За Делчев треба да зборуваат тој и историјата, а не Ангел Џамбаски

преземено од: Мета.мк

Спорот за тоа што бил Гоце Делчев по национално убедување што произлезе од работата на заедничката македонско-бугарска комисија за историските прашања и за учебниците, во изминатиов месец ја возбуди речиси целата јавност и во Бугарија и во Македонија. Притоа се слушнаа најразлични изјави, па и закани од врвот на бугарската државна власт.

Работите дополнително ги подгреа Ангел Џамбаски, потпретседател на националистичката бугарска партија ВМРО-БНД, чиј претседател е бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов. Џамбаски беше европратеник во претходниот мандат а освои пратеничко место и во новиот состав на Европскиот Парламент.

Тој првин во утринска емисија на националниот дифузер БНТ, а потоа и преку својот Фејсбук-профил на 24 јуни годинава се зафати одново со жешката тема. Реплицирајќи му на македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој рече дека Гоце Делчев е Бугарин по самосвест, но се борел за независна Македонија, Џамбаски во текстот објавен на Фејсбук вели дека тоа е лага.

Во долгото писание, националистичкиот политичар вели: „Пендаровски си дозволи да тврди, дека е неоспорно оти Гоце Делчев се борел „100% за македонска држава“. Тоа тврдење е лага. Категорична лага“.

Дека е така, тврди Џамбаски, може да се провериво дипломатските архиви на Обединетото Кралство, Германската и Австроунгарската империја од тоа време, како и од Франција, а и упатува на архивите на англиските, германските, белгиските, швајцарските и француските весници. Божем тоа би можел да го направи секој… Во најмала рака само еден во 500.000 луѓе тука на Балканот би можеле да го направат тоа.

Политичарот и европратеник притоа заборава на една работа, којашто им е добропозната на речиси сите и во Македонија и во Бугарија и од училиште, но и од многуте книги што се издадени и во Македонија и во Бугарија – дека Гоце Делчев незадржно се борел за автономна Македонија во рамките на Отоманската Империја, затоа што знаел дека Големите сили не би дозволиле повеќе во тоа време. Секако, крајната цел, како што е документирано во историографијата и од неговата кореспонденција со соборци, а и добропознато на јавноста, му била самостојна Македонија на сите народи што живеат на нејзината територија.

Обичниот граѓанин, читател, исто така знае за острите расправии на Гоце Делчев со оние инфилтрирани во ВМРО што ги слушале командите од Бугарија за да се обидат да ја претстават револуционерната борба од која еден од најсветлите пример е Крушевската Република, како борба за припојување кон Бугарија, но и да ја злоупотребуваат за великобугарските аспирации.

На крајот, самиот Гоце Делчев зборува: „Оној што сака да работи на присоединување на Македонија кон Бугарија, Грција или Србија, тој може да се смета за добар Бугарин, Грк или Србин, но не и за добар Македонец“.

Кратка и јасна порака, како и многуте истородни што може да се прочитаат тука!

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција