во надлежност на Министерството за информатичко општество и администрација, кое се соочи и се уште се соочува со бројни проблеми за да го спроведе преземањето и за да може да се реализира проектот до крај, се вели во извештајот на Народниот правобранител.

Според оваа институција, со ваквите проекти граѓаните само се доведуваат во заблуда дека некогаш ќе го остварат правото на вработувања, а се само жртви на манипулација, чекајќи да го остварат правото на плата.

Особено загрижува состојбата што и во текот на 2015 година овој проблем не се разреши, бидејќи Министерството за информатичко општество освен формалните ветувања дека постапката е во тек, ништо суштински не презема“, пишува во извештајот.

Поради погоре наведените аргументи ова ветување на Владата на РМ можеме да го оцениме единствено како делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Александра Денковска

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција