Вториот круг ја запечати победата на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ ги загуби и бастионите

СДСМ за пртвпат на овие избори победи и во традиционалните упоришта на ВМРО-ДПМНЕ Фото: Принтскрин колаж

 

По првиот изборен круг стана јасно дека на локалните избори ќе победи СДСМ, односно ќе загуби ВМРО-ДПМНЕ. Но, вториот изборен круг ја направи оваа победа на социјалдемократите безмалку апсолутна, ако се знае дека ги освоија скоро сите општини со доминантно македонско население. Од друга страна, пак, вмровците доживеаа катастрофален пораз, губејќи за првпат во општини каде досегаш ниту еднаш не загубиле.

 

Пишува: Влатко Стојановски

 

Уште по првиот изборен круг  стана очигледно дека СДСМ ќе победи на локалните избори според број на советнички мандати, градоначалнички места, големи општини. Но, она што ѝ дава специфична тежина на оваа победа на социјалдемократите е факот што за првпат во македонската плурална историја еден социјалдемократ стана градоначалник на Скопје (во 2000 година,  тогашниот лидер на ЛДП Ристо Пенов,  вториот градоначалнички мандат во Скопје го доби како претставник на коалицијата За Македонија заедно, предводена од СДСМ) . За одбележување е и тоа што, владејачката партија за првпат во својата историја успеа да освои неколку долгогодишни упоришта на ВМРО-ДПМНЕ.

Иако ВМРО-ДПМНЕ беше свесна за незавидната позиција по ногдаунот во првиот изборен круг, сепак, партијата се надеваше дека во вториот круг ќе се избори барем за достоинствен пораз и дека ќе задржи некои од бастионите. Меѓутоа, тоа не се случи. Напротив, наместо напредок, партиските кандидатити за градоначалници на ВМРО- ДПМНЕ во општините каде останаа во игра во вториот круг загубија уште подраматично отколку во првиот круг.

lOK-IZB

Генерално земено, излезноста во вториот во споредба со првиот изборен круг беше намалена. Арно ама,  додека кандидатите за градоначалници на СДСМ главно ги зачуваа гласовите од првиот изборен круг, со минимални загуби,  кај кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ има драстични загуби од стотици, па и неколку илјади гласови во вториот круг, што ги потврди резултатите од првиот изборен круг со уште поизразена разлика.

Тоа најдобро се отсликува кај скопските општини Гази Баба, Бутел и Кисела Вода, каде на сите избори победувал ВМРО-ДПМНЕ сè до овие локални избори, кога за првпат победи СДСМ во градоначалничката битка. Единствен исклучок од ова правило беше Кавадарци, каде се случи обратното – кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ освои повеќе гласови во вториот отколку во првиот изборен круг, носејќи му ја најважната градоначалничка позиција на ВМРО – ДПМНЕ на овие локални избори.

 

 

НЕУСПЕШЕН ОБИД ЗА МОБИЛИЗАЦИЈА НА ГЛАСАЧИ

Резултатите од првиот изборен круг во Општина Гази Баба, на пример,  покажуваат дека  Борис Георгиевски од СДСМ освоил 17.591 гласови, додека Тони Трајковски од ВМРО-ДПМНЕ – 16.522 гласа. Во вториот круг Георгиевски речиси ги заддржа истите гласови, освојувајќи 418 гласа помалку, додека значителен пад се забележува кај Трајковски, кој освои дури 2.723 гласа помалку во споредба со првиот круг. На тој начин се зголеми разликата меѓу двајцата кандидатите, така што ако Георгиевски освои 1.069 гласа повеќе од Трајковски во првиот изборен круг, во вториот круг веќе постигна убедлива победа со 3.374 гласа.

Слична е ситуацијата и во Кисела Вода, каде Филип Темелковски од СДСМ во првиот круг освои 17.154 гласови, додека во вториот круг освои 947 гласови помалку. Уште поголем пад има кај неговиот опонент од ДПМНЕ – Јохан Тарчуловски, кој во првиот круг освои 15.479, а во вториот круг освои 3.202 гласа помалку. Сè на сè, Темелковски во првиот круг освои 1.675 гласови повеќе од Тарчучовски, за во вториот круг да победи со 3.930 гласа разлика.

Врз основа на овие и на многу други примери може да се заклучи дека не успеа обидот на ВМРО-ДПМНЕ да ги мобилизира гласачите во вториот круг со барање на амнестија за оние што упаднаа на 27 април во парламентот, за оддржување на референдум за договорот со Бугарија и други потези, кои одеа на линија на признанието на партискиот лидер Никола Груевски дека партијата згрешила што се обидела да им се додвори на „други“ (во превод на Албанците), бидејќи така загубила традиционални поддржувачи.

Воедно, овие бројки покажуваат дека не само што беа неуспешни, туку се покажаа и како контрапрудктивни апелите на Груевски и други претставници на ВМРО-ДПМНЕ, кои побараа од граѓаните да не дозволат партијата да ги загуби бастионите и така да се оневозможи апсолутна власт на СДСМ. Исто така, граѓаните, пред сè оние што порано го поддржувале ВМРО-ДПМНЕ, не ги мотивираа ниту обвинувањата за наводни изборни нерегуларности.

 

 

КОНТРАПРОДУКТИВНА ОФАНЗИВА НА КАНДИДАТИТЕ

Откако, во првиот изборен круг претежно ги игнорираа политичките противници, кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ соочени со празителните резултати, во пресрет на вториот изборен круг започнаа да излегуваат на телевизиски дуели  со противкандидатите. И притоа,  тие го заменија игнорантскиот однос со офанзива и радикализација, а крајна цел беше да се дискредитира противникот, меѓутоа и оваа промена на тактиката не предизвика пресврт.

Така, Трајковски го обвини Георгиевски дека „бил вклучен во криминал со факсификувани пасоши“. Костовски  излезе со обвинувања  дека „Смилевски  лаже оти живее во Бутел, дека испазарил поддршка од Албанците со ветување дека им додели градежни парцели на територија на општината, па дури дека негови приврзаници со автоматско оружје ја славеле победата“. Тарчуловски, пак,  се обиде да го дискредиира Темелковски со обвинување дека неговиот татко, бизнисменот Зоре Темелковски (пратеник од СДСМ во вториот собраниски состав), наводно,  се зачленил и во ВМРО-ДПМНЕ.

Всушност, единствениот успех на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори му го обезбеди Митко Јанчев, кој, спротивно на неговите сопартијци, убедливо победи во Кавадарци водејќи смирена и сталожена кампања, фокусирана на неговите проекти и визија за Општината, без да го напаѓа противникот Бетиан Китев од СДСМ. Китев, пак, често настојуваше да го доведе Јанчев во корелација со ВМРО-ДПМНЕ и Груевски, кој беше проектиран како товар за оние кандидати за градоначалници на оваа партија со поголем авторитет и квалитети.

На крајот, Јанчев освои 13.180 во вториот круг, додека Китев освои 11.538, што прави разлика од 1.642 гласа. За разлика од неговите колеги од ВМРО-ДПМНЕ, кои во вториот круг освоија многу помалку гласови во споредба со првиот круг, кај Јанчев има скок од 1.103 гласа. Китев, пак, во вториот круг освои само 56 гласа повеќе во споредба со првиот круг, што ја потврдува констатацијата дека кандидатите на СДСМ горе-доку освоија ист број на гласови во двата круга, без големи осцилации.

 

 

ПОВЕЌЕ ПОРАЗ ОТКОЛКУ ПОБЕДА

Ако Јанчев успеа да ја заддржи, па дури и да ја зголеми предноста пред Китев, неговиот сопартиец во Штип, Илчо Захариев, загуби од потпретседателот на СДСМ Благој Бочварски , и покрај тоа што во првиот круг минимално победи. Поточно, Захариев во првиот круг освои 13.966, а Бочварски освои 13.930, додека во вториот круг Захариев освои 13.363, а Бочварски освои 15.078, што укажува дека Захариев паднал за 603 гласа, додека Бочварски порасна за 1.148 гласа.

Инаку, Бочварски изјави дека победата е резултат на тоа што по првиот изборен круг народот се ослободил да гласа, бидејќи, според него, дотогаш бил под жесток притисок на локалната власт на Захариев. Веќе поранешниот градоначалник на Штип Захариев, пак, истакна дека во Штип не победи Бочварски, туку победиле Заев и Министерството за внатрешни работи, кои, според него, одработиле за кандидатот на СДСМ, злоупотребувајќи ја полицијата.

Како и да е, кога овие избори ќе се споредат со претходните локални избори во 2013 година, може да се констатира дека двете најголеми политички партии си ги заменија улогите. Ако пред четири години ВМРО-ДПМНЕ освои педесетина „македонски“ општини, на овие СДСМ ги освои сите „македонски“ општини со исклучок на Сопиште, Петровец, Илинден, Зрновци и Кавадарци. Освен промената во градоначалничките мандати, тоа се рефлектираше и на резултатите на советничките листи, на кои СДСМ забележа пораст од скоро 130.000 гласови, додека ВМРО-ДПМНЕ пад од над 70.000 гласови.

Во споредба, пак, со последните парламентарни избори на крајот на минатата година (2016), СДСМ на советничките листи, на кои се гласа за партија, отприлика ги задржа истите гласови, со благ пад од петнаесетина илјади гласови, додека ВМРО-ДПМНЕ има пад од над 100.000 гласови. Оттука и коментарите кои може да се слушнат во јавноста, дека на овие локални избори повеќе загуби ВМРО-ДПМНЕ, отколку што СДСМ победи, со оглед дека разликата меѓе двете страни не е производ на растот на СДСМ, туку на падот на ВМРО – ДПМНЕ.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција