За македонско – албанските односи: Прашањата за Пустец и Радика (3)

Албанско-македонска граница - граничен премин Свети Наум, 2006. Фото: vesnickamarkoska
Албанско-македонска граница – граничен премин Свети Наум, 2006. Фото: vesnickamarkoska

Извесно е дека бројноста на македонското малцинство во Албанија ни од далеку не соодветствува на бројноста на албанското малцинство во Македонија, но уште поизвесно е дека се помногубројни од, на пример, Самите, или малцинство во Норвешка. Значи, меѓународната зааедница се договорила за принципи, а не за бројки. Токму заради тоа што политичкото влијание, а со тоа и можноста за мешање во внатрешните работи на друга, посебно соседна држава расте, право пропорционално со бројноста на тоа малцинство.

 

Пишува: Сашко Тодоровскидипломат од кариера и ополномоштен министер

 

Во првиот дел ги погледавме Македонско – албанските односи од аспект на примерот со јавувањата на македонските медиуми за проектот за вештачки, хидроенергетски езера на Луково поле каде би се собирале корабските води, а во вториот дел за проблемите со кои се соочува македонското национално малцинство во контекст на промената на територијалната поделба на Албанија. И, целата работа се завршува на „наједноставниот“ начин, барем според Либертас од 16.02. Имено:

„Да не се укинува општината Пустец и другите општини на малцинствата во Албанија, побарал лидерот на Македонска Алијанса за Европска Интеграција и градоначалник на општината Пустец во Албанија, Едмонд Темелко, на средбата со претседателот на Собранието на Албанија Илир Мета. Темелко за медиумите изјави дека добил гаранции од првиот човек на албанското Собрание дека нема да се дозволи новиот закон за територијална поделба на земјата да ги укине општините на малцинствата, како што се македонското и грчкото.(…) Весникот „Тема” наведува дека Македонците биле многу вознемирени од најавите за новата територијална р[а]спределба. Министерот за локална самоуправа на Албанија, Бледи Чучи, по реакциите на македонското и грчкото малцинство во Албанија изјавил дека Владата нема да дозволи да се укинат општините каде живеат малцинства.“

Не забележав дека новинарите се запрашаа: а што ако, сепак, албанските власти се решат да се укинат општините каде живеат малцинства? И, впрочем, дали Темелко бил толку ефикасен што успеал со неколку разговори да ја заврши работата?

 

Меѓународни конвенции го спречуваат расформирањето на Пустец

 

Веројатно, кој и да е поопитен во малцинската проблематика, уште поарно ако и е експерт за таа област, ќе се потпре на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, а каде многу децидно во членот 16, иако со тнр. „мека“ формулација, всушност, се става многу сериозна забрана токму против потези како што била намерата на албанските власти.

Оваа Конвенција, инаку ратификувана и од наша и од албанска страна, значи радикален пресврт во третирањето на малцинската проблематика од меѓународните организации и истата го утврдува (чл. 1 и 2) пристапот на соработка (наместо мешање во внатрешните работи) и добрососедство. Понатаму, истиот тој принцип може да има степен на толеранција/трпење (чл. 17/1 предвидува обврска на резидентната држава да не ги попречува контактите на малцинството со матичната земја) или дури и активна, имплементирана соработка преку склучување било мултилатерален било билатерален договор (чл. 18). Оттука, можеби можат да се извлечат барем два заклучока: дека Албанија најверојатно се соочила со фактот дека би се судрила со меѓународното право доколку ги измени општинските граници на штета на едно малцинство (кое и да е тоа) и дека вистинското добрососедство треба и мора да се базира на пристапот на националните малцинства како мост за соработка, а што би било вградено во соодветен договор, а не да се склучува договор со кој би се негирале малцинствата или најлошо – да се признава (и прифаќа) малцинство на едната држава кај другата, но не и обратно (како што тоа, се чини, го бара Бугарија).

Ако од оваа Рамковна конвенција произлегува многу категоричен заклучок дека Македонија не се вмешала во внатрешните работи на Албанија, посочувајќи во политички дијалог (веќе спомнатиот разговор Вељановски-Рама) на меѓународните обврски што Албанија ги прифатила, дали новинарите констатирале дека тоа истото може да се каже и за обратното во случајот со Луково поле? Во ваквата споредба прво што „боде“ очи е известувањето на Фактор од 27.01.2014 г. дека: „…лично премиерот Еди Рама кај себе ги повика македонските министри за економија и за животна средина…“. Дали тука треба да претпоставиме дека ги „искарал“ затоа што Македонија „прекршува потпишани обврски“? На тоа може да се надоврзе и јавување на Слободен печат според кој, покрај Рама, во истата насока се огласиле и поранешниот премиер Сали Бериша, „…Министерот за екологија на Албанија, Енкелејда Малај, пак, вчера изјави дека официјално Скопје најверојатно не знае какви меѓународни и европски договори има потпишано во изминативе неколку години…“, претходниот министер за животна средина Фатми Медиу и министерот за надворешни работи на Албанија Дитмир Бушати (и тоа пред албанскиот Парламент).

 

Пренесување политички пораки преку невладини организации

 

Силен впечаток остава и пренесувањето политички пораки преку невладини организации. Имено, формулацијата на министерот за екологија Малај е практично пресликана во настапот на наводно невладината организација од Тирана „Асоцијација за заштита на Радика“. И доколку тука завршеше работата, или дури и беа  одржани протести пред македонската Амбасада во Тирана, освен она со „повиканите“ министри, можеби ќе можевме да констатираме дека се работи за различни видувања – ништо повеќе. Меѓутоа, тие политички пораки, во нешто преработена верзија, се видливи во „…протестите на дебарчани и на граѓаните кои се противат на промената на природниот тек на реката Радика за потребите на проектот „Луково Поле“…“.

На тој начин перцепцијата добива сосема други размери, посебно кога ќе се погледне и настапот на „Разбуди се“ (ПлусИнфо) кои, како и Дебарчани, не се албански туку македонски субјекти. Кругот почнува да се затвора  со застанување зад албанските политички пораки на македонски политичар, односно градоначалникот Ружди Љата кој, наводно ќе изјави (Сител): „…Не се кажува кои се евентуалните штети кои од секој аспект би ги претрпела општината. Проектот се подготвувал а ниту ние како локална власт ни граѓаните не се прашани за тоа, туку ни се дава финален проект. Ние треба да знаеме каква корист ќе има нашата општина од овој проект…“. Наводното незнаење или неинформираност е во директна колизија со јавувањата на медиумите (на кои веќе посочивме) за презентациите на македонските централни власти во соработка со претставниците на надлежните меѓународни инситуции токму пред локалните власти и население. Уште повеќе, ако се има предвид дека тоа се истите македонски министри и членови на македонската Влада кои ’биле повикани’ кај албанскиот Премиер!!!

Новинарите пропуштаат да опфатат и еден ваков след на размислување, во рамките на кој може да се постави прашањето и за тоа од каде увереноста на „Разбуди се“ дека македонските министри со албански етницитет нема да дозволат да се реализира проектот Луково поле? На ваков начин новинарите пропуштаат да ги воочат и поентираат индикациите дека дошло до влијание или дури и мешање во внатрешните работи на Република Македонија и тоа од албански политичари како од редот на позицијата така и од редот на опозицијата.

 

Има и други конвенции – оние за водите и правото на морето

 

Од јавувањата на македонските медиуми не е видливо дека нашите новинари се обиделе да ги согледаат ваквите импликации, или можеби бргу – бргу се увериле дека Македонија ја „згрешила“ работата и час поскоро треба да се корегира? Меѓутоа, и најповршниот преглед на меѓународната регулатива не дава короборација за таков пристап. Имено, дури и една така сеопфатна конвенција како што е Конвенција за водите на УНЕЦЕ, а на што се надоврзува и обемна практика, не зборува за неупотреба на водите или некаква апсолутна конзервација на статус кво во водните текови, туку зборува за контролирани и квалитетни облици на употреба на водите. И уште нешто повеќе: наспроти на обврските на Македонија по речните текови што се движат кон Албанија, стојат обврските на Албанија, како приморска земја, спрема Македонија како земја без излез на море, а што е регулирано со Конвенцијата за правото на морето. Кога новинарите би направиле еден ваков, највисок вид СПОРЕДБА на почитувањето на заемните обврски, придобивката во најмала рака би била суштинска перцепција за тоа како две, добрососедски земји излегуваат (или не излегуваат) во пресрет на специфичните потреби на другата земја! Понатамошното навлегување во ваква споредба во сферата на тнр. асиметричен реципроцитет, би можела да ги доведе новинарите до најразлични, па и провокативни констатации, а кои пак водат до нови и нови прашања. На пример, зошто Албанија не се впушта во борба Македонија да стане членка на Јадранската Иницијатива и преку една таква регионална организација колку–толку да ги компензира непогодностите што произлегуваат од отсуството на излез на море, но, затоа се чувствува погодена доколку Корабските води бидат национално употребувани?

 

Каква е улогата на бројноста на млацинствата?Никаква!

 

Извесно е дека бројноста на македонското малцинство во Албанија ни од далеку не соодветствува на бројноста на албанското малцинство во Македонија, но уште поизвесно е дека се помногубројни од, на пример, Самите, или малцинство во Норвешка. Значи, меѓународната зааедница се договорила за принципи, а не за бројки. Токму заради тоа што политичкото влијание, а со тоа и можноста за мешање во внатрешните работи на друга, посебно соседна држава расте, право пропорционално со бројноста на тоа малцинство. А, како што можевме да видиме од изнесените примери, и Албанија се труди да избегне некои свои меѓународни обврски, но, ако Македонија тргне во таква насока – тогаш е спремна и да се вмеша во нашите внатрешни работи токму користејќи го етницитетот како линија на дејствување. Притоа, се чини, базирајќи го своето дејствување на една не баш елаборирана теза: дека со акумулацијата на Корабските води, всушност, тие води наместо во Јонското ќе завршат во Егејското море. Од многу политички „шлагворт“ – јас не видов стручни објаснувања во оваа насока. Ниту, пак, видов елементарно критичен однос на нашите медиуми за албанските ставови и нивното користење на нашите внатрешни линии на креирање на јавното мнение и изградба на политичките ставови. Можеби новинарите немаат храброст да ги отвораат тие прашања, како и, на пример, прашањето зошто Албанија сѐ уште (како и Елинската Република) и упорно нѐ ословува со референцата (иако веќе стана членка на НАТО), за разлика од Бугарија, Србија и – Косово?

 

(Крај)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција