За 148 години би се вградил авто-плин во сите патнички возила во земјата?!

Крешник Бектеши Фото:Влада на СРМ/вебсајт

 

Мерката за субвенции за вградување уреди за гас на патничките возила во земјата е мерка за почит, освен ако не се има предвид дека со динамиката од 244 илјади евра за субвенции на годишно ниво, ќе бидат потребни околу 148 години за да можат сите сопственици на патнички моторни возила да си вградат уред за чисто погонско гориво. Државата и локалните власти еднаш мора да разберат дека чистата животна средина заслужува и да се задолжиме за да ја имаме

 

Пишува:Теофил Блажевски

 

Владата и министерот за економија Крешник Бетеши, промовирајќи мерка за борба против аерозагадувањето изразија задоволство, кое ако се погледне подлабоко, е непотребно затоа што мерката, де факто помага минимално, и таквиот пристап го оценуваме како извртување на вистината, т.е. спин

Спин: Задоволство ми е да објавам дека вчера го објавивме огласот за субвенционирање на дел од трошоците за вградување на плински уреди во возилата. Според огласот сите граѓани коишто од денеска ќе вградат ваков вид на уреди во своите возила ќе можат да остварат право на поврат од 50 проценти од средствата, но не повеќе од 18.000 денари односно 300 евра

[Извор: Бектеши-Веб сајт на Влада на СРМ, датум 02.10.2019 г.]

 

 

Контраспин:

На министерот за економија Крешник Бектеши, а и на Владата, веруваме навистина им е задоволство што за три-четири месеци го изготвиле целиот план и правилници, за да може да се примени државната мерка – субвенционирање на имателите на патнички моторни возила да вградат уред со кој нивното возило наместо бензин или дизел гориво, би користело гас. Сепак, таквиот пристап на државата е извртување на вистината дека таа суштински се бори за да го намали загадувањето од страна на возилата.

Спинот се состои во тоа што парите што се издвоени, се, де факто, капка во морето, ако се спореди бројот на регистрирани моторни возила со година на производство од 2005 до денес, чии сопственици преку мерката евентуално би биле мотивирани да вградат такви уреди.

Имено, државата одвоила 15 милиони денари или околу 244 илјади евра, а парите се доволни само за околу 900 возила од 145 илјади патнички моторни возила што се регистрирани со година на производство од 2005 – 2018 година (за 2019 сè уште нема податоци).

Податоците се извлечени од МакСтат базата на податоци на Државниот завод за статистика во делот Транспорт/Регистрирани возила и тие се следните:

Вкупнo регистрирани патнички возила заклучно со 2018 г.: 415.062

Просечна старост повеќе од 10 години, заклучно со 2018 г, а почнувајќи од 2005: 360.000 или 86,7% од сите регистрирани возила

Регистрирани патнички возила според год.на производство од 2005-2018: 144.987

Регистрирани како возила на бензин – гас до 2018 г.:11.706 и само 44 како електрични

Ако од бројката од околу 145 илјади се одземат овие околу 11.700 – што се веќе со вграден уред, се доаѓа до околу 133 илјади возила што ги исполнуваат условите за субвенции за промена на погонскиот уред. Со динамика од околу 244 илјади евра колку што одвоила Владата за до крајот на годинава, за да го сменат погонското гориво сите возила (133 илјади), ќе бидат потребни над 148 години.

Овие пресметки со бројки прилично јасно отсликуваат дека властите во Македонија не се подготвени да издвојат поголеми парични средства за борба против аерозагадувањето, иако возилата се еден сегмент од причинителите. Велиме властите, затоа што примерите се бројни и со сегашните и со поранешните.

„Вистиномер“ пишувал за една таква, божем борба, против аерозагадувањето со мерката на претходните власти на ВМРО-ДПМНЕ и на ниво на држава и на ниво на Град Скопје, за замена на печките за греење на дрва, со печки за греење со пелети, но и со други мерки каква што е на пример онаа за менување на прозорци, а недостасуваа субвенции за енергетски ефикасни фасади.

Немањето доволно средства, не ги оправдува минимално издвоените пари од буџетите на државата или на локалната самоуправа, зашто во крајна линија, вложувањето во чиста животна средина заслужува и поголеми задолжувања на домашниот или меѓународниот пазар на пари. Замислете само, Владата да одвоеше 100 пати поголема сума за оваа мерка, па макар и преку задолжувања. Со тие пари ќе беа опфатени 90.000 наместо 900 возила.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција