За Амди Бајрам сега Заев е најдобриот премиер!

Морковот и кафезот за Заев, биле шега! Амди Бајрам на вчерашната седница во Собранието Фото: Принтскрин

Воодушевен од одговорот на Заев, Бајрам рече дека „ниеден премиер досега не му одговорил така убаво“ и оти „се гледа дека се залага за народот и дека ќе биде добар за секого“. Овој негов исказ го сметаме за недоследен, имајќи предвид какви пораки тој јавно му испраќаше на Заев во изминативе години додека беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, особено во предизборието за вонредните парламентарни избори

 

Пратеникот и лидер на Сојузот на Ромите, Амди Бајрам, на денешната (22.02.2018) седница за пратенички прашања, изразувајќи задоволство од одговорот што го доби од премиерот Зоран  Заев, ја даде следнава изјава, која ја сметаме за недоследна:

За првпат еден премиер ми одговорил како што треба на пратеничките прашања, се гледа вие се залагате за народот и како идете ќе бидете добар за секого, рече пратеникот Амди Бајрам, од собраниската говорница.

[Извор: Слободен печат, Датум: 22.02.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Пратеникот Амди Бајрам, довчерашниот коалициски партнер на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ,  на собраниската седница посветена на пратенички прашања побара од Владата мерки за надминување на сиромаштијата, на што премиерот Зоран Заев му одговори дека се залагаат за Закон за бесплатно болничко лекување.

Се залагаме да се донесе закон за бесплатно болничко лекување. Тоа не го бараат богатите, бидејќи тие може да го плаќаат надоместокот, туку тоа го бараат сиромашните граѓани.

Воодушевен од одговорот на Заев, Бајрам рече дека „ниеден премиер досега не му одговорил така убаво“ и  оти „се гледа дека се залага за народот и дека ќе биде добар за секого. Овој негов исказ го сметаме за недоследен, имајќи предвид какви пораки тој јавно му испраќаше на Заев во изминативе години додека беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, особено во предизборието за вонредните парламентарни избори.

Во кампањата за вториот круг од претседателските избори во 2014 година, на митингот во Куманово  ( 24.04. 2014) Бајрам носеше „морков за Заев, во тоа време лидер на опозицијата, па на присутните им покажа  „како ќе го улови Зајко кукурајко?

На 22 ноември 2016 година, на митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, Бајрам рече дека спрема кафез за  Заев:

Специјален кафез спремам со еден зајак од три метри висок, ќе го донесам на бина на најголемиот митинг и ќе му покажам кај се наоѓа тој зајко, каде му е место. Таму му е местото, а не да биде премиер на Македонија. Каков премиер, какви бакрачи!

На 16 декември 2016 година, на протестот пред Државната изборна комисија (ДИК), Бајрам му порача на Заев дека наскоро ќе му биде погребот!

На Заев многу близу ќе му биде погребот. Многу бргу ќе му дојде погребот. Ќе биде во кардиологија, ќе го удри инфаркт за неколку дена. Таму ќе му одиме на посета. Ќе му палиме свеќа и на гробишта .

Деновиве (20.02.2018) во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, Амди Бајрам на прашањето на новинарката за неговите закани за кафезот за премиерот Заев, како и за морковот што го нудеше во кампањата во 2014 година, тој кратко одговори:

Тоа беше шега и тоа е.

Амди Бајрам е пратеник во Собранието на Македонија во повеќе мандати, почнувајќи од 1994 година. Изминатите дваесетина години тој секогаш беше во коалиција со владејачката гарнитура, за што самиот со гордост кажува:

Точно е дека јас сум секогаш на власт. Секогаш сум кажувал дека кој е на власт, јас сум со вас. Нормално е да бидеш во власта, бидејќи јас сум единствен Ром во Собранието и сам ништо не можам да направам. Груевски доста направи за нас Ромите и јас тоа го ценам. Задоволни сме од таа коалиција, но со заминувањето на Груевски и јас ја напуштив таа коалиција.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција